Заев: Нешто чудно се случува во собраниска Комисија за избор и именување

Заев: Нешто чудно се случува во собраниска Комисија за избор и именување

Премиерот Зоран Заев во пресрет на денешната собраниска седница на која требаше да бидат потврдени двата нови члена на Судскиот совет, во интервјуто за Нова ТВ, истакнал дека граѓаните треба будно да следат сѐ што се случува во Собранието.

„Секој нека си носи одговорност. Граѓаните треба будно да следат што се случува во Собранието. Да не изберете член на судски совет Македонец, Албанецот да го изберете. И двајцата кандидати се мои сограѓани, но пораката отвора дилеми и за мене и за граѓаните. Зошто, кој, како и каде се договорил. За едно место се дава пас, за друго место не. Јас не знам што се случува во парламентот. Штом добијам информации, гласно ќе зборувам доколку се потврди дека има спрега за блокирање на процесот за враќање на правото и правната држава. Таму, во секој случај нешто се случува“, вели Заев кој нагласува дека Комисијата во која мнозинство има опозицијата (седум члена) додека владејачката коалиција СДСМ-ДУИ шест, ги блокира и Законите за медиуми, блокира избор на Програмски совет на националниот сервис, на АВМУ, членови на судски совет, членови на Обвинителски совет и други контролни функции.

Заев, меѓудругото, апелира и до овој состав на Судскиот совет да ги употреби сите алатки што ги има на располагање за да се случи неопходното проветрување.

„Јас ни знам кои точно судии се дел од Судскиот совет, но сакам да си го завршат тоа што им е обврска според законот. Имаат прекрасна шанса да стават печат дека тие, во време кога ја добиле честа, направиле прочистување во судството. На располагање им е проверка на судир на интереси, фамилијарната поврзаност, личните интереси. Сето тоа е вградено во новиот Закон за судовите што го донесовме“, додава премиерот.

На денешната пленарна седница во македонскиот Парламент се очекува да бидат избрани Весна Дамева и Селим Адеми за нови членови на Судскиот совет, откако нивните кандидатури минаа на собраниската Комисија за избор и именување. Тоа го потврди и пратеникот Мухамед Зекири, кој како и Заев го оцени како „чуден“ епилогот од последната седница на Комисијата за избор и именување во Собранието.