Заев: Општеството треба да се ослободи од стигмата и дискриминацијата на лицата со попреченост

Заев: Општеството треба да се ослободи од стигмата и дискриминацијата на лицата со попреченост
16.05.19   16:30

Прочитано : 26

Print This Article

Нашето општество навистина треба да се ослободи од стигмата и дискриминацијата кон лицата со попреченост, но и кон сите останати кои на овој или оној начин се разликуваат од нас, истакна премиерот Зоран Заев на денешната меѓународна научно-стручна конференција „70 години – организирана едукација, рехабилитација и вработување на лица со попреченост во Република Северна Македонија“.

Како покровител на конференцијата што се одржа во Битола, претседателот на Владата, потсети на примерите за директна вклученост и работа во јавни институции на лица со попреченост и повика, сите институции да го зголемат бројот на нововработени лица со попреченост во двата сектора.

– Повикувам на зголемување на свесноста на целокупното општество за овие луѓе. Тие се исти како и сите нас, само им е потребна поголема поддршка за да може и тие да се школуваат, а потоа и да се вработат. Бидејќи се мали примерите каде јавни и други институции вработуваат лица со попреченост, ја користам оваа прилика и упатувам насоки да се вработат колку што може повеќе лица со пречки во развојот, а тоа значи сите владини институции по вертикала надолу тоа да го направат, нагласи премиерот Заев.

Пораките што секојдневно ги пренесуваме како едукатори, доктори, експерти или политичари, додаде тој допираат до сите и затоа тие пораки треба да бидат пораки на заедништво, за прифаќање и почитување на различностите.

На меѓународната научно-стручна конференција во Битола се обратија и владините министри Мила Царовска, Арбер Адеми и Венко Филипче.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска потсети дека социјалната реформа е во тек и оти таа е сеопфатна.

-Како Влада можеме да кажеме дека политичката волја и нашите чекори покажуваат дека нашата заложба не е декларативна, туку таа е реална заложба за постигнување резултати во инклузијата на лицата попречености. Како држава во секој поглед ги почитуваме човековите права и затоа ние сме демократска држава, рече меѓудругото Царовска.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми, пак, најави ново законско решение за основното образование кое, како што рече, дава предност и предвидува повеќе новини поврзани со едукацијата на учениците со попречености. Со новиот закон, рече Адеми, предвидено е дополнително да се ангажираат и да работат и образовни асистенти, со што ќе се зголеми стапката на инклузија во сите училишта.

Пораки за заедничка активност и конкретни проекти на меѓународниот собир во Битола упати и министерот за здравство Венко Филипче и најави создавање услови за поголема и посоодветна пристапност на лицата со попреченост до здравствените установи.

-До март 2020 година ќе се спроведува пилотирање на новиот модел за проценка на дополнителната образовна, здравствена и социјална поддршка на дете и младинец, базиран на меѓународна класификација на функционирањето, изработен од УНИЦЕФ. Главната цел на пилотирањето е да се направи подготовка за имплементација на новиот модел и таа ќе се врши во скопскиот регион во кој покрај сегашните комисии ќе се формираат уште два нови регионални комисии и една национална стручна комисија, појасни министерот Филипче.

Меѓународната научно-стручна конференција „70 години – организирана едукација, рехабилитација и вработување на лица со попреченост во Република Северна Македонија“ завршува в сабота, до кога ќе бидат презентирани сите научни трудови публикувани во Зборник.

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести