(ВИДЕО) 360˚ Tоп-листа – најкористените зборови во настапите на претседателските кандидати и нивна анализа

(ВИДЕО) 360˚ Tоп-листа – најкористените зборови во настапите на претседателските кандидати и нивна анализа
16.04.19   08:00

Прочитано : 1,261

Print This Article

Што откриваат десетте најупотребувани зборови во говорите на кандидатите за прв човек на државава?

„Со употребување, истакнување на овие зборови, како дел од вкупната порака, кандидатот се обидува, тоа е нормална техника и комуникациска стратегија, да ги приоретизира темите во главите на оние што го слушаат.“ – вели Гоце Пачемски, експерт за односи со јавност.

Иако кандидатката Гордана Силјановска-Давкова ја поддржува конзервативна партија…

„Во нејзината реторика, на пример, отсуствуваат такви зборови како што се семејство, традиционални вредности.“ – вели универзитетската професорка Јасна Бачовска-Недиќ.

Стево Пендаровски дисциплинирано се држи до PR стратегијата и политичката агенда.

„Европа е нагласена. Се разбира НАТО како некое клучно оставрување и стремеж.“ – смета Пачемски.

Блерим Река се обидува да наметне граѓански концепт.

„Тука сепак се работи за една реафирмација на етничките прашања во Македонија.“ – смета Бачовска-Недиќ.

Колку најчесто користениот наратив открива за личниот, а колку за политичкиот профил на идниот претседател на земјава?

Темелно анализиравме по три говори на тројцата кандидати за претседател одржани во различни средини. Потоа ги пребројавме зборовите за кои е воочливо дека Силјановска-Давкова, Пендаровски и Река често ги користат. Така составивме листи од топ-десет најкористени зборови за секој кандидат одделно, кои потоа ги анализиравме со универзитетската професорка Јасна Бачовска-Недиќ и PR-експертот Гоце Пачемски.

Кандидатот на владејачкиот СДСМ, Стево Пендаровски, најчесто ги користи следните десет збора:

1. Држава

2. Европа

3. Македонија

4. Народ

5. Проблеми

6. НАТО

7. Заедно

8. Етничка (заедница)

9. Напред

10. Политичари

„Европа е нагласена, значи патот кон Европската унија како приоритет. Македонија не е запоставена што е многу значајно особено бидејќи зборот Македонија е изоставен во слоганот. Употребувањето и нагласувањето на зборот Македонија и контекстот во кој е употребен исто има значење, дека е на висок приоритет. Народ, проблеми – значи не се бега од проблемите. Се разбира НАТО како некое клучно оставрување.“ – смета Пачемски.

„Гледам една социјалдемократска реторика. Ги потенцира проблемите. „Заедно“ – значи не прави некоја сегрегација, премногу не артикулира со зборот етнички, различности, со тоа сака да каже дека веќе сме ги надминале тие проблеми и сега имаме некои други стратегии.“ – смета Бачоска-Недиќ.

Блерим Река, кој е поддржан од опозициските БЕСА и Алијанса за Албанците, е со оваа топ десет листа:

1. Република

2. Македонија

3. Држава

4. Европска Унија

5. Албанско

6. Процент

7. НАТО

8. 21 април

9. Проблем

10. Балкан

„Република звучи државнички, звучи прифатливо за сите граѓани, како концепт е прифатлив, република како граѓански концепт, значи власта кај граѓаните. Меѓутоа зборот граѓанин, пак, не е меѓу најупотребуваните, туку се нагласува албанското, па се врзува со зборот процент. Мислам дека тука треба да се направи малку поквалитативна анализа во кој контекст е употребен зборот процент.“

Некогаш вели дека не треба да бидеме процент.

„Да. Меѓутоа сепак голема енергија и високо во приоритетот е објаснувањето што значи албанско, процент и република – концептот. Тие се врзани.“ – смета Пачемски.

„Тука сепак се работи за една реафирмација на етничките прашања во Македонија. Тоа, на некој начин, многу луѓе го гледаат различно.“ – додава Бачовска-Недиќ.

За кандидатот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Силјановска-Давкова, преброивме дека најчесто ги користи:

1. Македонија

2. Претседател

3. Проблем

4. Власт

5. Право

6. Избори

7. Граѓани

8. Устав

9. Европска Унија

10. Реформи

„Тие јасно кажуваат дека кандидатката својата сила, својата аргументација, ја темели врз своето знаење и експертиза. Се разбира тоа ќе биде клучот на нејзиното политичко дејствување доколку биде избрана за претседател. Меѓутоа еден од најретко употребуваните зборови е НАТО. Европска Унија е погоре. Тоа јасно укажува на влијанието на политичкиот дел, политичката стратегија да не се даде признание, случајно, на достигнувањата на сегашната владејачка гарнитура.“ – вели Пачемски.

„Морам да кажам дека оваа политичка реторика на професорката ја доведе до кандидат за претседател. Таа беше мошне активна во целиот процес на преговорите меѓу Македонија и Грција, а и претходно кога се кроеа мнозинствата во однос на амандманите. Професорката беше една од најактивните интелектуалци кој што беше противник на тоа како тече процесот, пред се од правен аспект. Да, таа е професор по уставно право. Од таму многу го имаме артикулирано зборот закон, Устав, држава, што мене лично ми смета. Треба малку поинаква реторика, малку поголем аспект на граѓаните, на човековите права, на едно ново димензионирање на националниот идентитет во 21 век.“ – анализира Бачовска-Недиќ.

Но, има еден краток збор кој, според искуството од досегашните изборни кампањи, политичарите често сакаат да го употребуваат – ЌЕ. Оваа честичка е на врвот според употребата и кај тројцата кандидати, пред посочените десет најкористени збора. Кај Силјановска-Давкова – убедливо најчесто, со оглед на тоа што држи и најдолги говори кои траат и над половина час.

„Впечатокот што го добиваат од пренагласувањето на честичката ЌЕ е дека овој човек премногу лесно ветува. Тоа е онаа, по мое мислење, рамнотежа на која треба да внимаваат говорниците, во овој случај кандидатите, да не влезат во замката на генерирање преголеми очекувања.“ – анализира Пачемски.

Претседателските кандидати речиси и да не го користат новото уставно име на земјава – Република Северна Македонија. Затоа, пак, користат скратено – Македонија – збор кој на Силјановска-Давкова и е најчесто употребуван. Таа го корити и старото уставно име – Република Македонија.

„Што се однесува до употребата кај Стево Пендаровски, мислам дека таа неупотреба е од кампањски потреби, бидејќи станува збор за нешто што може да предизвика револт кај населението.“ – вели Бачовска-Недиќ.

„Неупотребата на уставното име од страна на кандидатката на опозицијата е политички пресметано. Тоа е дел од нивната политичка стратегија и од таму кај неа тоа е намера, намера да се испрати друга порака, а таа потоа е и јасно образложена дека ние, всушност и јас лично, не го признаваме.“ – додава Пачемски.

Според нашите соговорници, дел од стандардната PR стратегија е во говорите често да се користат зборовите од слоганот на кандидатите. Но, тоа го прават само Река и Пендаровски. Зборовите „република“ кај Река и „заедно“ и „напред“ кај Пендаровски се меѓу десетте најупотребувани. На Река ова му е втор збор на листата. Кандидатката Силјановска-Давкова зборот „правда“, иако е во нејзиниот слоган, ретко го изговара. Не е ниту во првите десет, туку на 18-то место според фрекфенцијата на употреба.

„Неупотребата на зборот „правда“ асоцира, наговестува дека таа порака има потреба да се модифицира. Тоа е еден аспект, или, можеби, нагласувањето на зборовите право, Устав и закон кои комбинирано заедно се споменати 72 пати и ќе излезат на второ место веднаш после ЌЕ, упатува на стручноста на која инсистира кандидатката. Значи јас сум експерт по право, јас знам како ќе донесам правда за Македонија.“ – смета Пачемски.

„Тука имаме затајување на ПР тимот на професорката или професорката има голем личен интегритет и го запоставува слоганот, меѓутоа, јас мислам дека ова е еден не добро искомпониран слоган. Зборот „правда“ беше многу употребен и социјално потрошен во самите протести „нема правда – нема мир“ и „татковината повикува“ што е еден старомоден, конзеравтивен, нели. Тоа е мој став и мое лично мислење.“ – заклучува Бачовска-Недиќ.

Сведочиме на мирна кампања без многу возбудувања, се согласуваат нашите соговорници. Реториката е со висок степен на меѓусебна почит и толеранција што е ново за земјава. Сепак, можно е заострување особено пред решавачкиот втор круг.

Извор: 360 Степени

  Категории:
view more articles

Останати вести