Во Сопиште почна да работи првата детска градинка изградена и опремена со средства од ИПА програмата

Во Сопиште почна да работи првата детска градинка изградена и опремена со средства од ИПА програмата

Прва детска градинка „Виножито“ во која се згрижени триесеттина деца почна да работи во Општина Сопиште. Градинката е изградена и опремена со средства од ИПА програмата.

-Намера на Владата е постојано да го зголууваме инфраструктурниот капацитет за опфат на деца во предучилишно образование затоа што инвестицијата во децата помеѓу три и пет години е најважна. На тој начин децата покажуваат подобри резултати и во основно и во средно образование и натаму во економската продуктивнодст што ја даваат во државата, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Таа додаде дека во изминатиот период почнале со изградба на 43 градинки, и оти дел од нив се во тек на градба или во процес на доопремување. На ваков начин, рече министерката, сакаме да си го исполниме индикаторот што си го поставивме, а тоа е за период од четири години да се  зголеми опфатот на деца до 50 отсто, кој претходно изнесувал околу 30 отсто.

Сигурна сум, додаде Царовска, дека оваа инвестиција во децата од три до пет години на долг рок ќе има големи позитивни резултати за нашата држава.

Градоначалникот на Општина Сопиште Стефче Трпковски истакна дека детската градинка „Виножито“ е изградена и опремена со средства од ИПА програма 2014 година.

– Во Сопиште ова е прва градинка. Се надевам дека за скоро време ќе почнеме со изградба и отворање на уште една градинка. Бројот и капацитет на дечиња во моментов е 30, а се надеваме на проширување на бројката, рече тој.

Градоначалникот додаде дека во општината има 623 деца кои чекаат згрижување во една ваква установа. Со отворањето на детски градинки во општината, додаде, не само што се задоволува потребата на згрижување дечиња, туку се намалува и притисокот врз соседните општини.

Директорката на градинката Светлана Матеска Трпеска истакна дека со вложување и инвестирање во детската заштита се дава шанса секое дете да се вклучи во воспитнообразовниот процес.

Ова, рече, е прва градинка во нашата рурална средина, што е од голема важност бидејќи секое дете добива шанса и можност за полесно вклучување во основното образование.