(ВИДЕО) Лековерна Саботажа

(ВИДЕО) Лековерна Саботажа
18.10.19   23:30

Прочитано : 1,098

Print This Article

Лековерноста на македонскиот политички ансамбл уште еднаш го покажа сиот свој раскош. Надежите дека ќе паднат на нашиот препознатлив неправилен ритам останаа пусти, бидејќи француската шансона прави посебна хармонија за која нашиот оркестар и покрај огромната желба и неизмерна љубов кон мелодијата, не успеал да ги научил тоновите кои се бараат.

„Сите ја сакаме музиката, ние ноти не знаеме. Трубач се раѓа, трубач не се учи, за труба да свиреш треба да бидеш од Бога надарен“.

А се навестуваше дека дарбата е доволна, дека отсуството на познавање партитури нема да биде пречка за оние што имаат елементарно чувство за слух, па понесени од атмосферата пред концертот се негуваа илузии дека нашиот оркестар ќе биде примен со раширени раце.

„Ние секој пат надувуваме се…Тоа е. Па добро, очекувањата нормално, од таа атмосфера. Сите нас не чекаат. Вас ве чекаат во одредени моменти. А, ние доаѓаме и кога ќе влеземе во врата, готово, тогаш се луѓето веќе…“.

Можеби моментот бил погоден ама домаќинот не бил баш расположен да ужива во неповторлива забава и камерно ја проследил најавата за журка, свесен дека без негово учество, таа нема да се случи и покрај сериозната подготовка на сите членови на ансамблот конечно да настапат.

„Без него ритам нема. Нема, навистина, тоа е онаа комплетна весела дружина“.

Зачудени од неговата хипокризија се сите и се бара објаснување за ирационалниот потег. Некои сметаат дека се работи само за музичка ксонофобија, некои за договор со други бендови, но најчесто одлуката да не ја отвори вратата, тврдат дека е поттикната од интерес, без кој никогаш не може да има добра свирка.

„Секој пат, предизвик се парите. Најголемиот предизвик се парите…Тогаш атмосферата се вжештува луѓето се качуваат на столици на маси“.

И покрај предизвиканата разочараност од студенилото и од отсуството на нематеријални дразби, желбата на оркестарот да настапи на големиот фестивал со сопствена композиција остана неостварена. Сепак, ќе мора да се совладаат новите напеви,  оти друга игранка не постои.

„Што ни барат, тоа ќе го го свириме. Нема не знам. Се што ќе бараат, мора да се свири“.

И на крајот. Еден од клучните проблеми за надалеку да се чуе нашиот глас.

„Тоа најмногу не боли нас, што уште нема менаџер кој би се заинтересирал за нас. Еден менаџер да се заинтерсираше за нас, да не извади малку“.

На македонската музика не и недостига ништо. Ниту ритам, ниту хармонија. И фали силен мецена. Без него, до тие што треба да чујат, никогаш нема да допре нашата симфонија.

Извор: 360 Степени

view more articles

Останати вести