Завршени 75 отсто од градежните работи на автопатот Кичево – Охрид

Завршени 75 отсто од градежните работи на автопатот Кичево – Охрид
21.10.19   14:45

Прочитано : 601

Print This Article

Првите километри од автопатот Кичево – Охрид ќе бидат пуштени во употреба наредната година, додека целокупниот проект е предвидено да се заврши до 30 јуни 2021 година како краен рок за изведба на автопатот. Вкупниот прогрес на градежните работи на делницата во моментов е 75,42 отсто, а пробиени се околу 96 отсто од трасата.

По одобрувањето на дополнителните средства за изградба на автопатската делница, во тек е постапката за потпишување на заемот со кинеската Ексим банка. Овие средства ќе овозможат непречена и забрзана работа на изведувачите во наредниот период, а до септември 2020 година ќе се докомплетира проектната документација за автопатот Кичево – Охрид.

Тунелот „Пресека“ во изминатиов период беше целосно пробиен, завршена е примарната конструкција на објектот, при што во моментов се довршува секундарната конструкција. На автопатот е извршено асфалтирање на новата траса со прв и втор асфалтен слој и е рехабилитиран коловозот на постојниот магистрален пат, во вкупна должина од над 29 километри.

– Се работи на земјани работи, завршени се 142 пропусти, на 5 пропусти се работи, завршени се 21 потпорни ѕидови, а на 11 потпорни ѕидови се работи, се работи на 3 мостови и на 28 вијадукти, се работи на 12 натпатници и потпатници и се работи на клучките Арбиново, Издеглавје, Ботун, Мешеишта и Подмоље – велат за „Мета.мк“ од Јавното претпријатие за државни патишта.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески веќе најави дека изведувачите ќе направат напори автопатот на потегот од селото Врбјани до Охрид да биде пуштен во употреба догодина.

Автопатот Кичево – Охрид е дел од паневропскиот Коридор 8, чија изградба чини 598 милиони евра. Изведбата на проектот започна на почетокот од 2014 година, а поради бројните пропусти и недостатоци во проектната документација финалниот рок за неговото пуштање во употреба беше продолжен до средината на 2021 година.

Мета

  Категории:
view more articles

Останати вести