(ВИДЕО) 360° План на ЕК за С. Македонија: Нацрт-методологија во јануари, мини-извештај во февруари, одлука за преговори во март

(ВИДЕО) 360° План на ЕК за С. Македонија: Нацрт-методологија во јануари, мини-извештај во февруари, одлука за преговори во март

Владимир Мирчески, известувач на „360 Степени“ од Брисел

Донесувањето нов закон за јавно обвинителство повторно се враќа како висок приоритет на земјава, и тоа до февруари в година, кога Европската комисија ќе објави мини-извештај за реформскиот напредок во С. Македонија и во Албанија, врз чија основа земјите-членки на ЕУ кон крајот на март 2020 би носеле одлука за почеток на пристапни преговори со Скопје и Тирана

Европската комисија работи на план чија крајна цел е почеток на преговори за членство со Северна Македонија и со Албанија во март следната година. Новиот еврокомесар за соседство и проширување, Унгарецот Оливер Вархели, за ова денеска овде во Брисел ги информирал министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, на работниот појадок на кој присуствуваа и шефовите на македонската и на албанската дипломатија, Никола Димитров и Гент Цекај.

Дебатата беше многу охрабрувачка. Се чини дека ќе бидеме во можност да продолжиме напред и да ја исправиме грешката која беше направена во октомври. Би требало да бидеме во можност да почнеме пристапни преговори со двете земји, веќе следната пролет,

вели Оливер Вархели, еврокомесар за соседство и проширување

Идејата на Вархели, според информациите на „360 Степени“, е документот за реформа на методологијата за преговори, во нацрт-верзија, да излезе од Европската комисија кон крајот на јануари, по што комесарот би почнал консултации со земјите-членки на ЕУ. Во иделано сценарио, новата методологија и одлуката за почеток на преговори со Скопје и со Тирана би требало да се донесат во март. Појадокот беше во организација на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендиас, чија влада, по првичната резервираност, се обидува да стане предводник на иницијативата за исправање на грешката кон соседните земји од октомври.

Направивме чекор напред. И министерот Димитров и министерот Цакај имаа можност да ги изнесат своите согледувања пред моите колеги-министри од ЕУ и да одговорат на неколку прашања. Затоа, мислам дека направивме чекор кон постигнување на посакуваното – во март да имаме датум за старт на преговори за Северна Македонија и Албанија, под услов да имаме продолжување на реформите и исполнување на целите и условите.

вели Никос Дендиас – министер за надворешни работи на Грција

Би сакале да дадеме зелено светло и пред тоа, веќе во март. Тоа е многу кратка временска рамка и верувам дека сите во просторијата се согласија дека остануваме посветени на Западен Балкан, посветени на перспективата. Прашањето е сега да продолжиме брзо и да го направиме кредибилно

вели Александер Шаленберг – министер за надворешни работи на Австрија

На појадокот на кој учествуваа дваесетина шефови на дипломатии, меѓу кои и на Германија, Холаднија, Данска, Австрија, но не и на Франција која беше претставена на амбасадорско ниво, дел од министрите отворено зборувале дека реформата на преговарачкиот процес не смее да го кочи стартот на преговори со Северна Македонија и со Албанија.

Пораката што ја слушнавме од сите земји е дека на пролет сакаме да видиме старт на преговорите со двете земји.

вели Екатерина Захариева- министерка за надворешни работи на Бугарија

Што се случува со францускиот нон-пејпер?

Францускиот нон-пејпер… Најголем дел од министрите го делат ставот дека – да, ова е добар предлог. Се разбира, со некои идеи се согласуваме со други – не, но ова се два процеса. Стартот на пристапните преговори не треба да биде одложен додека ја преговараме новата рамка за пристапување. Овие процеси можат да бидат паралелни.

вели Захариева

Романија изразува целосна поддршка за пристапниот процес за двете земји и даваме целосна поддршка на политиката на проширување. Што се однесува до новата методологија која е предложена со цел процесот на проширувањето да биде поефикасен, го изразив ставот дека, се разбира, секој процес што ќе ја подобри методологијата е добредојден, но дека тоа не смее да го блокира актуелниот процес за Албанија и за Северна Македонија.

вели Богдан Ауреску – министер за надворешни работи на Романија

Шефот на дипломатијата Никола Димитров вели дека Македонија сака да гледа напред, а не да се занимава со тоа кој е виновен што во октомври немаше одлука за преговори. Димитров е воздржан и не зборува за рокови.

Би сакал да изразам благодарност до министерот Никос Дендиас и нашите грчки пријатели што го организираа овој појадок. Ние сме соседи, стануваме многу добри пријатели и имаме работи што треба да се завршат. Немаше одлука во октомври. Во јуни ни беше кажано дека ќе има одлука. Затоа, треба да го исправиме тоа. Мислам дека нема алтернатива за Западниот Балкан, освен европската интеграција. Нема да западнеме во стапицата да бидеме жртва и да обвинуваме кого било. Ќе продолжиме да произведуваме добри вести, како за домашните реформи така и со добрососедски односи со сите и ќе направиме да биде невозможно за која било земја-членка да каже „не“ повторно, во следните неколку месеци.

вели Никола Димитров- министер за надворешни работи на С.Македонија

Временската рамка за идните чекори би требало да изгледа вака:

  • Европската комисија до крајот на јануари изготвува нацрт-методологија за пристапните преговори и почнува консултации со земјите-членки на ЕУ;
  • Европската комисија во февруари објавува скратен извештај за напредокот во реформите во Северна Македонија и во Албанија;
  • Советот на Европската унија, односно земјите-членки, кон крајот на март ја усвојуваат новата методологија и носат одлука за почеток на преговори со Скопје и со Тирана;
  • во календарот на ЕУ предвиден е состанок на Европскиот совет на 26 и 27 март, кога веќе ќе бидат завршени и локалните избори во Франција, закажани за периодот од 15 до 22 март.

Се смета дека, а тоа биле дел од пораките и на денешниот работем појадок, клучно за македонското досие ќе биде пред Европската комисија во февруари да го затвори скратениот извештај за земјава, во Собранието да се донесе нов закон за јавното обвинителство.