Владеењето на правото предуслов не само за економски, туку за севкупен раст на општеството

Владеењето на правото предуслов не само за економски, туку за севкупен раст на општеството

Економски раст не е можен без владеење на правото, порачаа денеска учесниците на форумот што го организираше Стопанската комора на Македонија.

Укажаа и дека институциите се социјалната инфраструктура која го влече општеството напред. Мора да бидат ефикасни и да функционираат за и останатите чинители (работна сила, капитал, технологија) да дадат резултат.

-Бизнисот има потреба од доверба, сигурност и правен континуитет. За да обезбедиме економски раст, сфативме дека мора да се занимаваме со теми како оваа денеска. Владеење на правото не е неопходно само за раст на економијата, туку и за државата воопшто, истакна претседателот на Комората, Бранко Азески.

Бизнис заедницата смета дека деловното опкружување во земјава се уште не е на задоволително ниво.

-Постојните проблеми (сивата економија, корупцијата, нееднаквите правила на игра, бавната администрација и уште побавните судски постапки) не се од вчера, туку се натрупани подолг период. Ако кон нив се надополнат и проблемите актуелни деновиве, поврзани со неефикасноста и несоодветното постапување на органите во правосудстсвото, тогаш несомнено проблемот со владеење на правото е нешто што треба да се третира особено сериозно ако сакаме да создадеме услови кои ќе овозможат непречено функционирање на државата, рече Милевска Штрбевска и додаде дека за владеење на правото потребна е стабилна политичка, правна и социјална култура.

Според неа, најмалку владеење на правото има во делот на службените овластувања и положби кои се злоупотребуваат, а највеќе, што е, оцени, зачудувачки, во делот на правната сигурност и еднаквоста пред законот. -Тоа е така зашто државата го има уредено на хартија. Сепак, недостига имплементација, истакна Милевска Штрбевска.

Веројатно, дополни, носителите на државната власт, во обид да се справат со корупцијата и организираниот криминал, многу повеќе посветуваат внимание на апсење криминални групи и на донесување регулатива, а многу помалку на превентивно делување и спречување на овие појави.

-На бизност му требаат стабилно и предвидливо деловно опкружување, ефикасни институции и независно судство, но секако е неопходно и бизнисот да ги почитува правилата и нултата корупција. Бизнисот треба да учествува во донесувањето на законите, заедно со власта и Парламентот, за да се инкорпорираат неговите интереси и потреби, рече евроамбасадорот Самуел Жбогар и уште еднаш укажа на потребата да се подигне гласот за секој да ја почитува својата улога во општеството, а политиката да се тргне од судството.

За значењето на институциите и нивната ефикасност, зборуваше потпрестедателот на Стопанската комора, Глигор Бишев. -Јака држава и силна економија се можни само со јаки и ефикасни институции кои треба да обезбедат транспарентност, доверливост, сигурност. На ова мора уште да се работи, порача Бишев.