(ВИДЕО) Поповски: Ги направивме владините институции отворени и достапни за граѓаните и медиумите

(ВИДЕО) Поповски: Ги направивме владините институции отворени и достапни за граѓаните и медиумите
25.09.17   14:26

Прочитано : 98

Print This Article

Владата постави нови стандарди во однос на комуникацииите, транспаретноста и отчетноста, оцени министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспаретност Роберт Поповски, кој денеска на прес-конференција се осврна на изминатите сто дена.

На прес-конференцијата, која се поклопува со почетокот на изборната кампања, Поповски истакна дека во изминатиот период од страна на Владата преземени се активности и мерки со цел да се обезбедат фер и демократски избори.

– Една од  првите мерки што беше донесене беше одлуката за стопирање на владиното рекламирање. Рекламирањето не е транспарентно и отчетно информирање, туку многу повеќе пропаганда која се злоупотребуваше во изборните циклуси што ги организираше претходната влада. Во пресрет на изборите Владата донесе декларација за заложби за слободни и фер избори. Усвоивме и дистрибуираме прецизно упатство за начинот на постапувањето на премиерот, министрите во Владата и на сите останати државни функционери за користење на државните ресурси како возила, опрема и останато за време на изборната кампања, истакна Поповски.

Тој ги повика и вработените во државните органи да пријават доколку врз нив се вршат притисоци.

Осврнувајќи се на сработеното во изминатите 100 дена, министерот Поповски рече дека ги направиле Владата и останатите државни институции отворени и достапни за граѓаните и посочи дека се одржуваат редовни брифинзи со новинарите со цел јавноста детално да биде информирана за сите владини одлуки. Донесена е и одлука за декласификација на договорите со странските инвеститори, укинат е и надоместокот за добивање информации и документи од јавен интерес и обезбедено е бесплатно користење на услугите на Централниот регистар и Агенцијата за катастар на недвижности со цел новинарите да имаат слободен пристап до информации.

Во врска со законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Поповски рече дека законот ќе биде донесен низ широка јавна дебата и во него ќе бидат вградени сите конструктивни предлози.

Одговарајќи на новинарски прашања зошто немало реакција од секторот за комуникации во врска со ангажирањето на одредени личности во Владата за кои имаше реакции во јавноста, министерот Поповски рече дека нелогично е владин систем да застане во одбрана или во заштита на личностите доколку нема сериозни напади врз личноста и владиното функционирање и добро е тоа што во изминатиот период се отворила дебата за овие прашања.

– Ме радува што има широка јавна дебата. До пред 100-тина дена во Македонија клучна тема беше кој, кого можеби ќе го пресретне некаде, ќе има напади и закани за убиства и.т.н. До пред два месеца главна тема на социјалните мрежи беше дали Дарко Лешовски ќе биде член на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата. Погледнете ја таа разлика, таа слобода на говор,. Тоа е демократијата што ја донесе оваа Влада, демократијата што ја посакувавме сите, рече Поповски.

Во секторот за комуникации во Владата, како што информира, досега ангажирани се 33 лица со авторски договори.

  Категории: