Заев: Македонија се враќа од Познањ со грант од 43 милиони евра

Заев: Македонија се враќа од Познањ со грант од 43 милиони евра
5.07.19   18:03

Прочитано : 407

Print This Article

Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција во Познањ најави дека Северна Македонија од самитот за Западен Балкан што се одржа во овој град се враќа со грант од околу 43 милиони евра за три проекти.

-Крајно сме благодарни за новиот пакет за поврзаност кој денеска беше објавен од Европската комисија и кој опфаќа три проекти од огромна важност за Република Северна Македонија, во вкупна вредност од околу 42,7 милиони евра, изјави Заев на прес-конференцијата.

Едниот, во износ од 13 милиони евра, е интерконекторот меѓу Република Грција и Република Северна Македонија за снабдување со природен гас.

–Овој интерконектор е можеби најзначајниот енергетски проект во овој дел на Европа. Неговата реализација ќе значи можност, иднина, конкурентност, безбедност и сигурност при снабдувањето со природен гас. Државите од Западен Балкан до сега немаа можност за втор снабдувач. Со овој интерконектор РСМ ќе има можност за пристап до огромни количини природен гас- 3,5 пати поголеми количини од сегашниот капацитет, изјави премиерот.

Тој истакна дека Македонија ќе се заложи овој проект да продолжи и кон Косово и Србија, со што, според него, ќе се зголеми енергетската независност на државите од Западен Балкан, но воедно и меѓусебната поврзаност.

Вториот проект, од околу 3 милиони евра се доделени за изградба на заедничкиот железнички граничен премин и патен пристап на Табановце на границата меѓу Република Србија и Република Северна Македонија, а околу 28 милиони евра и се доделени на Македонија за изградба на автопатот А4, отсек БЦ „Блаце“- Скопје.

–Овој проект е придонес кон подобра поврзаност во Коридорот 8 и како продолжение на завршениот автопат Приштина- Блаце до нашата граница. Сите овие проекти имаат вредност и корист за целиот регион и ќе имаат позитивен ефект врз раздвижувањето на економијата и олеснувањето на патувањето на луѓето, изјави премиерот Заев.

Освен грантот, премиерот рече дека е почестен што идната година Северна Македонија ќе биде ко-претседавач на шестиот самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, заедно со Бугарија. За прв пат ваков самит ќе биде организиран од страна на земја-членка на ЕУ заедно со земја-кандидат за членство во ЕУ.

-Добивме една голема чест, шестиот самит ќе се одржува во земја кандидатка од сите земји кои што се кандидатки токму во Северна Македонија, ќе ко-претседаваме со пријателска Република Бугарија, тоа значи двата дена, едниот ќе биде кај нас, другиот во Бугарија, ќе се организираме да бидеме добри домаќини, тоа потврдува и дека стануваме сопственици на берлинскиот процес, изјави Заев.

view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести