ВИДЕО: Со европско знаме маршираа и Заев и Мицкоски – едниот „ЗА“ другиот „ПРОТИВ“ Договорот со Грција

ВИДЕО: Со европско знаме маршираа и Заев и Мицкоски – едниот „ЗА“ другиот „ПРОТИВ“ Договорот со Грција
16.09.18   20:19

Прочитано : 773

Print This Article

Точно две недели пред закажаниот референдум, политичките противници поентираа пред своите поддржувачи. Коалицијата „За европска Македонија“ маршираше во Скопје, додека пак, речиси во исто време опонентите на Договорот со Грција, предводени од ВМРО- ДПМНЕ се собраа во Штип. Претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, кој не откри дали ќе гласа на референдумот, по говорот клекна на колена, порачувајќи дека само така лидер ја заслужува довербата на граѓаните.

„Стојам пред вас како пријател, и стојам пред вас како ваш сонародник, човек загрижен за истите работи за кои сте и вие загрижени. И како пријатели и сонародници, не смееме да имаме тајни меѓу себе, туку отворени срца и добри намери, за заедно да им погледнеме на проблемите во очи, затоа што поприлично ни се насобраа во нашата држава“ – порача тој по клекнувањето.

Премиерот Заев пак, од говорницата во Скопје, видно возбуден, се пофали со напредок во економијата и намалена невработеност, посочувајќи дека тоа е само најава за напредокот кој го носат евроатлантските интеграции. Споредувајќи ги реакциите на опозициските партии во Грција и Македонија, тој повтори дека Договорот од Преспа само го зајакнува македонскиот идентитет.

„Прифативме додавање на зборчето северна во нашето уставно име и сите знаат дека тоа е факт и правично. Од историска Македонија ние сме горниот, северниот дел. Учевме за егејска и пиринска Македонија. И сега што!? Ќе го нападнеме Солун!? Ќе освојуваме други земји во 21 век!? Не почитувани! Македонија е определена да ги отвори границите, да создава пријателство, да подава рака, да создава иднина!“ – порача Заев.

„Во различни периоди имало прашања што не делеле или пак сме имале различни ставови, членството во НАТО и ЕУ, ќе биде кохезијата, не само меѓуетничката туку и меѓупартиската, меѓуопштествената и меѓуверската кохезија за заедничка перспектива“ – порача претходно првиот парламентарец, Талат Џафери.

Маршот во Скопје заврши пред канцеларијата на европската делегација, каде освен Заев и Џафери се обратија активисти, јавни личности, како и новинарот Томислав Кежаровски, кој за време на политичката криза стана симбол за прогонот на тогашната власт кон критички настроената маса. На ова се осврна и Кежаровски во својот говор, наведувајќи дека не само што биле протерувани, туку биле уништувани и цели семејства, а правдата била спроведувана на чуден начин. Сето ова, како што рече тој, ќе стане минато по членството во ЕУ, каде нема подобар камшикар за власта од медиумите.

„Не велам дека медиумите во западните демократии не се соочуваат со проблеми врзани во нивните перспективи. Зависат само од успехот на пазарот и приемот кај публиката. Нивниот опстанок не загрозен и не зависи од реваншистички настроени политичари“ – рече Кежаровски.

Крајно поларизираните ставови на двете најголеми политички партии се очигледни, но на денешните два собири имаше само една заедничка работа – европското знаме на говорниците, како и меѓу толпите. Што се однесува до организацијата и овојпат Скопје беше преплавено со автобуси од повеќето градови. Но за разлика од порано, кога власта го криеше организираниот превоз, а дел од граѓаните признаваа дека не се дојдени по своја воља, денеска власта јавно им се заблагодари на сите оние кои организирани со автобуси дошле да ја дадат поддршката.

Христијан Баневски

  Категории: