(ВИДЕО) Мицкоски од Прилеп: Заев и СДСМ ќе паднат силно, а ВМРО-ДПМНЕ и народот ќе победат, затоа што само така победува Македонија

(ВИДЕО) Мицкоски од Прилеп: Заев и СДСМ ќе паднат силно, а ВМРО-ДПМНЕ и народот ќе победат, затоа што само така победува Македонија
23.10.19   22:40

Прочитано : 276

Print This Article

 Интегрален текст од обраќање на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Добар ден Прилеп,

Добар ден победнички Прилеп,

Почитувани членови на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ,

Почитувани членови на тимот на стратешки соработници на претседателот на ВМРО ДПМНЕ ,

Почитувани членови на секогаш верните Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Почитуваните  Ветерани, Почитувани пратеници,  претседатели на општински комитети , почитувани  градоначалници, советници  и присутни во салата.

Пред да продолжам со говорот би сакал она што го почна Петар а јас да го продолжам да го искористам овој момент овдека стоејќи пред вас да се заблагодарам на сите оние кои тој Април 91–та година во оваа иста сала ги поставија темелите на современото модерно ВМРО ДПМНЕ дел од нив се и присутни овдека денес со нас во салата да им се заблагодарам од мое име и да им се заблагодарам од името на организацијата, за храброста за пркосот и за визијата која што тогаш ја имаа а тоа е ВМРО ДПМНЕ да биде голема модерна европска партија. Ви благодарам на вас.

Денес одново сме пред голем предизвик, овој пат судбоносен за иднината на нашата земја. И има две работи кои се јасни, првата, никогаш нашиот народ не живеел потешко време, и втората која што денеска секому му е јасна а тоа е дека СДСМ и Зоран Заев ќе паднат!

Им се гледа крајот. Ќе паднат силно, ќе бидат поразени од народот, а ВМРО-ДПМНЕ и народот ќе победат, затоа што само така победува Македонија.

А ова е тоа финале кога мора да се испорача цехот, цехот на сите неправди, прогони, ужасувања, за сите лаги и измами, за потта која остана неплатена, за сиромаштијата и тешкото време кое го донесоа.

ВМРО-ДПМНЕ  помина низ сите премрежја и сите искушенија, и еве не во оваа преполна сала, со кренати глави и едногласно сите велиме дека победуваме,  победуваме, а потоа ќе  ги засукаме ракавите за нашата заедничка иднина.

ВМРО-ДПМНЕ не е само наша партија, тоа е кодот на Македонецот, организацијата која во историјата и ги даде најдобрите синови и ќерки на нашата земја. Чувар на огнот за Македонија веќе 126 години, од кој 29 години таа битка ја води ВМРО-ДПМНЕ и таа челична пркост која во историјата поместуваше планини, тој труд кој што  создаде обврзаност кон каузата, таа постојаност  кое донесе слобода. Таа обнова која денес и треба повеќе од било кога на Македонија, за да се препороди, развие, за да изградиме здраво и витално општество.

Гоце Делчев велеше “трудот и постојанството, тоа е силата со помош на која човек станува највелик при секоја иницијатива“.

Тоа е решението почитувани пријатели, кратко и јасно.

Ни треба работа, и ни треба постојаност!

Нам ни треба работа, работа и работа за да одиме напред. Само работата ги движи процесите, без работа нема напредок, без работа нема ништо. Опиеност, мрзеливост, комодитет не носат успеси, тие се аномалии, и тие ги оставаме на нашиот политички противник. Ние сме за работа, нас не не плашат непроспани ноќи, жртвување на слободното време и посветување на татковината, не не плаши потта која треба да ја пролееме. Не, нас не инспирира можноста за работа, ние смело ја очекуваме таа работа.

Постојанството за кое говореше Делчев, постојаноста е извонредно битна, и значи пред се да бидеш стабилен, да не лажеш, да не говориш измами, да не нудиш лажни очекувања на народот за потоа да не ги исполниш и мува да не те лази за тоа, како што  тоа впрочем го прави оваа арамиската влада. Постојанството значи да бидеш горд на своите предци, на нашите херои, на идејата и делото на организацијата, на македонизмот кој е дел од нашата душа. Да бидеш постојан и во работата, постојан во грижата, постојан во бранењето на националниот интерес. Постојанството значи и да постоиш, и  да опстоиш како Македонец, како слободна индивидуа со почит кон своето постоење и минато.

23 Октомври е датумот со златни букви испишан во нашата историја, и таа сила, тој труд и постојанство денес одново не крева за да ја донесеме обновата која насушно и треба на нашата мила Македонија. 23 октомври е инспирација, но и потсетник колку е скапа слободата која е издвојувана, но и колку треба да си ја  чуваме и браниме  Македонија.

Почитувани пријатели, дозволете да се осврнам на актуелните политички прилики, ова место и овој свет ден е прилика, но и обврска да се произнесам за сите оние работи кои имаат влијание на нашето секојдневие.

А каква е реалноста денес? Нема човек во државава кој не е пренатрупан со проблеми. Во нашите разговори за обнова, слушнав живи сведоштва за маката на нашиот народ. Ќе запаметам дека Трајче од Битола го избркале од работа зошто им рекол дека Заев го лаже народот за името. Дека на Сиљан од истиот град му заминало и последното чедо во туѓина зошто тука живот нема. И сега живее сам со својата сопруга во куќа градена со децении, сега празна, како што е неговото секојдневие. Митре од Струмица се пожали дека во земјоделието никогаш не било полошо, вели ние сме последните борци кои веројатно ќе признаеме пораз дека од земја повеќе не се живее, зошто трудот не е платен, а субвенциите каснат. Го паметам и проблемот на Жаклина од Ресен која ми рече дека платите каснат и по 4 месеци, и едвај го прехранува своето многудетно семејство. Димитар од Карпош вели пензиите не мрднаа од мртвата точка, а животот е се поскап. Тука ја пак ја видов Гордана која две години е без работа иако завршила Правен Факултет со просек над 9. Можеби таа не е подобна за власта, ама за Англија е подобна каде планира да се асистира во една од најголемите адвокатски канцеларии. Проблеми до проблеми, а нашиот народ се посирмашен и несреќен. И оваа мака никој од власта не ја слуша, зошто власта пак има друга мака, тие се посветени како да украдат повеќе. Таквото однесување државава ја однесе во ќорсокак. Толку темен и голем што веќе оваа влада не може да понуди никаква иднина, па макар и розева, лажна, нестварна иднина. Но она што е важно и што од денеска се гледа се мери во денови, би рекол и часови е тоа што  Заев паѓа, и не треба да се слушнат само анкетите кои велат 100 илјади гласа разлика во корист на опозицијата, туку  треба да се слушне народот кој овој пат, на 12-ти април лето Господово 2020 ќе го извади црвениот картон и ќе свири крај на владата со најкраток и најнеславен мандат во историјата на независна Македонија.

Заев паѓа затоа што го издаде и не го следи Гоце Делчев.

Заев паѓа затоа што нема труд и постојанство!

Заев паѓа зошто ништо не работи, а многу лаже.

Заев паѓа зошто го подели народот и донесе омраза. Наместо 3 години на реформи тој посвети три години на прогон кон опозицијата, патриотите, новинарите, бизнисмените кои се рекетираат. Само под оваа власт, новинарите се гонат зошто пишуваат за криминалците, а криминалците пак, тие седат во скутот на власта. Медиумите се делат на провладини, и опозициски, а за оној кој Заев вели дека е провладин, газдата правеше рекет со Обвинителката која првиот човек на владата иако знаел дека рекетира ја предлагаше за унапредување во државен јавен обвинител.

Заев паѓа затоа што приведува, испрашува и истражува новинари кои се дрзнале да говорат за неговите криминалии.

Заев паѓа зошто тргуваше со Македонија. Затоа што  го даде она што на сите ни е свето, но за возрат не се доби ништо.

Заев паѓа зошто смени име и идентитет без да го слушне народот.

Заев паѓа зошто криминалот е голем и тој извира од врвот на власта. Зошто во Македонија имате СЈО кое рекетира, Рускоска која обвинува и Кацарска која суди, а на крајот тука  е Јовевски сите овие  да заштити. Сваровски судството се замени со Луј Витон судството чија цел наместо правда се куфери полни со милиони во џебовите на политичарите на власта.

Заев паѓа зошто нема правда, ама нема ниту мир. За три години ниту еден криминалец не е зад решетки. А има и такви кои ги пуштаат на слобода, да им завршат по некоја работа и за да ги пофалат. Затоа што нема друг премиер во Европа кој фатен на снимка како бара поткуп, а потоа самиот си се самоамнестираше кога стана премиер. Ама кога лепи раката ќе продолжи да лепи, па потоа го видовме дека нуди мито и за Вартоломеј.  И нема правда не зошто  СЈО сега стана непосакувано чедо, туку затоа што тие го криминализираа и стана алатка на Власта за изнуда. Болната реалност е зошто премиерот направи пакт и стана промотор и најдобар другар на криминалците.

Заев и оваа влада паѓаат зошто ги измамија земјоделците. Здравството го уништија, образованието го достигна доното. Пензионерите немаат пари ниту за лекови, а младите ги празнат градовите одејќи и барајќи посреќен живот надвор од земјата.

Заев паѓа затоа што излажа и за платите на докторите, за просечната плата на работниците. За чистиот воздух кој никогаш не дојде. Заев паѓа затоа што излажа за   Гугл, за Фејсбук, за Санос и Фолксваген кои никогаш не се случија. За жицата која ја скина…за раните кои ги отвори за Смилковско, нерасветлените убиства, и несигурноста која е денеска секојдневие.

Ова е пораз на Заев, а не на македонските граѓани, последиците ги трпиме сите. Додека одеше за Брисел, не заборави да го пушти законот за опојни дроги, за да ги осигура плантажите за марихуана. Што мислите, дека Европа не знае дека премиерот на Македонија е до гуша во криминал, дека сме неславен рекордер по корупција, дека организирана мрежа на луѓе од власта рекетира бизнисмени и тргува со правдата. Цехот на штетните политики го плаќаме денес сите ние, граѓаните.

Болната вистина е дека за три години власт ништо не се смени кон подобро, и нема област каде имаме напредок, а она што го претставуваа за режим кој толку многу го плукаа и го оцрнуваа, и сите наши мани кои народот ги имаше за нашето владењее ги усовршија и махериски надминаа кон полошо. И сега во една изразена немоќ на соочување со вистината ќе пласираат теза, немојте да гласате за ВМРО тие се полоши од нас, но треба да признаат дека тие се најлоши, катастрофални и дека Македонија никогаш немала полоша влада во својата историја. Животот стана пекол, а правиот пат после недобивањето датум за преговори заврши во слепа и темна улица. И во таква една таква една ситуација на безизлез во која се наоѓаат решаваат да удрат со две работи. Првата е лажни ветувања и тука алармирам дека нема да штедат зборови. Ќе ги рециклираат и мултиплицираат старите лаги за поубав живот, за плати, пензии кои и досега не растеа, ќе симнуваат ѕвезди, брда и долини ќе ветуваат само да ја задржат фотелјата која им обезбедува богат живот на грбот на народот, и втората е да посеат лаги кон ВМРО и опозицијата. Но, има нешто што овие две работи сурово ги разобличува, а тоа искуството на народот од овлаа власт. А тоа искуство покажува дека народот добро знае со какви луѓе си има работа. Во налетот да сокријат дека им се тресат колената од губењето на власта, како очајник за сламка Заев тргна со лагата која ја шират дека ВМРО е противник на Европските интеграции. Ви се молам, ја слушам оваа теза и не можам да поверувам. Заев Европеец е исто онолку лажливо колку да кажам дека Заев е чесен. Едното со другото не оди. Го слушам полна му е устата дека ние сме биле националисти. Јас не би рекол дека сме националисти туку би рекол родољуби. Патриоти. Ние сме Македонци. Ние сме Македонци кои се гордеат дека говорат македонски јазик. Ние ме патриоти кои го почитуваат и бранат ликот и делото на Гоце Делчев. Ние сме честити чесни луѓе. Тоа е понудата која ќе ја имаат граѓаните на 12 април 2020 година, а од другата страна ќе ги имаат овие слуги без кичма. Овие луѓе кои коленичат за привилегии и фотељи. Овие арамии кои ги опустошија градовите и селата го опљачкаа сопствениот народ. Изборот ќе биде помеѓу чесноста и честитоста, правото и правдата и арамилокот и криминалот кој ќе го нудат овие слуги кои коленичат за привилегии. Јас верувам во мудроста на народот и народот и ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата за Обнова на Македонија ќе победи на следните предвремени парламентарни избори. Огромна победа ќе биде тоа.

Втората теза која е лага е онаа дека ВМРО бегало од избори. Токму ние баравме избори, а Заев велеше октомври догодина бил добар датум, па ќе ве потсетам на онаа негова изјава “мало сутра ќе дал избори” зошто бркал датум за преговори. Ама сега таквата сигурност во настапите на Заев ја нема, зошто знае дека се што ќе рече ќе порекне. И на онаа средба со државниот врв јас предложив од оваа недела да формираме техничка влада и да почнеме да ги броиме 100 дена а потоа ќе има избори. Заев одби уплашен и збунет. Одби и потоа нерадо се даде техничка влада зошто знае дека таква една влада ќе се спречи повторување на неславните рекорди од гласањето од 5,4 секунди на референдумот и за тоа никој не одговара. Е тоа нема да дозволиме да се повтори. Нема да се случи Заев да ја украде волјата на народот.

Следна теза е онаа која Заев соочен со поразот ја пласира дека СДСМ водело на анкетите. Ќе ви кажам дека Заев води онолку колку што Македонија блеска. Еве да ве прашам кој збор ви паѓа на памет кога ќе го слушнете името и презимето Зоран Заев. Мене ми доаѓа зборот измама. Измама преку нереализирани ветувања, преку продадениот идентитет и жицата во која се колнеше во најмилото, па потоа дека ќе облечел железни опинци, и сето тоа откако претходно година дена мислеше дека разговара со Порошенко, и многу порано откако водата ја мереше со метри кубни на час, или тоа дека рибата мирисала од опашката, за да конечно ја завладее психоанализата за душата, срцето и петата. И сето ова е смешно, но трагично истовремено што ваков човек незаслужено си игра со судбината на нашиот народ. Да потсетам незаслужено дополнително покрај овие секојдневни гафови и политички штетни одлуки затоа што тој ги загуби изборите 2016-та после кои владее цели три години. Е сега друга песна. Народот знае што е потребно. Нема веќе никој да му ја краде победата на народот и гласот на народот.

Нема шанси да дозволиме да се провлече со било какви измами.

Свесен е дека ќе имаат резултат полош од оној на Шекеринска од 2008-ма со која сега седат рамо до рамо. Овие двајца ликови се синоним на неславната транзиција и сите погрешни политики и сега веќе е време, време е за пензија. И нормално потоа соочување со одговорноста. Нема бегање.

Драги пријатели,

Не чека многу работа. А главните предизвици доаѓаат по формирањето на новата влада. Ни престои обнова за која мораме да се избориме. А обновата е сонот за Македонија каква секогаш сме ја сакале и заслужувале. Горда, Исправена, Европски интегрирана, технолошки тигар на Балканот, со зони кои работат, со фабрики кои се отвораат, со здравство кое функционира. Обновата значи да ги решиме и проблемите за кои говорев на почетокот, онаа неправдата која му е нанесена на Трајче и Сиљан од Битола, да помогнеме на Митре од Струмица, Жаклина од Ресен, Димитар од Карпош, да ја вратиме Гордана. Да решиме стотици, илјадници проблеми на граѓаните.

Нашата задача е да ја вратиме надежта кај луѓето и заедничката среќа. Да ги намалиме поделбите и омразата. Да постигнеме единство за националните прашања. Да донесеме правда. Мора да постои одговорност. Ќе го испитаме потеклото на имотот на политичарите, и оние кои несразмерно се обогатија на грбот на народот, не само  да одговараат со казни, туку да го вратат украденото од народот во буџетот на Македонија. Мора да се врати одземеното. Никој во оваа држава не смее да заштитува криминал, а криминалците да се чуствуваат заштитени.

Сакам сега да ме слушате внимателно,

Повеќето од вас овде ќе бидат кандидати и луѓе што ќе водат институции треба да знаат дека по изборите ќе имаат одговорна задача да и служат на земјата и да раководат со институциите. И имам неколку пораки да испратам до вас:

Немојте никогаш, ама баш никогаш да го разочарате народот. Од него ќе ја имате довербата, и тој е најважниот столб во оваа држава. Вие му служите на народот, а не народот на вас.

Нема да имам милост кон било кој што ќе посегне по неправда и корупција, одговорност за сегашната власт ќе има за оние кои се огрешиле кон законот, а со лупа најблиску ќе ја следам и вашата работа и за секој престап одговорноста ќе биде понесена, без оглед колку некој е блиску до мене и колку битки заедно сме издвојувале. Тоа не ве прави големи, тоа мора да ве прави поодговорен.  Мора да се врати кај народот вербата во политичарите зошто не сме сите исти, а доаѓа ново време. Ќе ја вратиме вербата со дела, изразен морален и етички кодекс на однесување и никакви делби на граѓаните.

Не смееме да ги направиме грешките на оваа неодговорна власт, и да научиме од грешките на нашето владеење кои му сметаа на народот.

Мора да работиме десет пати, сто пати подобро и понапорно од било кога досега за да ја обновиме земјата.

Мора да го оствариме сонот за развиена држава, да отвориме досега најголема битка против неправдите.

Не смее да се дозволува неефикасност во работата, незаслужени приоритети или врски во образованието и здравството.

Не смее помалку вредните да го завземаат местото на успешните. Мора да се оствари ветеното и реално да се каже што може да се оствари.

Да ги тргнеме на страна национал романтичарските теми за лов на гласови, и да ја добиеме довербата со дела и проекти за подобар живот.

Мораме државата да ја ставиме на брза патека за влез во Европската Унија. Да направиме реформи и да добиеме датум за преговори, а потоа да ги отвориме поглавјата кои ќе го направат животот подобар.

Не смееме да се однесуваме неодговорно и спрема националните прашања, тоа им го должиме на нашите предци, сите оние кои со глава го платија она што ние денес го живееме, а тоа е слободна, независна и самостојна Република Македонија.

Заборавете на лускузот и удобствата на државна сметка. Секој денар е туѓ и му припаѓа на напатениот народ. Обновата на Македонија не е само повисоките плати, пензии за кои ќе се бориме, пониските даноци кои ќе ги воведеме, туку и обнова на пристапот и начинот на практикување на политиката. Можеме, умееме и ќе успееме.

Мудрите луѓе рекле “животот им припаѓа на живите, и тој кој живее мора да е подготвен за промени. Сѐ што можете да го направите, или за кое мечтаете да би можеле, започнете го. Храброста ги има генијот, моќта и магијата во самата себе”.

ВМРО ја запали машината. И ВМРО-ДПМНЕ ќе ја донесе победата. Тоа е локомотивата која на брзите шини ќе ги донесе промените.

Ќе покажеме и ќе докажеме како одговорно се владее, и како се дава шанса на успехот.

Кога сите не отпишаа, ние покажавме пркост,

Кога не потценуваа, ние работевме. Пеколно работевме.

Сега се исправаме и тргаме во последниот поход, каде целта е Македонија и ќе победиме.

ВМРО е народот, а народот е Македонија.

Заедно со сите граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и сите останати, заедно со Коалицијата за обнова на Македонија тргаме кон победа, заедничката победа и триумф на народот.

Јас, Христијан Мицкоски не влегов во политиката за корист, туку за кауза и идеал. Мојата цел е успехот, а каузата она што сите нас силно не врзува, а тоа е Македонија. Вие сте нашата сила, а силата ја прават сплотени луѓе. Ние денес се сплотуваме за нашата земја, се обединуваме за нашата иднина, за нашата иднина, за нашиот заеднички успех.

Ќе победиме заедно, со срце кои чукаат како едно. Да покажеме дека можеме и дека ќе успееме, а Македонија секогаш ја крепеле храбрите и одлучните. Кажете по улиците и маалата дека Обновата доаѓа, дека часот чукна и народот не може да се прешкрта. На 12 април лето Господово 2020-та доаѓа одговорот на народот.

Да живее Република Македонија

Да живее ВМРО

Да живее ВМРО-ДПМНЕ

Македонија вечна!

  Категории:
view more articles

Останати вести