(ВИДЕО) 360° Скопје со свој „оскаровски црвен килим“ за „Медена земја“

(ВИДЕО) 360° Скопје со свој „оскаровски црвен килим“ за „Медена земја“

Македонскиот документарен филм „Медена земја“, иако не успеа да освои „Оскар“ на 92. доделување на престижните филмски награди, беше повод во Скопје да се случи „медена ноќ“. Во ноќта на „Оскарите“ и македонската престолнина имаше свој црвен килим.

Младински културен центар

Во Младинскиот културен центар беше организирано заедничко гледање на популарната манифестација на која документарниот филм „Медена земја“ беше номиниран во две категории – најдобар документарен и најдобар странски долгометражен филм.

Филип Николовски

„Екипата на МКЦ сака заедно да гледа „Оскари“, да проследува ваков тип манифестации. Особено што имаме наш претставник годинава, решивме да објавиме дека тука ќе ги гледаме „Оскарите“ и дека ќе ги поканиме сите коишто се заинтересирани да дојдат тука и да гледаат со нас“,

рече Филип Николовски – програмски директор на МКЦ. 

„Половина за вас, половина за мене“, е една од највпечатливите пораки од филмот и за швајцарската амбасадорка, чија амбасада е меѓу најголемите поддржувачи на снимањето на филмот.

Сибил Зутер Техада

„Го гледав филмот. Многу е убав и импресивен, исто и пораката што ја праќа до луѓето. Секој што го гледал филмот, вклучувајќи ме и мене, вели дека ова е еден од најдобрите. Мислам дека ова е нешто невообичаено“,

вели Сибил Зутер Техада – амбасадорка на Швајцарија во С. Македонија. 

Љубителите на филмските награди „Оскар“ имаа големи надежи за учеството на македонскиот тим на престижната церемонија. Ангела Димитровска, Моника Пижевска и Катерина Момева беа меѓу стотиците кои во МКЦ ги следеа „Оскарите“.

„Филмот е доста искрен и квалитетен. Мислам дека екипата има вложено многу. Мислам дека заслужува ’Оскар‘, меѓутоа и да не добие тој ги доби тие награди коишто требаше да ги добие на ’Санденс‘ итн. Ова ќе биде само цреша на шлагот“,

рече Ангела Димитровска.

„Сметам дека филмот е вистинко ремек-дело“,

рече Моника Пижевска.

„’Медена земја‘ е вистинско уметничко остварување. Јас очекувам најдобри резултати“,

смета Катерина Момева.

Како загревање за долгата филмска ноќ, се одржа проекција на „Медена земја“. Приказната за пчеларката Атиџе уште еднаш ги допре срцата на присутните.

Проекција на „Медена земја“ во кино Фросина

Музичката група „Фолтин“, пак, која ја направи музиката за „медениот филм“, одржа концерт. За нивниот басист Гоце Јованоски најголема инспирација да се создаде музиката била енергијата на тимот.

Од настапот на „Фолтин“
Гоце Јованоски

„Прво работевме трејлер за филмот, имавме видено некои детали од филмот. Потоа чекавме да се заврши филмот и да ја завршиме целата музика. Прилично долго време траеше целиот процес“,

рече Јованоски.

Илинденка Петрушева, која е филмски критичар и е еден од основачите на Кинотеката на Македонија, смета дека младите автори внесуваат нови вибрации во македонската документаристика.

Илинденка Петрушева

„Атиџе кога вели ’пчелите – мора и тие да се хранат‘, тоа се такви пораки кои ги носи овој филм што од првото гледање бев во позитивен шок. Мислам дека ’Медена земја‘ само го продолжува оној пат што македонскиот документарен филм го имаше порано“,

смета Петрушева.

Погледите повторно вперени кон големото платно, но овој пат за доделувањето на „Оскарите“ и за бодрење на тимот на „Медена земја“ – режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, продуцентот Атанас Георгиев и снимателите Фејми Даут и Самир Љума.

На фотографијата, од лево на десно се: Тамара Котевска, Атанас Георгиев, Љубо Стефанов, Атиџе Муратова, Самир Љума, Рена Еид, Благоја Неделковски и Фејми Даут.

Иако не доби „Оскар“, „Медена земја“ веќе напиша историја со двете номинации за „Оскар“ и големиот број награди што ги доби досега.

Ристе Бојчевски

Извор: 360 Степени

„Не, напротив, не сум разочаран. Мене ми е мило што стигнавме до номинации и тоа, според мене, е најголем успех, искрено“,

рече Ристе Бојчевски кој беше меѓу стотиците присутни во МКЦ.

Филмскиот критичар Петрушева, пак, додаде дека за неа „Медена земја“ веќе ги освои двата оскари.