ВИДЕО: Столтенберг официјално му ја врачи поканата за НАТО на Заев

ВИДЕО: Столтенберг официјално му ја врачи поканата за НАТО на Заев
12.07.18   16:29

Прочитано : 547

Print This Article

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и официјално му ја врачи на премиерот Заев поканата да ги почне пристапните преговори со НАТО.

-Штотуку го потпишав писмото со кое го информирам премиерот Заев за одлуката на НАТО да ја покани неговата влада во Скопје да ги почне пристапните преговори со Алијансата, по одлуката на сојузничките лидери од вчера, рече Столтенберг.

Тој потсети дека македонските војници долги години учествуваат во сојузничките мисии во Авганистан и се посветени на мирот и на стабилноста. Како што рече, со договорот за спорот за името со Грција, отстранета е пречката за отворање на пристапните преговори.

-Знам дека компромисите беа добри за двете страни, но верувам дека договорот е во најдобар интерес и на вашата земја и на поширокиот регион. Ова беше клучен напредок што ја отвори вратата за вашата земја да стане полноправна членка на НАТО, рече генералниот секретар.

Тој најави дека сега ќе почнат деталните пристапни преговори и земјава ќе добие помош да ги заврши конечните подготовки за полноправно членство.

-Кога ќе ги завршите националните процедури и сите НАТО членки ќе го ратификуваат пристапувањето, ќе станете 30-та членка на Алијансата, со место на нашата маса и рамноправен глас во дискусиите и одлуките, како и безбедноста што доаѓа со членството во најуспешната воена алијанса, рече Столтенберг и додаде дека НАТО сака да ја види земјава во срцето на стабилен, демократски и напреден регион, а денешниов ден е важна етапа во постигнувањето на таа цел.

-Денеска не криеме дека сме горди и благодарни на одлуката на нашите сојузници за пристап за полноправно членство на нашата земја во Алијансата. Одлуката е признание за нашата посветена работа повеќе од две децении, за работата на сите македонски политичари од независноста до денеска, признание за нашите институции и за сите политички партии, оцени премиерот Заев.

Тој порача дека членството на Македонија во НАТО уште повеќе ќе ја консолидира демократијата во регионот, ќе ги зголеми стабилноста и безбедноста и ќе служи како позитивен пример за Западен Балкан. Заев истакна дека примерот што го даде земјава со затворањето на отворените прашања дал конкретни резултати и изрази посебна благодарност до неговите колеги, премиерите на Бугарија и на Грција, Борисов и Ципрас, но и до сите соседи и партнерите од ЕУ и од САД.

-Како идна 30. земја-членка на Алијансата сме подготвени да дадеме позитивен пример во регионот и да придонесеме за натамошно обликување на регионот на Западен Балкан како мирен и просперитетен регион, додаде премиерот Заев.

Заев рече дека следен чекор за Македонија е организација на референдумот, на кој граѓаните ќе кажат „да“ за заедничката иднина. „Одиме напред. Македонија оди во НАТО!“, рече Заев.