Во Женева почина македонскиот бизнисмен Владимир Ралев

Во Женева почина македонскиот бизнисмен Владимир Ралев
2.04.16   21:29

Прочитано : 11,755

Print This Article

Владимир Ралев, еден од најголемите македонски бизнисмени во светот, филантроп, донатор и македонски патриот, почина вчера во Женева, на 84-годишна возраст.

vladimir-ralev-1

Голем дел од својот работен век Ралев го помина во многу светски метрополи, а последните негови деловни активност беа на релациите Пакистан, Хонг Конг, Женева.

Роден е во 1934-та година во Гевгелија, завршил гимназија во Велес, а на Унивeрзитетот во Белград дипломирал историја на уметност и археологија, а потоа завршил и висока школа за трговија.

Во 1980-та година ја отворил својата прва компанија што се занимава со прозводство, маркетин и менаџмент, а подоцна прераснува во еден од наголемите производители на памук и памучно предиво, платно, печатено платно, обоено платно и др.

Во погоните на неговите компании во Пакистан и во Источна Африка се вработени пoвеќе од 200 работници, како и соодветен број високостручни кадри.

Напоредно со својот деловен ангажман Ралев ја афирмира Македонија, нејзината историја, положба и правата на македонците во соседството, како и позицијата на МПЦ.

Владимир Ралев беше и еден од најголемите македонски донатори за Македонците што живеат во соседните земји.

*  *  *

Сево ова влегува во вообичаените, почитувачки текстови кон човек кој оставил траг во некоја земја или повеќе земји.  Но, Владо Ралев беше наш пријател и беше човек кој многу повеќе значеше за нас од тоа што овде избраните пригодни зборови кажуваат .

Тој беше генерација на мојот татко и негов школски другар од Скопските гимназии. Иако беше помлад од татко ми со него учеше бидејки загубил години школо поради депортација на неговата фамилија од Гевгелија во Велес па во Скопје.
Депортација на фамилија која била една од најбогатите во Гевгелија . Така го запознав кога прв пат се сретнавме некаде 1991 – та .

Ралев беше жива енергија и интелект. Тој ги направи клучните донации на пари и опрема на независна Македонија во тие години, без „а“  да каже ниту да бара било каква компензација од нашите влади.
Бродови и бродови опрема и текстил за опрема на МВР и Одбрана, за Воената Болница и голем број мали клиники кои ги правеше преку неговите фабрики за памук од Пакистан и Африка.

Тој ни беше домаќин на делегациите на Македонија кога преговараа за Сукцесија на Бившата Југославија во Женева и делегациите Македонци и Албанци на преговорите со Герд Аренс кога тиа се одвиваат во Женева. Никогаш  нема да ги  заборавам разговорите, акциите и уживањето кое го имавме во неговото господско друштво .

Тој без збор преречување и дилема прифати да ја плати реставрацијата на сите извонредни икони и да направи нов иконостас во Стара-Црков (од 18 век) во Галичник . Таа, секогаш кога одново ќе ја видам, останува споменик на Ралев.

Беше прв претседател, а потоа едно време почесен претседател на Светскиот Македонски Конгрес на неговите почетоци, во времињата кога оваа организација ја немаше фатено паранојата и глупирањето кое сега ја води.

Имаше длабоко почитување и углед во македонската и албанската дијаспора во Швајцарија. А во Македонија  Абдурахман Алити му беше пријател до крај.

Како да се губи едно изворедно, херојско време на создавање на независна Македонија со одењето на Ралев . Се обидувам пишувајќи го ова да ги доберам до меморија сите слики, сето она време кое го поминувавме заедно. Се плашев за него да не ми падне од играње на мојата свадба, фатен во „воз“ со проф арх. Живко Поповски и Сашо Ордановски.
Тој „воз“ беше неверојатен драги мои!

Почивај во мир Владо Ралев, пријателите ќе те чуваат во своите мисли.

 

Љубомир Д. Фрчкоски

  Категории: