ВИДЕО: Последна дебата со претседателските кандидати на ТВ21

ВИДЕО: Последна дебата со претседателските кандидати на ТВ21
19.04.19   23:03

Прочитано : 368

Print This Article

Погледнете ја последна дебата со претседателските кандидати на ТВ21 која се емитуваше вечерва, пред изборниот молк.

Последна дебата со претседателските кандидати

DEBAT PRESIDENCIALПоследна дебата со претседателските кандидати

Posted by TV21 on Петок, 19 април 2019

Тројцата претседателски кандидати Блерим Река, поддржан од Алијансата за Албанците и Беса, кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски, кандидат поддржан од СДСМ, вечерва на ТВ21 се соочија на завршна телевизиска дебата пред првиот круг од претседателските избори.

Кандидатот Река рече дека кампањата на Силјановска и на Пендаровски била фер кон него, и оти ги цени неговите противкандидати и нема забелешки за нивните кампањи. Тој, меѓутоа, ги обвини ДУИ и ДПА за водење хибридна војна против него и неговото семејство.

– Јас мислам дека двајцата имаат многу позитивни работи. Јас ги ценам. Како што рековме и првиот ден не ја сметам оваа кампања како трка на живот или срмт, туку како презентација на три концепти. Кампањите на двајцата противкандидати беа многу фер и немам никаква забелешка. Имам забелешки за валкана војна и хибридна војна што се води против мене, а во последната недела и со говор на омраза против мене и моето семејство. Тоа се двете албански партии ДУИ и ДПА, кои отворија специјална војна против мене. Се надевам ОБСЕ/ОДИХР тоа го нотираа, а ние поднесовме и претставка, рече Река.

Силјановска од своја страна рече дека оваа кампања ќе ја запомни по билбордот поставен против неа.

– Ветив и се држам до тоа дека нема да настапувам ад хоминем. Оваа кампања ќе ја запомнам засекогаш по нешто, по еден билборд што не само што е синоним за валкана кампања, туку за сталинистичка, досега не сум видела билборд на кој му се обраќате на противкандидатот. Дури и во првичниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР стои во извештајот за напади врз мене. На напади беше изложено и моето семејство директно од новинари, го следеа нивното движење, што е спротивно на Европската конвенција за човекови права, рече таа.

Пендаровски на тоа одговори да им служи на чест на тие што правеа валкана кампања . Тој рече дека ги почитува двајцата и како професори и како интелектуалци.

– Немаше никакви валканици од нив кон мене, еве сме на последен ден од изборната кампања. Овој витешки однос ќе остане меѓу нас и подоцна и кога нема да се занимаваме со политика, рече Пендаровски.

На прашањето како би постапиле со законите кои сегашниот претседател Ѓорге Иванов не ги потпиша, Силјановска рече дека кога ќе се најде на таа функција, тогаш ќе ги преиспита.

– Немам намера да го бранам Иванов. Но, не можам да не укажам за следново – одговорен Парламент кога претседател кога ќе стави вето, оди забелешка по забелешка и дава одговори, а не гласа веднаш. Јас ќе ги преиспитам законите, и ако се уставни ќе ги потпишам. Кога ќе се најдам на функција сакам тогаш да видам дали ќе имам забелешки. Кога ќе дојдам на функција, тогаш ќе ви кажам. Јас сум легалист, рече Силјановска.

За Пендаровски непотпишувањето на законите изгласани со двотретинско мнозинство во Парламентот од страна на Иванов е скандалозно.

Тој запраша што ќе остане од владеењето на правото, ако претседател не ги почитува законите и Уставот. Според него, Иванов се повикал на апсолутно вето, и оти нема право на непотпишување ако по вторпат е даден во процедура донесен закон за потпишување.

Река истакна дека кога ќе стане претседател сигурно нема да се стави над двотретинското мнозинство во Парламентот.

– Не можам да го импонирам моето приватно мислење како претседателско мислење. Кога пратениците изгласале еден закон не можеме лесно да го вратиме. Со вакви компетенции не му личи на еден претседател да блокира една држава. Претседателот на Собранието ја изврши својата законска процедура, треба да се прецизира овој член на Уставот и да не дојдеме до ситуации на парализа на системот, додаде Река.

Тројцата кандидати во дебатата останаа на исто мислење дека Иванов нема право да потпише укази за помилување, без да има таква иницијатива од Министерството за правда.

– Без да се иницира постапка од Министерството за правда, претседателот не може ниту да започне, ниту да заврши постапка за помилување и во тоа ја гледаме злоупотребата кога се помилуваа 56 луѓе со што се предизвика голем народен бунт,  рече Пендаровски, додавајќи дека не треба да се помисли претседателот да дава такви помилувања.

Силјановска смета дека Иванов не е во состојба да помилува.

– Претседателот може да помилува само во согласност со Закон. Во моментов тоа е не можно затоа што сме во изборна камапања и целата постапка мора да оди само преку Министерството за правда, рече Силјановска.

Река истакна дека е противзаконско и противуставно претседателот да помилува, и оти не знае дека Министерството за правда има поднесено иницијатива. Тој додаде дека поради тоа ова прашање го смета за безпредметно да се коментира.

– Конечно треба да го тргнеме своевоелието на преседателот кој мисли дека државата е негова, затоа се залагам за република, а не за култ на личноста која ја имавме пред 40 години, оцени Река.

Претседателските кандидати претходно се соочија нa четири телевизиски дебати.

  Категории: