ВИДЕО: Професорот Илија Ацески во „Стадион“ на Канал 77

ВИДЕО: Професорот Илија Ацески во „Стадион“ на Канал 77

Проблемите, аномалиите, корупцијата и иднината на македонското високо образование беа тема во емисијата „Стадион” на „Канал 77″. Гостин беше штотуку пензионираниот професор по социологија на УКИМ, Илија Ацески, а телефонски во емисијата учествуваа и поранешниот ректор на УКИМ, професорот Велимир Стојковски, професорот Бранимир Јовановиќ и лидерот на студентите од правниот факултет на УКИМ, Борјан Ефтимов.

– Самиот систем како да не’ направи корумпирани, да се однесуваме на неодговорен начин. Дали држиме или не држиме часови, дали продаваме учебници или не продаваме, дали истражуваме или не, дали правиме трудови… Кога почна процесот на формирање приватни факултети, помислив дека тој момент УКИМ ќе го искористи во смисла да го подобри квалитетот и на тој начин да придобива студенти. Но, ние тргнавме во обратна насока. Ако приватните почнаа да го уриваат квалитетот, ние во тоа помагавме. Потребни се сериозни зафати за напластените проблеми да почне да се решаваат – рече Ацески.

Борјан Ефтимов, од студентската организација на Правниот факултет на УКИМ го подржува професорот Ацески и отпорот против корупцијата во образованието.

— Не мора тоа да биде само директната корупција. И тоа што универзитетите се „тепаат” за нови студенти со снижување на квалитетот за побрзо доаѓање до дилома е на некој начин корупција. Ниту гледаме инвестиции во образованието ниту желба за некаква реформа, иако велат дека тоа тоне. Истражувањата покажуваат дека македонскиот ученик заостанува зад тие од другите земји, а две третини од студентите, поради состојбите, иднината си ја гледаат во странство – истакна Ефтимов.

Во „Стадион”  професорот и поранешен ректор на УКИМ, Велимир Стојковски,  полемизираше со Ацески и ги негираше обвинувањата дека му запленил книга. Стојковски потенцираше дека Ацески ја „промашил” зададената тема од проектната задача и понудил застарени истражувања  додавајќи дека често му испраќал непримерни и уценувачки СМС пораки.

Професорот Бранимир Јовановиќ, кој е дел од  актуелно истражување за состојбите во образованието ма НАКС, независниот академски синдикат, нагласи дека  средствата што се вложуваат во образованието во Македонија се  најниски во Европа.

– Како процент, тоа е 3,5 отсто од БДП, а понизок процент издвојуваат само три европски земји. За жал, и тие недоволни средства од повеќе причини целосно не се користат. Се реализираат 90, а нереализирани остануваат десет отсто. Тоа не се воопшто мали пари. Во последните две години се доделуваат околу 400 милиони евра за образование, а тоа значи дека 40 милиони остануваат неискористени. Со тие пари би можеле да се изградат студентски домови, речиси сите училишта во државата да се обноват… – рече Јовановиќ.