(ВИДЕО) Бона фиде Саботажа

(ВИДЕО) Бона фиде Саботажа
21.10.19   23:40

Прочитано : 1,463

Print This Article

Во недостиг на оригиналниот мајстор во употребата на Вујаклија, се појавуваат нови чираци кои на сесрден начин се обидуваат да го компензираат отсуството. Желбата да се покаже познавање на мртвите јазици и нивното ставање во употреба во жива дебата ги става во непријатна ситуација соговорниците кои слушаат ама за да бидат пристојни, па не сакаат забележливо да направат корекција.

„Ти си адвокат, некогаш си работел и бона фиде…про боно години наназад ги застапувам Македонците“

Добрата вера дека се уште има доброволци волонтери со висок интелектуален капацитет кои се подготвени да се стават на располагање, сепак ја губи таа есенција кога промовираат вредности на кои и самите им се спротиставувале и сметале дека мора да бидат ставени ад-акта. Може разочарувањето да е големо, но веројатно не до таа мера која би претпоставувала профилирање анахрони урнеци.

„Дури имаш моменти каде што во судството, каков –таков Груевски воведе најголеми реформи во судството“

Дискрапанците во општеството се толку драстични што реперити за добро и лошо зависат не од оценката на резултатите, туку од личните перцепции. Глорифицирањето на минатото е исто толку контрапродуктивно како кревањето во облаци на сегашноста и креирањето слики што одговараат само на научната фантастика.

„Не може никој да негира дека на некој начин Зоран Заев ја спаси државата. Е, сега како ја спаси државата и дали е Зоран Заев е супермен? И да и не“.

Некои пак сметаат дека тој не стигнал ниту да Кларк Кент а камоли до суперхеројот, па забележувајќи на неговиот неновинарски стил на изразување, тврдат дека не само тој, туку ниту советниците кои му ги пишуваат говорите не помирисале од пи-ар криптонитот и останале на ниво на патетични предучилишни поетски јунаци.

„Денеска таму чита состав од градинка за ѕвездички и мислам, што очекувате?“

Нема што многу да се очекува, оти и онака ѕвездичките се на стенд-бај а надежите дека ќе има придвижување се губат во временската рамка која нема ниту почеток а камоли крај. Чувството дека ритамот ќе се промени од обичен лет во место во драматичен отскок ги дразни дури и економистите кои не можат да ја фатат логиката на бесконечното пролонгирање.

„Преговорите ќе продолжат на пролет, па на есен, па на пролет, па на есен па 2116, па 4850. Не, до тогаш мора“.

И на крајот. А, зошто да мора кога има такви на кои секогаш и се им е јасно.

„Еј и нафта да пиеме од сабајле нема да бидеме мутави, јасно ни е дека тука има нешто“

Тоа нешто се вика рафинирање.Без него, не општеството, туку и нафтата останува само сурова. А, таква, таа е речиси неупотреблива.

Извор: 360 Степени

view more articles

Останати вести