ВИДЕО: „Стадион“ на Канал 77 за најновиот филм на Милчо Манчевски, „Врба"

ВИДЕО: „Стадион“ на Канал 77 за најновиот филм на Милчо Манчевски, „Врба"

Во „Стадион” на Радио Канал 77 гости беа актерите во најновиот филм на Милчо Манчевски, „Врба” – Никола Ристески и Ненад Нацев, а телефонски во емисијата се вклучија и актерите Наталија Теодосиева и Благој Чоревски, кои, исто така, се дел од кастингот на филмот.

Снимањето на „Врба”, соработката со Манчевски, состојбите во македонската кинематографија, соблекувањето пред филмската камера, мешањето на политиката и партиите во културата и во филмот, беа дел од темите за кои се разговараше.

„За жал, немаме пазар. Мора да се чека милост од Филмскиот фонд. Ако не добиеш од него, не можеш да направиш ни копродукција. На продуцентите воопшто не им е лесно. Како да филмовите ги правиме за да ни’ стојат дома и во архива. А, има доста интересни филмчиња, ама… Има и млади режисери што направија добри филмови ама ги нема никаде. Треба да се извадат од архива, да се прикажат, зашто режисерите не ги правеле за по дома” – рече Ненад Нацев.

Нацев никогаш повеќе нема да учествува на аудиции за вработување кои биле партиски наместени.
„Глумата ми е љубов, а дополнително работам обезбедување и имам свој хостел”, вели Нацев.
Според него „Врба” не е женски филм посветен само на мајките. И татковците силно ги сакаат своите деца и се борат за нив.

Младиот актер Никола Ристески за улогата на Милан, кој живеел во 17-ти век, два месеци поминал на село.
„Подготвувајќи се за улогата во филмот учев од овчарите како се молзат кози и овци, како се ора со волови. Мојот дедо ми покажуваше како се цепаат дрва…Како што оди времето ние младите домашни живопни ќе може да видиме само во циркус и зоолошка”, забележа Ристески.

Наталија Теодосиева потекнува од музичко-уметничко семејство, внука на Стево Теодосиевски. За улогата на Родна се подготвувала разговарајќи со жени кои немаат деца и се обидуваат со ин витро оплодување. Теодосиева имала шанси како многу млади да си замине од Македонија но ќе почека уште некоја година пред дефинитивно да и збоктиса како се одвиваат работите во државата.

За Благој Чоревски Милчо е извонреден режисер кој до најситни детали планира и прецизно знае што сака и што бара од глумците. Неговата улога иако трае кратко се снимала мошне долго и напорно.
„Сепак ова е филм на младите, кои се покажаа во најдобро светло и најискрено им честитам на сите”, вели Чоревски.
Во емисијата телефонски се вклучи и Никола Ристевски, хроничар на Овчеполието, кој зборуваше за локалитетот Говедаров Камен кај Свети Николе. Тамошниот обреден мотив е користен и во филмот „Врба”.