(ВИДЕО) Интервју со Џијан Емин: Луѓето знаат да препознаат чиста и позитивна енергија

(ВИДЕО) Интервју со Џијан Емин: Луѓето знаат да препознаат чиста и позитивна енергија
4.08.19   12:20

Прочитано : 360

Print This Article

Луѓето знаат да препознаат кога има искрена, чиста и позитивна енергија. Можеби нема да ги најдат вистинските зборови во тој миг да го искажат тоа, но ќе речат чекај ова е добро, вели во неделното интервју на РСЕ македонскиот уметник Џијан Емин.

Џијан Емин е композитор, мулти-инструменталист, аранжер, продуцент и диригент во националната Филхармонија. Згора на тоа бележита е неговата улога и во проектот ФЕЈМС, продукцијата на концернот Јуниверзал од Франција, Излет мјузик, интернационалниот Оркестар без граници и Биг бендот на Здружението на македонските музичари. Еден e од највредните или ако сакате најзапослените творци на современата домашна музичка сцена. Човек кој во сопственото портфолио през годините поминал низ состави како Д.Н.О, ПРОЕКТ ЖЛУСТ, БОДАН АРСОВСКИ ЕЗГИЈА ОРКЕСТАР, АРХАНГЕЛ, СКОПЈЕ КОНЕКШН или соработувал и сè уште настапува со имиња како Дерик Меј, Јуан Аткинс, Феми Кути или домашните Никола Коџабашија, Кирил Џајковски, Ѓорѓи Шарески, Тони Китановски… Едноставно, уметник на чие творештво му се поклонува светот.

Од каде толку енергија, внатрешен мотив, сила… да се биде Џијан Емин?

Јас се чувствувам многу комотен во својата кожа и некако сам на себе сум си нормален во ова што го работам. Извори на енергија има насекаде. Извор ми се децата, градот, државата. Сите кризи, сите проблеми, сите среќи и несреќи. Целата љубов, универзумот… Извор на енергија за она што го работиш, креираш, едноставно има секогаш. Само треба да го согледаш, видиш. Да се напоиш од него.

Безмалку звучи чудно, но Џијан Емин е сè уште дома, иако неговите соработки и уметнички конекции веќе поодамна му обезбедија место некаде таму надвор. Некои заминаа, но ти сè уште си тука. Kако да не можеш да му раскинеш на градот, иако ситуацијата нималку не е розова во оваа наша земја. И не само сега.

Ако се вратам наназад, на почетокот на оваа музичка приказна што ја почнав на времето со ЖЛУСТ и со Д.Н.О, некако тогаш со другарите од овие бендови, со Александар Поп Христов – Ачек, Гоце Стефковски, Иван Бејков, имавме зацртано идеја дека ние ќе останеме тука да живееме, тука да работиме и да успеваме некако оваа приказна, оваа енергија, „криза“ да ја носиме надвор за да можат луѓето таму да видат, да слушнат што е тоа што се случува овде. Какви музики, каква уметност создаваме. Како живееме ние, за што размислуваме, што чувствуваме. Какви состојби преживуваме. Така што, ете таа моја идеја или пророштво се исполнија. Тука сум сè уште. Добро ми е. Нормално е дека и мене ми е тешко. Како и на сите. Знае да затежи, ама од друга страна, пак, имам доверба и простор каде што можам да делувам. И Филхармонијата, и првите луѓе во неа, и администрацијата имаат доверба во мене, во она што го работам и некако добивам прилики да работам некои сериозни проекти покрај оние што си ги работам сам. И некако еве ме овде. Останав тука. Инаку, живот се случува секаде. И во Танзанија во Африка, и во Њујорк, и во Јапонија. Човек мора да научи како да живее. Мора да научи дека треба да работи и во Њујорк, и во Тексас или на Аљаска. Само се менуваат состојбите или можеби се менува реалноста. Нивото на тежина е претпоставувам секаде исто. Освен се разбира онаму кадешто луѓето немаат што да јадат и што да пијат. Тој баланс е сè уште во дефект во цел свет. Инаку, секаде каде што луѓето имаат основна егзистенција, нивото на борба за опстојување претпоставувам дека е секаде исто.

Во изминативе 25 – 30 години, од нашето детство, од нашата младост ние некако влеговме во оваа транзиција којашто е сè уште транзиција. Некако почна со војните во поранешна Југославија. Јас имам и фамилија во Босна и имаше многу непријатни ситуации и случки во тој период, така што некако тој клик ми проработе многу брзо и некако брзо ми се разбистри сликата за сè она што се случува и тогаш се потрудив и сè уште се трудам да најдам начин како сето тоа да не влијае врз сето она што го работам јас, бидејќи ако погледнеме во историјата тие случувања, она што е основа на движењето на овој свет – војната, борбата за превласт и моќ е постојано тука. Од кога постои човештвото. Не знаеме како било пред тоа. Не знаеме ништо како настанал светов. Тоа се само шпекулации и зошто сè ова што се случува ни се случува. Ако човек најде начин како да ги гледа работите од малку поголема дистанца, не велам дека тоа е начинот, меѓутоа можеби и ќе најде простор да може да си најде среќа во животот. Да не заглавува во тие секојдневни муабети на озборувања, овој ова кажал, овој е толку глуп, овој е арамија, а другиот за ништо не го бива. А за жал, посебно во последниве 10 – 15 години, тоа двоење, сино – црвено, жолто – зелено, средни, леви, десни, вакви и онакви, први, втори, трети, стана премногу големо и ние луѓето, обичните луѓе, тешко се справуваме со тоа. Едноставно поделбите имаат силно влијание на нас. Не можеме да останеме рамнодушни и секој мора да има став за работите. И неретко се случува со луѓе коишто ми се многу блиски кога разговараме за одредени работи да имаме конфронтации за одредени размислувања. Како би требало да биде или зошто е тоа така, како би сакале да биде. Има огромно влијание сè тоа што се случува во нашето опкружување. Во нашата реалност, во нашиот микрокосмос.

Од кажаново, што значи да се биде уметник во Македонија, а да се остане свој? Имало ли моменти кога си се премислувал да застанеш под закрила на некој политички табор? Имало ли воопшто понуди?

Фала богу досега сум немал таква понуда. Да бидам дел од некоја политичка партија или да морам да бранам одредени ставови кои не се мои. А, сам да ми текне такво нешто, скраја да е. Не дај Боже! Доколку уметникот ја продаде душата тогаш е готово. Нема веќе уметност. Тој станува слуга на некого. На нечии идеи. Уметникот кој и да е, каков и да е, со што и да се занимава тој е единствениот којшто може да го прави балансот во нашето живеење. Ајде да не кажам во универзумот. Единствено останува уметноста којашто може да се потруди да го направи тој баланс. Да биде против тежата. Да ги направи и да ги избалансира работите барем во одреден момент. Луѓето знаат да препознаат кога има искрена, чиста и позитивна енергија. Можеби нема да ги најдат вистинските зборови во тој миг да го искажат тоа, но ќе речат чекај ова е добро. Дај да ја чуваме оваа енергија и да го заборавиме сето она што е дефект.

Меѓутоа економскиот момент е многу присутен и огромната сиромаштија, прво материјална кај обичниот народ, претпоставувам дека тоа направи голем јаз меѓу она сè што е политика и начинот на којшто се води, ајде да не кажам со начинот на кој се манипулираат сиромашните луѓе во нашава држава кои се во огромен број, тоа е неминовен факт, со сè друго. Успеваат да ги лажат луѓето, да ги манипулираат. Значи тој јаз и таа разлика стануваат сè поголеми и поголеми во начинот на размислување на едните и на другите. Покрај таа материјална криза и таа духовна сиромаштија би рекол е многу изразена на некое друго ниво. Претпоставувам дека проблемот е во начинот на образование, начинот на воспитување, начинот на растење. Каква е идејата и целта, потребата за живот. Што е тоа што треба да те води во животот. Не знам. Не сум и јас многу паметен, само очигледно е дека има сериозен дефект во општеството. И не само тука, туку и во целиот свет. Ако е зло и добро, злото во последно време некако победува иако на филмовите не убедуваат дека доброто ќе победи. Тоа мене ми се гледа дека е некако лажно.

Во вакви услови на живеење и црно-бела политичка поделба на општеството, културата упорно и постојано е монета за поткусурување. Ти смета ли тоа што по некое непишано правило на одговорни места доаѓаат некадарни луѓе кои не успеваат да ги мрднат од место работите, а оние кои знаат и умеат, вистинските професионалци се турнати на страна?

За жал, културата во нашево општество е ставена тотално на маргините. Според мене, она што е главниот проблем е економскиот проблем. На луѓето пред сè им треба леб за да можат да преживеат, и отпосле да мислат каква култура им треба. Може ќе звучи чудно, популистички, но јас и покрај тоа што сум од областа на културата повеќе би бил среќен доколку луѓето имаат што да јадат и што да пијат, да го преживуваат она од месец до месец малку понормално. Да не биде она борење леб – сирење, да не смеат да помислат на кашкавал еднаш годишно и ако е тоа проблемот ќе почекам некое време за да може културата да се исправа