(Видео) Панчиќ: Нема да ме изненади ако Вучиќ му помогнал на Груевски, тоа е ист профил на политичар

(Видео) Панчиќ: Нема да ме изненади ако Вучиќ му помогнал на Груевски, тоа е ист профил на политичар
16.11.18   09:26

Прочитано : 1,151

Print This Article

Господине Панчиќ, несомнено дека во вашата долгогодишна новинарска кариера ги следите односите меѓу Македонија и Србија. Ја знаете последната ситуација и бегството на поранешниот премиер на Македонија Никола Груевски во Будимпешта и сега една од тие шпекулации е дека ако веќе преминал со возило дека тоа може да го направил преку Србија. Според вашата анализа, мислење и следејќи ги тие односи – пријателството меѓу Вучиќ и Груевски, колку е можно српските служби да му имаат овозможено пат на Груевски кон Унгарија?

Се разбира, можам само да нагаѓам, не можам да тврдам ништо, немам материјални докази. Гледам дека денешна „Политика“ објави индикативно дека Груевски побегнал преку Албанија. Можеби е така, можеби не е. Мислам дека беше логично секој да помисли дека најверојатно било преку Србија. Зошто? Од две причини. Едниот е банално географски. Србија се наоѓа меѓу Македонија и Унгарија. Најлогичниот пат води преку Србија. Втората причина е политичка. Постои многу јасна блискост меѓу политиката на Груевски и неговото владеење во Македонија во изминатите 10 години и тоа што Вучиќ и неговата партија го прават во претходните 6 години во Србија. Таа блискост не е само имплицитна, туку безброј пати јавно искажана и тоа особено од страна на Вучиќ и неговите соработници. Ако помните, во многу ситуации за време на владеењето на Груевски дури користеа изрази дека неговата власт им е на некој начин пример и тн, а кога таа власт дојде во криза, имаа многу јасна политичка и медиумска и кој знае уште каква сѐ поддршка од Србија, односно од државните органи на Србија. Логично е да се помисли дека и во оваа ситуација. Груевски реши или бил советуван да се засолне или преку територијата на Србија или преку оваа нова форма на учество на некои луѓе од власта во Србија.

Се сеќавате дека Живаљевиќ беше едно презиме коешто долго се вртеше во македонските и во српските медиуми, особено при упадот собранието, гледајќи ја структурата на БИА, можно ли е токму преку БИА да биде овозможен и овој транзит на поранешниот премиер?

Не можам да ви дадам конкретен одговор, но се разбира дека е можно бидејќи таквите државни служби во ваквите режими се користат и за такви работи. Логично е да се помисли и дека можела да учествува таа или друга државна служба. Јас не се занимавам со тие служби за да можам да објаснам како оди тоа, но помислата е сосема легитимна затоа што веќе имаме видено такви ситуации, па не би се чудел ако е и оваа изведена на тој начин.

Ако се земе в предвид, еве блискоста на Вучиќ и Груевски, рековте во политичка смисла во нивниот профил, откако се смени власта во Македонија, односните и како да не се баш исти меѓу Заев и Вучиќ?

Очигледно е, иако двете страни правеа напори сѐ да изгледа дека е фино и дипломатски. Сепак се гледа едно меѓусебно заладување кое не е предизвикано од конкретен настан, туку со самиот факт дека меѓу двете политики ја нема онаа блискост која постоеше меѓу политиките на Вучиќ и на Груевски.

Зошто мислите дека е така?

Затоа што делот на Вучиќ од таа трансверзала на политички популисти кои играат на десната  националистичка реторика иако устата му е полна со Европа, јасно е дека Вучиќ е дел од таа националистичка приказна исто како Орбан во Унгарија, Груевски во Македонија или некои други политичари во централна и источна Европа. И тој не може да биде ни идеолошки ни политички близок со некој како Заев, кој е лева, социјалдемократска опција, која многу експлицитно, а не реторички е „за“ ЕУ и приклучување кон НАТО, сѐ што овде е уште полутабу. Во таа смисла не може да постои некаква вистинска блискост. Заев би добил партнер во Србија кога на власт би била некоја демократска опција, но сега не е така. Се разбира дека луѓето кои се сега на власт ќе зборуваат за себе дека се демократи, но живееме овде и знаеме и ги викаме „зли пари“.

За крај, би ве прашал еве Македонија се приближува кон Европската унија и НАТО преку договорот за името, има европска определба, Србија е некаде на половина пат можеме да кажеме со таа ЕУ, што значи и двете држави ги делат истите вредности. Што ако истрагата покаже дека Груевски кој сепак бара политички азил во земја од ЕУ и во тоа учествувала и Србија и Унгарија, кои би биле импликациите врз Србија и очекувате ли ЕУ да преземе нешто врз овие две земји?

Многу е тешко да се процени. Тие импликации може да бидат од политичка и од симболичка природа за Србија. Секако, тоа не би било добро за Србија, голем минус. Претпоставувам дека затоа се појави тој текст во денешна „Политика“, се инсистира дека еве, ние дознаваме дека Србија нема врска со тоа, одел преку Албанија… Јасно е дека тоа не би било добро за, благо кажано, нарушениот углед на Србија во европски контекст. Унгарија е друга приказна, членка на ЕУ, а Орбан милион пати докажал дека најважни му се неговиот политички профил и неговите гласачи кои го сакаат неговиот националистички однос, или „суверенистички“, како што би рекол. Не верувам дека може да има последици за него, но и тоа како може да има последици за Србија.

Влатко Чаловски

  Категории: