Втор обид

Втор обид
23.03.19   15:01

Прочитано : 1,531

Print This Article

Втор обид или втора мајка. Луѓето обично велат ако не успееш од втор обид сигурно од трет ќе успееш, односно од трета мајка.

Да, за жал почитувани за време на претседателските избори, преку бојкот во вториот изборен круг ќе ни се случи уште еден обид за создавање на нова политичка криза. Првиот обид успешно го пресретнавме во октомври минатата година по референдумот и не им успеа да го блокираат и упропастат влезот на нашата земја во НАТО, не верувам ниту дека сега ќе успеат. Но да видиме како стојат работите, да направиме една кратка анализа во овие десетина дена пред почетокот на изборната кампања.

Ама не да се фалам сега, ако се сеќавате пишував и за време на референдумот дека ВМРО-ДПМНЕ сигурно ќе бојкотира иако немаа официјално став по тоа прашање, еве сега Ви кажувам дека има сериозно  големи шанси да го бојкотираат вториот круг на претседателските избори од кога ќе го видат резултатот, со што ќе го доведат во прашање потребниот цензус на излезени гласачи. Има многу постапки во начинот на кој ја почнаа оваа кампања што укажува на тоа дека сериозно се спремаат на бојкот, секако како една од опциите. Како прво чудна некоја кампања водат со нивниот кандидат, професорката Силјаноска. Изминативе денови ги убедуваат своите поддржувачи и членови на партијата, користејќи разни изјави и спинови од некои  политичари на владејачката коалиција, дека рејтингот им бил многу голем кај македонското гласачко тело и дека сигурно победувале, односно нивниот кандидат Гордана Силјаноска имала поголем рејтинг кај Македонците од Стево Пендаровски. Сега знаете кога вака ги лажете своите членови и гласачи секако многу е лесно утре после првиот изборен круг кога ќе ги слушнете резултатите да им кажете ете не украдоа, ние требаше да победиме, ќе излезете веднаш на прес конференција, ќе соопштите дека изборите не биле регуларни и ќе кажете дека одите на бојкот, ете тоа од прилика ќе се случува на 21 април.

 

 Што треба да знаат поддржувачите и гласачите на опозицијата?

Треба да знаат дека ги лажат. Многу ги лажат. Кои анкети бе ги гледате, ало? Во изборните штабови на коалицијата за Стево Пендаровски секојдневно се прават истражувања на јавното мислење и тоа од различни агенции и анкетари. Колку што имам информации апсолутно јасно и недвосмислено  е изразено расположението на гласачите во корист на Пендаровски и тоа едноставно се гледа на секој чекор.  Точно е единствено кај партиските анкети дека само во една изборна единица ВМРО-ДПМНЕ има предност пред СДСМ, додека на ниво на цела држава рејтингот на СДСМ е поголем за некаде 6-7 %, и тоа не е малку ако се има во предвид колку крупни и големи прашања се решаваа во изминатиов период кои не се многу популарни за народот ама корисни за неговата иднина. Ова велам дека е само во рамките на партиите, додека кај кандидатите за претседател во водство е Стево Пендаровски на ниво на држава. Очекувам со почетокот на кампањата таа разлика уште повеќе да се зголемува за Стево. Но знаете што, овие исти анализи ги има и опозицијата, сега зошто манипулираат ќе видиме на 21 април, а можеби сакаат само да го мотивираат своето гласачко тело, останува да видиме. Но сепак, на овие избори гласаат сите граѓани на Македонија без разлика на нивната верска или партиска определба и затоа овде и непотребни се веќе оние анализи колку Македонци ќе гласале за некој кандидат, па колку Албанци ќе гласале, па кој и каква поддршка имал и кај едните и кај другите. Да ги оставиме ваквите анализи зад нас. Ќе победи оној кој ќе добие најмногу гласови, без разлика дали Македонски, Албански, Турски, итн.

За професорката Гордана Силјаноска треба да се каже реално и не е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во вистинска смисла на зборот. Таа е кандидат на раководството на партијата, односно кандидат на Христијан Мицковски. Јас не знам што и требаше да влегува во вакво друштво кога и она самата не верува дека може нешто да направи. Од авион се гледа дека и е непријатно некако кога оди по нивните општински организации, кога се слика со нив,  ги слуша оние големи патриотски приказни, некако не и личи, непријатна и непринципиелна коалиција се вика тоа. Бадијала вели, а помалку изгледа и смешно дека имала тим од луѓе кои ги обединувало љубовта кон татковината и желбата да се воспостави владеење на правото. Па зар верувате во ова професорке. Кај вмровците сум видел секакви тимови, тимови за блокирање лифтови, за отворање на изборен материјал, дил ориентирани тимови, ама обединети тимови за владеење на правото, е мало сутра професорке, немојте Ве молам, смешно е. Едноставно ќе Ве искористат во една лоша кампања, ќе Ве избламираат и ќе Ви кажат во вториот круг дека одат на бојкот, тоа ќе биде.  Професорката некако и ја чувствува намерата за бојкот па затоа сега ги плаши вмровците дека ако не излезат на гласање Талјат Џафери ќе бил претседател. Затоа уште еднаш да и кажеме, професорке ништо нема да направите, Ве лажат, ќе бојкотираат. Ќе бојкотираат затоа што едноставно ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ нема друг излез и тоа е единствено логично што може да го направат за да опстојат во партијата. Едноставно е, со пораз на овие избори кој е доста извесен, тешко дека Христијан Мицковски долго ќе се задржи на ова место.  Во ова раководство на партијата не веруваат голем дел од нивните членови и симпатизери како и голем дел и од поранешни функционери на партијата, поранешни министри, но и голем број на актуелни пратеници исто така не веруваат во Христијан Мицковски. Со кого и да разговарате од повисоките структури во ВМРО-ДПМНЕ ќе Ви кажат дека не очекуваат ништо од Христијан Мицковски и од Гордана Силјаноска. Единствено нешто што очекуваат е пораз и заминување на ова раководство од партијата.

 

Како да ја пресретнеме и поразиме оваа ситуација до колку се случи бојкот?

Ќе излеземе масовно на гласање, друго нема. Со тоа ќе ги обесхрабриме сите оние кои ќе се обидат исто како и за референдумот да седат дома и да речат дека повеќе биле од нас.  Малцинство кое седи дома и бега од избори,  ќе сака да го делегитимира убедливото мнозинството кое гласа со механизмот на изборниот цензус, крајно кукавички и не фер. Но ајде да видиме дали се они повеќе. Нека продолжат да седат дома и да плачат за подобра иднина, ама ние другите ќе излеземе и ќе гласаме, сами ќе ја градиме одговорно својата иднина,па да видиме колку сме, да се преброиме уште еднаш.

Сите знаеме и свесни сме дека се уште лошо се живее. Сите знаеме дека многу наши граѓани не чувствуваат никаква причина да излезат на гласање и  едноставно се крајно апатични. Многу работи се уште не се поставени на своето место. Но Македонија не е веќе иста држава и тоа мора да го признаеме. Сепак сме сега на вистинскиот колосек и таму некаде далеку  го гледаме сонцето кое никаде го немаше. Да, ќе треба уште многу пат, многу работа додека стигнеме до сонцето, но не може веќе да се враќаме назад, одиме само напред.

И на крајот почитувани гледам дека опозицијата нема намера да го поддржи гласањето за СЈО. Бараат и уценуваат за некои работи за кои не треба да се разговара. Треба да се бара во Собранието ново мнозинство двотретинско и тоа е, не треба и не смее веќе ниту милиметар да се попушти кога е во прашање правото и правдата, преголема беше цената со амнестијата, толку е веќе. Кога сме тука да кажам уште нешто, гледам некои будалетинки кои се мотаат по некои емисии и како го убедуваат Хорхе дека он имал право да ги амнестира овие осудените за 27 април. Не, тој нема никаква законска можност да го направи тоа инаку одма би посегнал по таква глупост, затоа нека не го лажат, не може да го направи тоа затоа што ќе одговара пред правосудните органи на Република Северна Македонија.

 

 м-р Глигор Стоименов

                            

 

  Категории: