ВМРО-ДПМНЕ без став ја дочека и кампањата за рефeрендумот

ВМРО-ДПМНЕ без став ја дочека и кампањата за рефeрендумот
10.09.18   11:01

Прочитано : 298

Print This Article

Од денеска официјално почнува кампањата за претстојниот референдум на 30-ти септември, на кој граѓаните треба да се изјаснат дали се за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција. Дваесет дена пред изјаснувањето на граѓаните, единствена без став за референдумот е најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ. Партискиот претседател Христијан Мицкоски најави дека во текот на оваа седмица партиските тела ќе ја донесат конечната одлука. Ваквото одолговлекување не е разбирливо ни за членови на партијата, пишува Дојче веле.

„Да се сретнете со видни европски политичари за да им кажете дека сѐ уште ги сондирате ставовите на граѓаните и дека сѐ уште немате партиски став за ова прашање, не само што е неодговорно, туку тотално апсурдно и неразбирливо за високите гости, но и за нашето членство“, велат дел од нив.

Апсурдна ситуација

Столтенберг, Курц, Меркел, голем број европски министри, американски сенататори и конгресмени, дојдоа со поддршка за референдумот, но си заминаа без да слушнат како ВМРО-ДПМНЕ ќе се однесува по тоа прашање.

Поранешниот премиер Владо Бучковски вели дека овие посети се потврда за историското значење на овој референдум, но и од исклучителна важност и за стабилноста на регионот, пред сѐ во пресрет на решавањето на косовското прашање. Прашањето е дали тие пораки допираат до опозицијата.

„Какво е влијанието на овие посети врз ВМРО-ДПМНЕ, и пред сѐ, врз Мицкоски? Јас сум убеден дека Мицкоски нема да повика на бојкот на референдумот. Знае дека тоа би било крај и на неговата политичка кариера, но и почеток на крајот на ВМРО-ДПМНЕ. Второ, Мицкоски купува време пред да ја соопшти одлуката за референдумот, заради внатрепартиски причини. Според мене, мери дали има повеќе поддржувачи за идејата да се гласа ‘против’ или да го повика членството самото да одлучи дали да гласа, а ако гласа – да гласа по сопствено убедување! Мислам дека на средбите со Столтенберг, Курц и Меркел, Мицкоски ја има навестено одлуката, но има побарано разбирање за комплицираноста на состојбите во ВМРО-ДПМНЕ“, смета Бучковски.

Поранешниот премиер потсетува дека барањето на референдум за прашањето за името е политички производ на ВМРО ДПМНЕ, и дека нема логика тие кои го бараа референдумот да не се веќе во кампања „за“ или „против“!

„Мицкоски самиот се доведе во апсурдна ситуација! Наместо да има јасен став уште во јули, кога беше дефинирано прашањето за референдумот, тој почна да купува време. Беше против референдумското прашање затоа што не било еднозначно, заборавајќи дека и на 8-ми септември 1991 година имавме двозначно или повеќезначно прашање! Таквите прашања по дефиниција се за стимулација, а не за манипулација! Потоа почна секој ден да излегува со тезата дека Договорот за името од Преспа е ‘капитулантски’, ама тие како партија се и понатаму за ЕУ и НАТО! Нашиот пат кон ЕУ и НАТО води преку Преспа. Се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се охрабри да го повика своето членство да гласа. Со тоа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе останат сериозна алтернатива на СДСМ. По успешен референдум, ВМРО-ДПМНЕ со сериозно добар претседателски кандидат и евентуални предвремени парламентарни избори, ќе има реално посилна позиција, и според мене, дури и да биде со приближно исти шанси со СДСМ за победа!“, оценува поранешниот премиер.

Почнува кампањата

Во кампањата за референдумот, чиј овластен предлагач е Собранието, од денеска ќе се вклучат 71 пратеник од сите пратенички групи, со исклучок на ВМРО-ДПМНЕ, која го извести претседателот Талат Џафери дека нема да учествува и дека бара средствата да бидат потрошени за други цели. Џафери во петокот најави дека кампањата ќе се води транспарентно, непосредно, без дискриминација и со почитување на волјата на секој граѓанин.

„Наша цел е детално да ги информираме граѓаните за големата слика, за придобивките од нашето членство во НАТО и ЕУ. Тоа не подразбира само заштитени граници и заедничка надворешна политика, туку и повеќе странски инвестиции, работни места, поголем пазар за пласирање на производи, повеќе можности за образование и напредок на младите, а истовремено и целосно владеење на правото и реформи во сите сфери“, рече Џафери.

За потребите на кампањата Собранието ќе откупи простор во некои од 65-те медиуми кои до 10-ти август доставиле ценовник до ДИК. Пратениците по личен избор ќе можат своите референдумски ставови да ги претставуваат и во своите изборни единици.

view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести