За професорката

За професорката
13.04.19   13:39

Прочитано : 3,035

Print This Article

Почитувани, изгледа кај нас, во нашата Македонија и професорите прават сериозна “злоупотреба на својата службена положба и овластување“, да не ве чуди, тоа секојдневно го гледаме. Секој што има титула професор, може што сака да каже, онака од ракав и без врска, а притоа око да не му трепне.

Ова мора да се промени, на ова мора да работиме сите заедно и да дадеме свој придонес да не биде така. Еве се изнаредија многумина аналитичари, експерти, нешто да ја прашуваат професорката Силјаноска, кандидат за претседател на Република Северна Македонија, околу некои прашања и тези кои таа ги промовираше, па редно е да и поставиме неколку прашања и да расчистиме некои работи.

Имено, деновиве низ разни дебати слушајќи ги луѓето од раководството на ВМРО-ДПМНЕ како ни објаснуваат дека професорката Сиљаноска е најдобар кандидат кој ќе победи на изборите, веќе полека како одминува кампањата стануваат свесни дека тоа е невозможна мисија. Но она што го забележав кај повеќето од нив, на почетокот на кампањава, удрија фалби дека добиле десетка на испит кај нејзе, па си викам ова све капацитет луѓе биле, све учени кој од кој. Некој ќе помисли и дека тоа било причината што ја избрале за кандидат, затоа што им ставила десетки. Секако да се пошегуваме малку не е лошо. Но како за беља, еве и јас деновиве барајќи некои стари документи налетав на мојот индекс од студентските денови и кога таму видов дека некаде на 30 мај во далечната 1998 година и мене професорката ми ставила десетка на испит, па си викам да се фалам или да молчам да не се правам паметен, како оние “експерти“ од раководството на опозицијата.

Пред две три години кога во еден текст пишував нешто за претседателот Иванов, што предизвика голем интерес тогаш, ме сретна на улица една професорка од Правниот факултет која сега е во пензија и ми упати честитки со зборовите “Браво, ама све си погодил што си напишал, сите молчат таму, ама се е така, алал да ти е“ и така си замина професорката.

Во тој период беше актуелна незаконската амнестија на Иванов, но некако под притисок на сите нас тој ја повлече онаа незаконска “амнестија“, а гледам сега пак го лажат некои други адвокатчиња дека имал право да помилува, ама не му кажуваат од каде му е тоа право, било дискреционо, ма ајде молим те. Мој совет е да не наседнува на вакви дубари зашто го лажат, ако не верува нека ја праша професорката Силјаноска дали има право да помилува. Но тој веќе разбира, да можеше веднаш ќе го направеше тоа, што мислите вие, ќе чека? Ама тоа не е најбитно на крајот на краиштата. Што и да направи во врска со тоа ниту една институција нема законска можност да постапи по неговата незаконска одлука, така да тој филм веќе е завршен. Но што ми беше зборот? Да, меѓу другото тогаш за претседателот Иванов напишав дека вмровците се мајстори да направат со пропаганда од мравка слон, па така и Иванов ни беше претставен како некој голем научник, професор, почитуван секаде, кај нас и во светот, што немаше врска со реалноста, се беше во функција на пропагандата.

Е сега кај професорката Гордана Силјаноска ситуацијата е поинаква. Таа за разлика од Иванов е автентичен професор, може да се каже и научник, со доста вложен научен труд и дела зад себе и од тој аспект може да се каже дека таа е далеку поквалитетен и неспоредливо постручен кадар од Ѓорге Иванов и од тој аспект ја почитувам. Но, има едно големо Но. Проблемот со Силјаноска е што таа е влезена во едно лошо друштво, друштво кое заради свој опстанок ќе се обиде до крај да ја упропасти, заедно со нејзината кандидатура за претседател. Тие сакаат преку Силјаноска да ја промовираат нивната политика која мнозинството народ не ја поддржува, односно сакаат од нејзе да направат претседател и имате ситуација како слон кога ќе влезе во стакларница се ќе испокрши. Па така и сега. Кога ја слушам што зборува во оваа изборна кампања не можам да не се изначудам и навистина мислам дека се ќе испокрши и тотално ќе се девалвира како научник. А за да не крши повеќе се пред себе и тоа да не делува смешно еве да и помогнеме.

Знаете тешко е кога сакате како научник да избуткате некои тези во функција на политиката а при тоа сте свесни дека не е така, ризикувате да се ставите во ситуација на потсмев кај другите, кои горе доле ги разбираат овие работи, некој повеќе, некој помалку. Но од друга страна ова е она што го кажуваме како “злоупотреба на службена положба и овластување“ од страна на професорите затоа што нивниот збор и мисла различно се перцепираат кај граѓаните, сосема поинаку од колку кај политичарите, секако со голема доза на уверување дека тоа е така затоа што професорот е стручен и тој по дефиниција мора да знае, но дали е така? Овде кај нас секако не.

Имено, Кога професорката Силјаноска ќе каже дека ќе го поништувала Преспанскиот договор или мирно ќе го ревидирала, ако била избрана за претседател, многумина и ќе поверуваат, но тоа е глупост сама по себе која моравме да ја објаснуваме. Мораше да се објаснува дека меѓународен договор не се поништува така еднострано како ќе му текне на некој и за тоа постојат сосема други правни правила и процедури кои ги објаснував минатиот пат. Битно е сега дека таа се повлече од оваа нејзина теза и призна дека таа не може и нема механизми да го поништува договорот туку ќе си го признае, ќе ја признае и Република Северна Македонија и така и ќе се обраќала сега и тоа ни призна, ама веќе многу луѓе и поверуваа дека ќе поништувала договори, но гледате од ова ништо нема да биде. Ама мирно ревидирање и остана, иако никој не знае што значи тоа. Лажги со опашки или пу пу не важи. Има уште доста работи кои се дискутабилни и неточни во целост а професорката гледам ги раскажува по митинзи па уште им држеше лекции на другите двајца кандидати во оној ТВ дуел на Телма. Ајде да видиме по ред.

Така ни раскажува уште професорката дека договорот од Преспа не бил симетричен туку бил асиметричен.

Професорке? Каде сте виделе и слушнале за симетрични и асиметрични договори. Такво нешто не постои. Не знам дали сте толку фасцинирани од Ристо Никовски кој исто така го повторува овој поим, ама ај он не разбира, ама Вие сте професор и тие работи треба да ги знаете. Имено, кога се преговара со добра верба како некое основно начело, се бара решение кое ќе биде избалансирано за двете страни, тоа значи дека двете страни ќе бидат подеднакво задоволни или подеднакво незадоволни. Балансираност не значи симетричност туку битно е во преговорите двете страни да постигнат некое решение во некоја точка која за нив е значајна, (како што беше за нас јазикот, народот и кодот да бидат македонски) односно нашиот идентитет, при тоа нема врска дали договорот е симетричен или не е, тој вообичаено е несиметричен кога преговараат две страни различни по својата позиција и моќ во меѓународни рамки, веројатно ова го разбирате, дека не постои симетричен и асиметричен договор.

Понатаму ве слушам дека постојано велите дека со овој договор е прекршено меѓународното задолжително право, јус когенс,(ius cogens). Со ова само правите забуна кај луѓето и ништо нема да постигнете. Ало, на митинг се наоѓате, треба да Ве разбере некој. На обични луѓе земјоделци им раскажувате за јус когенс норми и за процедури во ООН а при тоа и самата до крај не ги разбирате. Мнозинството граѓани и не знаат што значи задолжително меѓународно право ама мислат дека е така како што кажувате. Епа не е така. Не затоа што јас викам, ама така пишува во книгите. Каде видовте дека со овој договор е прекршена некоја јус когенс норма, односно каде ја гледате основата за ништовност на овој договор поради прекршување на јус когенс, задолжителното меѓународно право? Велите дека тоа е направено преку оспорување на нашето право на самоопределување. Демек не ни дозволиле да си го користиме нашето уставно име, приморани сме да го промениме, па ни го прекршиле правото на самоопределување, некако така гледам размислувате. Ма дајте не ги манипулирајте луѓето професорке. Какво право на самоопределување со овој договор ни е нас прекршено, ве молам. Па правото на самоопределување подразбира нешто сосема друго и никој никогаш не ни го ускратил, ниту пак може да ни го ускрати. Апсолутно никој нас со сила не ни земал нешто или не принудил на нешто што ни припаѓа како држава, туку напротив, да склучувате договор со цел да влезете во некој сојуз на држави е токму ваше право на самоопределување а не обратно. Ова е голема манипулација и имате одговорност како професор кога ја кажувате оваа работа затоа што луѓето Ви веруваат како експерт пред се. Договорот е изразена согласна волја на две страни, каква присила Ве молам. Што се однесува на онаа теза која некогаш пак ја застапувате иако ретко, околу институционално решавање на името преку органите на ООН, веќе сто пати ја објаснувавме дека е утопија, веројатно се уверивте. Не сме погрешиле воопшто и во тоа се уверија сите, влеговме во директни преговори за името и успеавме за кратко време да го решиме овој спор кој три децении не држеше и ни беше јамка околу вратот, сега мора да се поклоните и да признаете дека оваа влада и нашата дипломатија успеа да заврши голема работа, ако имате доблест ќе признаете. Оваа теза со самоопределувањето е исто толку голема измама како онаа со референдумот од 1991 што ја повторуваше онаа будалетинка од Левица, што го избркаа и од таму. Демек референдумот од 1991 бил се уште на сила затоа што таму сме биле суверена и самостојна Република Македонија, со поддршка од над 92 % од излезените граѓани. Ама не кажува дека и со право да стапиме во сојуз со другите Југословенски држави стоеше во референдумот. Ма едно со друго нема врска, добро е што бар Вие малку повеќе разбирате и не ја злоупотебувате оваа глупост.

Има уште многу работи за кои можеме да разговараме, кои ги слушаме на митинзите ама една работа се уште не ми е јасна до крај, не знам кој ја лаже уште професорката дека македонскиот народ и давал голема поддршка, кои се тие анкети не знам.

Професорке, нека не ве лажат, мислите дека оние 670 илјади граѓани што излегоа на референдумот би сакале повторно да се вратат во онаа Македонија каква што беше пред 27 април? Па бар половина и од ВМРО-ДПМНЕ не сака Вие да победите за Мицковски да им биде шеф, ќе ве бојкотираат и поради него, бидете убедени во тоа. Не може на сиот глас да врескате за правда, а да поддржувате една политичка гарнитура која се уште силно се бори за неправда. Една нереформирана политичка клапа која се што работи оваа година и половина е тоа како да направи криза во државата, ништо друго не ги интересира. Каква правда, каков патриотизам, каква Македонија, какви будалаштини, ги знам многу подобро од Вас.

Велите уште и правда за Македонија. Па татковината повикува. Каде повикува татковината, со Вас заедно во изолација, не благодарам. Па има ли поголема правда за Македонија од тоа кога ќе Ви кажат дека Вашата земја е пример во регионот и се движи забревтано напред, дека е светла точка во регионот, тоа е правда. Не е правда кога ќе Ви кажат дека сте во ќорсокак. Правда е кога ќе седнете на иста маса со најсилните и најмоќните, кога граѓаните конечно гледаат светло во тунелот, ете тоа е правда.

И знаете што, добиваме преговори во Јуни дефинитивно, не ние туку нашата земја.

Токму затоа тешко дека ќе добиете голема доверба на претстојните избори. Македонците веќе не веруваат на лажни патриоти. Македонците веќе гледаат само напред. Ќе се уверите на 21 април.

м-р Глигор Стоименов

  Категории: