Вуцис – Димитров : Преспанскиот договор беше вистинскиот потег за добрососедство

Вуцис – Димитров : Преспанскиот договор беше вистинскиот потег за добрососедство
15.03.19   18:47

Прочитано : 103

Print This Article

Преспанскиот Договор беше вистинскиот потег за добрососедство и соработка. Ова е пораката што денеска ја испратија Претседателот на грчкиот Парламент Никос Вуцис и шефот на дипломатијата Никола Димитров.

Ратификувана спогодба ги отвори вратите за соработка во економскиот,комерцијалниот, туристичкиот сектор, кажа спикерот на грчкото собрание и најави можно формирање на комисии меѓу парламентите на Грција и Северна Македонија.

Грчкиот Парламент во исто време е и местото каде набрзо може да се направат чекори за формирање парламентарни комисии на пријателство меѓу пратениците од двата парламента, каде, исто така, може да се направат сите чекори што се однесуваат на напорите дали за финализирање на процесот на членство на вашата земја во НАТО, дали за чекорите во следните години што се однесуваат на интеграцијата на сите земји од Западен Балкан, но и на вашата земја во Европската унија. Тоа се вашни чекори, вие ќе се движите, но ние, колку што можеме ќе помогнеме, кажа Вуцис.

Димитров пак истакна дека е горд што ставил потпис на Спогодбата на 17 јуни во село Нивици. Ќе ги убедиме сите политички партии и јавното мислење од двете страни дека Договорот е за доброто на двете земји, кажа министерот.

– Ние веќе работиме на посетата на Алексис Ципрас. Направивме нешто извонредно, се уште тешко за двете земји, но отворивме огромен потенцијал за иднината. Борбата против табуата е тешка, но ова беше вистинската работа. Имаме толку многу да добиеме. На Преспанскиот Договор треба сите да бидеме горди, па дури и противниците, времето ќе ги убеди, изјави Димитров.

За време на средбата пратеникот Касидијарис Илиас од Златна Зора се обиде да иницира инцидент. Се  појави пред кабинетот на Вуцис и викаше дека Македонија била грчка.

Инаку на покана на поранешниот  министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, министерот Димитров ќе учествува на дводневната академска конференција на Универзитетот во Пиреја. Тој ќе се обрати утре на панелот „Трансформацијата во Југоисточниот Медитеран“, заедно со поранешните министри за надворешни работи на Бугарија и Албанија, Даниел Митов и Дитмир Бушати.

Лепа Џундева

  Категории: