Законот за употреба на јазиците и Европското првенство во ракомет

Законот за употреба на јазиците и Европското првенство во ракомет
17.01.18   21:49

Прочитано : 1,468

Print This Article

Човек не може да остане рамнодушен и индиферентен спрема критиките и навредите кон мојата драга колешка Беса Арифи, упатени од одредени професори, а по однос на нејзината колумна која се однесува на Законот за употреба на јазиците. Не дека јас треба да ја штитам Беса, таа нема потреба од моја заштита, туку заради вредностите кои таа ги промовира, а кои ни се заеднички.

Усвојувањето на Законот за јазиците поттикна многу дебата во Република Македонија, а и во регионот. И пред усвојувањето, кога ваквиот закон беше само идеја и дел од Заедничката Декларација на албанските политички партии, постоеше критична маса против усвојувањето на ваков закон. Сепак, парламентарното мнозинство беше одлучно во усвојувањето на законот и во унапредувањето на употребата на албанскиот јазик како службен јазик, додека опозицијата и дел од македонските интелектуалци остануваат на ставот дека тој не требаше да се усвои, односно да се повлече. Се предлага Претседателот да стави вето (кој се изјасни дека нема да го потпише указот), односно Уставниот суд да го укине (ако Законот стапи во сила).

Како начелни критики против законот се набројуваат дека тој е усвоен во спротивност со процедурата за усвојување на закони (поради носењето на европско знаменце); дека не е во согласност со Уставот; дека не е во согласност со меѓународното право; дека ги дискриминира јазиците на другите помали етнички заедници; дека го занемарува македонскиот јазик; па дури и тие банални аргументи дека води кон федерализација на државата (што теоретски не е можно).

Но, во суштина, ваквите “критики” водат корени од еден друг проблематичен концепт, а тоа е идејата дека Македонија е национална држава на македонците. Според овој концепт, прво, другите заедници треба да се третираат како малцинство во Република Македонија (било да се и 30% во целата територија и доминантно население во дел од територијата на државата); и второ, како продолжение на првото, службен јазик во Република Македонија е само македонскиот, додека другите јазици се малцински јазици и треба да имаат таков статус, што начелно значи да се користат само во приватната сфера (иако еден јазик на една заедница доминира во употребата и комуникацијата помеѓу поединците во дел од територијата на државата). Поради овој концепт, еден дел од македонците (и македонски интелектуалци) не можат да ги прифатат Албанците како еднакви на нив, не можат да ги прифатат како еднакво вредни (морална дилема) и со еднакви права, што како последица ја има дискриминацијата спрема Албанците (вклучувајќи и говор на омраза кон нив во форма на “гасни комори за Албанците”, “мртов Албанец е добар Албанец” и слично).

Проблематичниот концепт за кој зборувам се рефлектира историски во политиките на властите на оваа наша држава, од поранешниот комунистички систем, политиките на СДСМ во деведесеттите години (преамбулата на Уставот, македонскиот јазик како единствен службен јазик, укинувањето на средните училишта на албански јазик, протести против отворањето на Педагошкиот Факултет на албански јазик, недозволувањето до 2001 година на универзитет на албански јазик и слично), но и репресивните политики на власта предводена од ВМРО кон Албанците (особено преку опструкција на имплементацијата на Рамковниот договор, говорот на омраза толерирано од властите, монтираните судски процеси против Албанците).

Ваквите погрешни политики имале за цел (или последица) асимилација на Албанците, а бидејќи тоа не можело природно да се постигне, ваквите политики доведуваат до тоа Албанците да не бидат (и да не се чувствуваат) еднакви граѓани во Република Македонија. Поради тие погрешни политики, исто така се создава одбивност кај Албанците (не поради нивна вина) спрема самата држава и нејзините елементи и симболи. Само како пример, Албанците секогаш прават разлика дали е нешто “македонско” или е “на Македонија”. Така, кога зборуваме за државјанство, не велиме “македонско државјанство”, туку “државјанство на Македонија” (исто и со Академијата на науките и уметностите и други безброј примери). Понатаму, Албанците не го сакаат знамето на Македонија затоа што тоа нема ништо заедничко со Албанците и нивниот идентитет; Албанците не ја сакаат химната на Македонија, затоа што таа зборува само за “македонскиот народ”, а не за Албанците или другите заедници; Албанците не ги интересира премногу ниту името на државата, затоа што ништо не може да биде “полошо од ова” име (освен поекстремни варијанти кои се невозможни).

За да се сменат ваквите политики на власта, потребна е промена на свеста кај луѓето, а се надевам дека ваквите дебати придонесуваат токму кон тоа. А и новата влада ветува дека ќе има друг пристап кон прашањето на Албанците во Македонија, преку ветувањето за граѓанска држава, со “живот за сите”. Можеби треба да се размислува за промена на Преамбулата, како прв чекор. А знамето и химната?

Прашањето на унапредувањето на албанскиот јазик како службен јазик, јас го гледам во таа насока, имено да се интегрираат Албанците, но не преку асимилација и преку наметнување на туѓи вредности, туку преку “акомодација на различностите”. Тоа значи да се постигне еднаквост и интеграција преку унапредување на посебните вредности на заедниците. Мојата позиција е едноставна: Република Македонија е држава на еднакви граѓани, кои можно е да зборуваат различни јазици. Ако државата смета дека е соодветно, може јазик на одредена заедница да го предвиди како службен јазик, било на централно или на локално ниво. Такви примери има многу, а најблиску е Косово која како унитарна држава има два еднакви службени јазици, на сите нивоа, и тоа албанскиот и српскиот (член 5, став 1 од Уставот на Косово). Од подалечните држави, Канада која е федерација, ги има англискиот и францускиот јазик како службени јазици, со “еднаков статус и еднакви права и привилегии”.

Ако државата има два или повеќе службени јазици, тоа во никој случај не се коси со граѓанскиот или унитарниот карактер на државата. Јазикот е само форма на комуникација и се гарантира како службен јазик заради потребата која произлегува од дадените околности и дадениот контекст на едно општество. Токму преку дозволувањето на употреба на јазикот на определена заедница како службен, се помага во интеграцијата на заедницата во општеството, но не преку наметнување да се употребува туѓ јазик (политика на асимилација), туку преку овозможување да се користи сопствениот јазик. Тезата дека сите треба да зборуваат еден јазик, македонски, кој наводно е “обединувачки фактор” во Македонија, е теза која промовира асимилација.

Затоа, нека биде Законот за употреба на јазиците мерка за интеграција на Албанците во општеството, интеграција не преку асимилација и преку наметнување на вредностите на мнозинството (вклучувајќи го и јазикот), туку интеграција преку зачувување и унапредување на сопствените вредности, како што е Албанскиот јазик.

Но, каква врска има Законот за употреба на јазиците со Европското првенство во ракомет (како што гласи и насловот на колумната)? Па, помислив, можеби интеграцијата на Албанците ќе помогне, од идното европско првенство во ракомет (или било кој друг спорт), да почнеме и ние (Албанците) да навиваме за ракометна репрезентација на Македонија (читај меѓу редови). Благодарам на разбирањето.

 

ПС. За правните аргументи во прилог на усвоениот закон, во наредната колумна.

Др. Беким Кадриу

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести