(ВИДЕО) Унгарските полицајци од Интерпол не би го уапсиле Груевски – разговор на екипата на 1ТВ со новинарот Ердели

(ВИДЕО) Унгарските полицајци од Интерпол не би го уапсиле Груевски – разговор на екипата на 1ТВ со новинарот Ердели
16.11.18   22:12

Прочитано : 1,175

Print This Article

Екипата на 1ТВ е во една од новинарските редакции во Будимпешта, каде што новинарката Кристина Атовска разговара со нејзиниот колега Петар Ердели.

Г. Ердели, што мислите за тоа дека Орбан штити криминалци?

-Сите овде се изненадија, не само дека Груевски се појави овде и побара азил, туку вчера дознавме и дека наводно бил префрлен во Унгарија со дипломатско возило, од амбасадата во Тирана. Овде никогаш не се случило ништо такво, па сите беа шокирани.

Можно ли е некој како Груевски, кого го бара Интерпол, да влезе во земјава без помош од унгарските власти?

-Не верувам. Како што слушнавме, му го одзеле пасошот во Македонија и не би можело да влезе во Унгарија од надвор од Шенген зоната само со лична карта. Според унгарскиот закон, министерот за внатрешни може да направи исклучок некој да влезе во Унгарија без соодветни документи, но тоа е политичка одлука. Министер од владата морало да реши дека смее да влезе, а тоа значи дека биле вмешани политичари.

Дали процедурата за азил е законска?

-Не сум експерт за азил, но во повеќето случаи стандардната процедура е дека ако влезете од југ, од Србија, постојат транзитни зони на границата и луѓето ги приведуваат додека трае постапката. Луѓето од Сирија, Авганистан и други места кои доаѓаат на унгарската граница влегуваат во транзитната зона, затворена и заградена област и остануваат таму со недели сѐ додека не им биде потврдено барањето за азил. Во случајов не било така. Не знам дали е незаконски, но е невообичаено и чудно, не би направиле така за никој друг, само за сојузници на премиерот. Очигледно е дека законот не ги третира сите еднакво.

Што знаете за Никола Груевски во овие пет-шест дена? Кои се вашите информации?

-Слушаме исто што и другите, дека никој не знае како точно излегол од Македонија, дека се појавил во Албанија и последното, дека влегол во унгарската амбасада во Тирана, од каде што бил транспортиран со возило со дипломатски таблички на унгарската амбасада. Потоа се појавил во Будимпешта. Но дознавме за ова дури кога објави на својот Фејсбук дека е во Унгарија и дека бара азил. Никој не знае каде отседнал оттогаш, имаше гласини дека бил во еден од хотелите во центарот, но тоа не е потврдено, никој не го видел. Повторно, мислам дека владата мора да го следи некако затоа што станува збор за законска процедура. Знаеме дека Македонија ќе бара екстрадиција па ако биде оставен слободен во градот…

Може да го најде Интерпол?

-Не постои Интерпол полиција, тоа е локална, унгарска полиција, која не би го уапсила, но ако решат да го екстрадираат, ќе може да си замине ако не внимаваат на него. Но не знаеме каде е.

Мислите ли дека случајов ќе влијае на односите на Унгарија со ЕУ?

-До некаде да. Ова сигурно не им се допаѓа на ЕУ и НАТО, САД вчера дадоа изјава, Стејт Департментот порача дека Груевски треба да биде изведен пред правдата во Македонија. Тоа значи дека треба да биде вратен. Повеќето западни сојузници би сакале да биде вратен во Македонија. Од друга страна, премиерот Орбан кршеше најразлични норми во НАТО и ЕУ со години, но што ќе направат во врска со тоа?

Што мислите за операцијата „Стоп Сорос“?

-Таа операција почна во Македонија и унгарската влада дефинитивно ја увезе оттаму. Владата ја користи етикетата „Сорос“ против секој што ја критикува, лесно е да каже дека ако критикуваат, мора да се на Сорос. Груевски и Орбан многу добро се согласуваат околу ова, ова им е заедничка политичка платформа.

Тешко ли е да се биде новинар во земјава, има ли слободни медиуми?

-Не е лесно, но сигурно секаде е тешко да се биде независен медиум. Потешко е отколку во некои западни земји. Во Унгарија сепак има слободни медиуми. Проблемот е тоа што повеќето телевизии, радија и регионални весници и печатот се контролирани директно или индиректно од владата. На интернет ќе видите некои независни медиуми, има една независна телевизија, но просторот на слободните медиуми се намалува веќе некое време.

Унгарија е дел од ЕУ. Мислите ли дека ќе ги почитува европските стандарди?

-Постои дебата за постапките на Унгарија, тука е постапката за Членот 7 во Брисел, се испитува дали тоа што се случува во Унгарија е или не е според ЕУ стандардите, но тоа е политички процес, дури и ако Орбан ги крши правилата, што ќе направи ЕУ? Нема да го исфрлат, а малку е веројатно и дека Орбан ќе ја напушти ЕУ. Зато, не гледам промена во унгарската владина политика во догледна иднина. Тие ќе прават и натаму како што сакаат, а ЕУ ќе биде вознемирена, ама ќе ги остави.

Уште едно прашање, како ги оценувате односите на Орбан со Русија и Владимир Путин?

-На скала од 10? Тој е најпријателски расположен кон Путин од сите европски премиери. Путин доаѓа овде два пати годишно или Орбан оди таму. Се среќаваат најмалку два пати годишно. Во однос на меѓународните сојузништва, Путин му е најбитен и најмоќен меѓународен сојузник на Орбан.

  Категории: