(ВИДЕО) 360° Париз попушта, Брисел сака одлука во март, Скопје „дува во јогурт“

(ВИДЕО) 360° Париз попушта, Брисел сака одлука во март, Скопје „дува во јогурт“

Во Скопје власта и опозицијата ја продолжуваат серијата меѓусебни обвинувања кој е за, а кој против ЕУ-интеграцијата и каков ефект ќе има усвојувањето на Законот за јавно обвинителство.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, смета дека станува збор за, како што вели, уште еден темел на неселективна правда и на правосудство што гарантира одговорност и казнивост за секој што го прекршил законот.

Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак тврди дека станува збор за закон за спас на криминалот на Заев и неговите соработници.

Во Брисел пак се фали потегот како чекор напред.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров

„Успеавме да го усвоиме последниот преостанат закон што ги отстранува сите сомнежи за нашиот случај, а тоа е Законот за јавното обвинителство“,

изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Шефот на европската дипломатија, Јосеп Борел

 „Презедоа нов чекор во делот на реформите со усвојувањето на Законот за јавно обвинителство што ја покажува волјата да направат се што можат со цел да имаат европска перспектива“,

изјави шефот на европската дипломатија, Јосеп Борел.

Прашање е дали носењето на Законот за обвинителство навистина е вовед во одлука за почеток на преговори во март по фијаското во октомври?

Францускиот претседател Емануел Макрон изминатиот викенд на Минхенската безбедносна конференција се обиде да ја демистифицира својата одлука од октомври кога побара прво реформа во пристапувањето, па потоа одлука за преговори со Скопје и Тирана. Одговорот на Макрон следеше по незгодно прашање – кога Франција ќе го крене ветото за двете земји.

Францускиот претседател Емануел Макрон

„Прво, не го прифаќам терминот француско вето. Не го прифаќам терминот француско вето. Ја поздравувам големата храброст  некој да се скрие позади Франција кога има несогласувања, но можам да кажам дека неколку држави беа против отворање преговори со Северна Македонија и со Албанија. На ова додавам дека значителен број држави беа против било какво отворање преговори со Албанија. Мислам дека ќе направевме голема грешка ако ги одвоевме двете држави и ако започневме преговори само со Северна Македонија“,

изјави Макрон.

Ова беше појаснувањето на Макрон за октомври, а во директниот одговор на прашањето што сега по новата методологија, што беше негово барање, францускиот претседател ги потврди сигналите дека Париз го менува курсот.

„Европската комисија направи одлична работа (со методологијата). Го поздравувам тоа. Тој предуслов е надминат. Јас сум строг. Секогаш сме строги меѓу нас кога станува збор за некој извештај на комисијата за одредена тематика. Сите го очекуваме извештајот од комисијата во март месец за двете држави. Ќе видиме што ќе каже комисијата за состојбата околу очекуваниот напредок во Албанија и Северна Македонија за дадените рефоми. Според тоа, во однос на предусловите кои ги поставив, ако резултатите се позитивни и се воспостави доверба, ќе бидеме во ситуација да ги започнеме преговорите“,

порача францускиот претседател.

Позитивниот тон во настапот на Макрон во Минхен се рефлектираше на синоќешниот состанок во Брисел меѓу врвот на Унијата и земјите од Западен Балкан. Се зборува за одлука за почеток на преговори пред Самитот во Загреб, закажан за почетокот на мај, под услов извештаите на Комисијата за двете држави да бидат бидат позитивни.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен

„Сакаме да го поплочиме патот за Северна Македонија и Албанија да ги почнат пристапните преговори со ЕУ, ако е тоа можно, пред Самитот во Загреб. За овој самит подготвуваме инвестициски пакет и се надевам дека Советот на ЕУ ќе даде зелено светло за овие очекувања“,

изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, пред почетокот на средбата.

По состанокот хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ, излезе со уште пооптимистичка изјава. Во едно идеално сценарио, тој зборува за одлука во март.

Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ

„Она што е најважно е дека пред нашиот состанок во Загреб сакаме да го решиме прашањето на отворање преговори со Северна Македонија и Албанија, ќе настојуваме да се донесат одлуки во март. Мислиме дека ЕК се движи во добра насока и со новата методологија за преговори, но и со извештаите што ќе следат за конкретните елементи за напредокот на овие две земји. Освен тоа, сакаме ЕК да излезе со силен економско-инвестициски пакет за земјите од Југоисточна Европа, кој би се презентирал во Загреб. Се радувам на одлука од Советот на ЕУ во март, тоа би било поддршка на дебатата што треба да се одржи претходно на ниво на министри во Советот за општи работи“,

рече хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, чија земја е претседавач со ЕУ.

Состанокот на Советот за општи работи за кој зборува хрватскиот премиер, е закажан за 24 март. Ако одлуката на министерско ниво е позитивна, неа формално ќе треба да ја потврдат шефовите на држави и влади два дена подоцна на состанок на Европскиот совет.

Дали во март гледате зелено светло за Северна Македонија и Албанија?     

„Не можам да зборувам во името на двете земји, иако се борам за двете. Мислам дека треба да успееме. Ако ниту една не успее, тогаш ќе биде многу тешко да се каже дека има врата и затоа мора да имаме успех и за мојата земја по чекање на толку многу генерации, 15 години земја кандидатка, 11 години по првата препорака за почеток на преговори, отсекогаш  беше присутен спорот за името. Спорот го решивме, имаме многу добар случај во однос на реформите и мислам дека – да не се каже „да“, во март да не се даде зелено светло за Северна Македонија, всушност, значи дека се нема политика за овој регион, кој е во средината на ЕУ“,

изјави шефот на македонската дипломатија, Димитров. 

Откако Македонија на два пати се „изгоре“ во проценките и очекувањата – прво во јуни, па во октомври минатата година, сега изјавите на владините претставници се внимателни и воздржани.

„Мислам дека по искуството со неколкуте Совети на ЕУ не смееме да си дозволиме да бидеме среќни пред тоа да се случи. Треба да работиме, треба да туркаме и сметам дека ова е шанса која ЕУ треба да ја искористи зашто денес немаме многу шанси за успех во Европа и во светот“,

рече Димитров.

Извор: 360 Степени