(Видео) Купишта пелени со урина и фекалии во Аеродром – интервенираше единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана

(Видео) Купишта пелени со урина и фекалии во Аеродром – интервенираше единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана
20.09.18   16:11

Прочитано : 882

Print This Article
TC Skopjanka

Скопски Аеродром од синоќа е во центарот на вниманието, откако жителите на зграда во „Скопјанка“ беа евакуирани поради неподонослива миризба. Вистинска драма се случуваше до полноќ и тоа поради купишта искористени пелени со урина и фекалии – ова на нозе ги крена градските власти, но и единиците на армијата. Пелените кои биле пронајдени во еден од становите се причината поради која повеќе од шест часа жителите на оваа зграда поминаа под отворено небо. Толку време и беше потребно на специјалната единица при Армијата за атомска, биолошка и хемиска одбрана да пристигне на терен откако службите на градот не успеале да ја утврдат состојбата. Додека траеше неизвесноста, помеѓу евакуираните жители на зградата пристигна и градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов. Кратко по полноќ, откако специјалната единица на армијата утврди што ја предизвикало миризбата, тој им кажа на граѓаните дека можат безбедно да се вратат во домовите, но мораше да ги разубедува со видео снимка направена од пелените во станот, бидејќи не му веруваа дека поради нехигиена биле приморани да ги напуштат домовите.

По неколкучасовната драма, екипи од Центарот за социјални работи разговарале со жената која живеела во станот од кој се проширила реата. Дополнително денеска разговарале и со нејзината ќерка за утврдување на фактите. Било констатирано дека не станува збор за семејство од социјално ранлива категорија, бидејќи жената остварувала месечни приходи и имала сопствено живеалиште.

„Тимот уште синоќа утврди дека деведесетгодишната жена која користела пелени починала во јануари. Сега работиме на тоа да утврдиме зошто пелените толку време останале во станот во кој деведесетгодишната жена живела со 65-годишна ќерка. Се работи за материјално и станбено обезбедена жена, односно корисник е на пензија и има стан, не е загрозена категорија, а и самата има ќерка, која, пак, има обврска да се грижи за неа. Кај неа е нов тим од центарот за социјална работа кој ќе разговара и со 65-годишната жена, а на незината ќерка, пак, ќе објасни дека има обврска да се грижи за мајката“, изјавија од Центарот за социјални работи.

Станарите од зградата за дел од медиумите рекле дека жената не плаќала за оддржување во зградата и никако не успевале да ја исконтактираат или да поразговараат со неа. Речиси никој и не знае како изгледа жената, но се сеќаваат дека пред 20-ина години во истиот стан интервенирала пожарната по пријава дека семејството внатре варело ракија.

Дополнителен проблем на станарите им претставува и бездомник кој живее во подрумот на зградата. Синоќа, откако пожарникарите и инспекторите, по сугестија на граѓаните се симнале и во подрумот и таму нашле над 100 пластични шишиња полни со урина.

По синоќешната интервенција, денеска населбата изгледа како и во секој друг ден. Жителите на зградата пак веќе одбиваат да споделуваат детали или да бидат снимени, поради бизарноста на случајот.

  Категории: