За 8 Септември 1991, за генералот, за многу други работи

За 8 Септември 1991, за генералот, за многу други работи
7.09.19   15:31

Прочитано : 1,209

Print This Article

Пред секој 8 септември, денот на нашата независност, обично ми навираат сеќавања од оној 8 септември 1991, на луѓе и настани кои ми се длабоко врежани во мојата меморија и никако не можам да ги заборавам. Сепак имав само 15 години, но добро паметам се, а ова е едно мое видување на тие времиња.

Се сеќавам и нема да заборавам на тој датум 26 јуни 1991 година. Мислам дека беше среда кога татко ми не дојде дома на ручек и се врати многу доцна од работа. Тој беше висок офицер во тогашната ЈНА и кога дојде дома ни соопшти дека ситуацијата во Југославија е многу сериозна, а она што го гледавме на екраните беше всушност почеток на војна. Ние бевме генерација што не знае што е војна. Од тој ден веќе не беше ништо исто како пред тоа. Ни се растури некако убавото и безгрижно лето кое беше пред нас. Војната полека земаше замав, од Словенија конфликтот се премести во Хрватска. Иако беше далеку од нас сето тоа некако се чувствуваше во воздухот таа напнатост и загриженост помеѓу луѓето. Сите се прашуваа што ќе биде, што ќе се случува со нас. На телевизија гледавме нешто што само до пред неколку месеци не можевме ниту да замислиме, воени дејствија, авиони, тенкови, пукотници и жртви на сите страни. Почна да станува страшно.

Втор датум од тој период кој ми е врежан во моите сеќавања е 11 октомври 1991. Војната во Вуковар веќе полека почнуваше и се уште никој не знаеше каква трагедија ќе го снајде овој убав град. Беше празник, 11 октомври, бевме заедно со едни комшии во нашата викендица, кога попладнето некаде околу 17,00 часот пред нашата капија се паркираше воен џип. Од него излезе еден млад војник кој беше возач и со него еден колега на татко ми, исто така полковник, висок офицер, го познавав. Влезе се поздрави со сите нас и го замоли татко ми да прошетаат малку да поразговараат нешто. Поразговараа кратко, само петнаесетина минути, гостинот повторно се поздрави со нас и кажа дека има некоја работа и мора да замине. Татко ми ги испрати и кога заминаа ни соопшти дека мора за два дена да замине во Хрватска. Тогаш сите рипнавме онака изненадено, па наеднаш следуваа безброј прашања: па како во Хрватска, каде во Хрватска, па таму е војна, па не оди човеку му рече веќе онака очајно и налутено мајка ми. Татко ми и одговори ,, Аман жено што ти е тебе, па јас сум војник, сум дал заклетва“. Да, сум дал заклетва и мора да заминам за два дена и одговори сега веќе отсечно татко ми на мајка ми. Ќе заминам во Книн, така побарал командантот на Книнскиот корпус, токму јас да дојдам и наредбата е од горе, од Белград, треба да бидам таму на одговорно место. Ако е војна, не е толку страшно, не се секирајте, ќе Ви се јавувам, ни рече татко ми онака да не утеши. Сега следуваше она друго потпрашање од мајка ми кое можеби е глупаво, абе зошто баш ти да одиш таму, па зар немаше некој друг од Македонија или од Србија да оди на тоа место. Зошто тебе те бара командантот? Не знам и одговори татко ми. Тој кога беше тука во Скопје знаевме често да се расправаме, но имаше голем респект спрема мене и веројатно тоа е причината што ме бара за помош. Подоцна командатот стана генерал, па заврши неславно како бегалец и осуденик во Хашкиот Трибунал, затоа овде ќе го нарекувам генералот. Наредниот ден во раните утрински часови татко ми замина. Се јавуваше редовно од таму кога имаше можност, ни кажа да не се грижиме дека се е под контрола и дека ќе си дојде на неколку дена во Скопје пред Нова Година. Се јавуваше понекогаш и генералот да ни каже дека на татко ми му е многу добро таму, има се што му треба, дека треба да остане со ЈНА доколку војската замине од Македонија и уште ни кажуваше дека ќе биде недостоинствено за таков офицер како него да остане во земја од која нема да биде ништо, мислејќи на Македонија и земја која тешко дека ќе направи своја армија. Тој притисок за да се селиме од Македонија се зголемуваше се повеќе. Кога виде генералот дека тешко ќе може така лесно да го убеди татко ми да остане таму со него, се обиде да влијае преку мајка ми, веројатно мислејќи дека ќе му успее она старо правило дека жената може лесно да го убеди мажот. Па така еднаш се сеќавам дека разговарал со нејзе телефонски додека таа била на работа, ја замолил да се обиде да го убеди татко ми дека е добро да се преселиме во Белград каде што таа ќе добие добра работа таму, а тој високо место во армијата. Татко ми се врати после неколку месеци од Книн, во почетокот на 1992 година и ни соопшти дека нема повеќе да се враќа таму, завршил веќе со генералот и нема да се селиме никаде, остануваме во Македонија, па и по цена да нема повеќе што да работи, затоа што армијата се распаѓаше веќе, ,,ако треба ќе работам и земјоделие нешто“ ни рече онака одлучно и спремно.

Дојде пролет, беше април 1992. Една вечер се врати доцна од работа. Беше некако среќен. Ќе има македонска армија, ни соопшти на сите, така се договоривме на состанокот. Ги слушав што зборуваат со мајка ми, тој почна да кажува како поминал состанокот, кој се бил присутен на тој состанок, иако мене тие имиња не ми значеа ништо, беа непознати за мене, го памтам само името на генералот Митре Арсовски кој бил на тој состанок, за другите немав слушнато. Така некако заврши овој неизвесен и тежок период за мене и моето семејство.

Како гласавме на референдумот 1991

Но за време на овие настани за кои пишував кај нас се случи и референдумот на 8 септември 1991 година, токму во време кога се разгоруваше воениот конфликт во Хрватска. Јас бев малолетен и немав право на глас, но ги слушав постарите што зборуваат како и многумина кои излегоа тој ден да гласаат на референдумот. Ова е исто така едно мое видување и мои размислувања за сето она што се случуваше на тој 8 септември 1991 година, секако гледано од денешен аспект.

Референдумското прашање беше Дали сте за самостојна и суверена Република Македонија со право да стапи во иден сојуз со другите југословенски држави. Ајде сега да бидеме реални и да признаеме. Прашањето беше маестрално смислено за да успее референдумот. Денес многумина како да сакаат намерно да го заборават овој втор дел од референдумското прашање “со право да стапи во иден сојуз со другите Југословенски држави“. Тој втор дел од прашањето беше направен така затоа што многу наши граѓани се уште беа силно определени за Југославија и веруваа во некаков нов модел кој ќе донесе решение на оваа криза, нешто сличен на онаа платформа “Глигоров-Изетбеговиќ“, која беше отфрлена, за некаква Југословенска конфедерација, едноставно се надеваа на некоја Нова Југославија. Да точно е, поголемиот дел од македонците последни се откажаа од Југославија, се бореа и веруваа до крај. Токму затоа мислам дека прашањето беше одлично склопено и референдумот успеа затоа што во него се пронајдоа и Југословените и оние кои беа вистински за самостојна Македонија. На крајот сето тоа и не е толку важно кој за што гласал на референдумот. Значајно е тоа што успешниот референдум ни беше понатаму добра основа за донесување на нашиот нов устав во ноември 1991 и беше исто така значаен во преговорите за повлекување на ЈНА во 1992 година каде што волјата на големото мнозинство народ излезено на референдумот беше ставена на маса пред генералите како основа за мирно повлекување на армијата од Македонија. Инаку мислам дека најголема заслуга за тоа што сепак ЈНА се повлече од Македонија без војна има овој мирољубив македонски народ кој не сакаше и не беше спремен за конфликт, немаше критична маса за такво нешто, како и големиот авторитет и знаење на Киро Глигоров во преговорите со генералите на Благоја Аџиќ. Секако тука има и мало влијание онаа мала симпатија на Југословенските генерали кон овој мирен народ кој никогаш не учествувал во некои големи воени конфликти и тие некако гледаа благонаклонето кон ова, односно имаа желба да се договорат се да се заврши по мирен пат. Но и тогаш како и сега, иако се помалку, имаше некои кои го прогласија Киро Глигоров за предавник што дозволил ЈНА да замине со целото оружје од Македонија па некои се уште и денес мислат дека сме требале да се спротивставиме, ако требало и во војна да влеземе, но тоа само на зборување им остана, каде беа тогаш, незнам колку биле спремни да војуваат, но ние сепак немавме народ за да гине. Денес после 28 години скоро сите полека признаваат дека Киро сепак беше во право.

Прле и Тихи од нашата улица

Кај нас вообичаено стана пракса и тоа ми е посебно интересно, еден куп луѓе, поранешни политичари, поранешни вмровци, некои офицери од тоа време, пред секој 8 септември, како да сакаат посебно да се истакнат, па ќе почнат да ни раскажуваат приказни за тоа како тие во тоа време храбро се спротивставувале на ЈНА, па правеле разни трикови, сплетки, па краделе списоци, оделе скришно ноќе преправени да ги следат воените возила на ЈНА, правеле разни блокади, некои пак своите фантазии во книги ги опишаа, во разни мемоари итн. Ги слушам и некои офицери од тоа време кои напредуваа со високи чинови и подоцна станаа генерали во македонската армија како паламудат нешто, но да останеа во ЈНА немаше да добијат повеќе од чин капетан, односно капетан прва класа, па сега нешто ни кажуваат какви војници биле и какви патриоти македонски станале, абе кажуваат се и сешто. Ќе Ви кажам нешто искрено што мислам за тоа. Мало сутра дека било така. Смешно ми е по малку и сето ова ме потсетува на Прле и Тихи во “Отпишаните“ кога се зафркаваа со Германците. Тоа е исто како она кога вмровците сакаат да го нервираат Љубчо Георгиевски дека не бил основач на партијата туку дека некои други биле тие “момци“. Па они имале силна дијаспора од многу дисиденти и патриоти, па таму во Берлин во некоја кафеана ја направиле партијата, иако биле силно попречувани и следени од УДБА, тие храбро се спротивставувале на тоа и успешно ги надмудрувале службите. Пази молим те. Ама на ова прашање им одговори оној Божидар Спасиќ поранешен началник во таа УДБА, односно СДБ, кој на прашањето на македонскиот новинар зошто македонската дијаспора не била воопшто интересна за УДБА тој му одговори дека тие биле минорна група на луѓе кои воопшто не претставувале никаква опасност за Уставниот поредок на СФРЈ, односно како што кажа тој ќе го цитирам: ,, Ви сте били задња рупа на свиралу“.

Ајде да не се лажеме. Денес е лесно сите да се јуначат и да си раскажуваат разни приказни за мали деца. Во тој период ЈНА беше страв и трепет. Тоа најдобро го опиша еден професор, поранешен министер во тоа време кој вели ,,Абе не смеевме да писнеме, шепотевме на состанок во влада за да ЈНА не може да не слушне“, се шепотеше секаде, во Влада и во Собрание, вели професорот. Сето ова е точно. Сите беа скриени во некои дупки и се плашеа да не дојде до воен удар и да не бидат уапсени од страна на војската, такво беше тоа време. Едноставно немало или не дошло до реализација на некаков план или наредба за воен удар па затоа и се ова се заврши така како што се заврши, не дека нашиве нешто ќе направеле. Но некои нови Прле и Тихи верувам дека и овој 8 септември ќе се појават и ќе ни раскажуваат за тоа време како биле многу храбри и како ја надитриле и ја поразиле ЈНА. Останува да ги чекаме и тие нови приказни.

Денес еве 28 години после тоа можеме да кажеме дека направивме многу работи и треба да бидеме горди на тоа. Среќен сум што не се остварија предвидувањата на генералот дека од оваа држава нема да има ништо и тешко дека ќе имаме своја армија. Еве Македонија не само што е самостојна држава туку има и своја армија која е пред вратите на НАТО.

Епа генерале скроз ја утна работата.

Длабоко сум убеден дека денес тие кои не обвинуваат за некакво предавство во врска со промена на името за да влеземе во НАТО, после дваесетина години ќе разберат дека историски гледано тоа е најпаметното решение кое сме го постигнале, исто онака како што некои дури сега го разбраа Киро Глигоров кога се согласи Југословенската армија со целото вооружување без војна да се повлече од Македонија.

Сето ова е едно мое видување на некои настани кои се случија во таа далечна 1991 година, кога сум бил се уште дете, настани на кои се присетувам на секој 8 септември.

Ви посакувам среќен празник.

м-р Глигор Стоименов

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести