(ВИДЕО) 360° Невидливи, а сепак се тука – државата во нов обид да ги препознае лицата без државјанство

(ВИДЕО) 360° Невидливи, а сепак се тука – државата во нов обид да ги препознае лицата без државјанство

– Јас сум Селмани Бајрама. Немам документи, немам ништо. Што да правам, ме бркаат од болница. Ги носам децата во болница, ме бркаат. Од каде да ги земам тие документи.

– Јас сум Сенат Селмани. Имам14 години, а се уште немам документи.

Невидливи, а сепак се тука. Постојат во општеството, но не и пред државата. Според различни проценки, во земјава има и до 1000 лица без никаков документ. Владата идентификувала 700 лица без државјанство и преку нов закон прави повторен обид државата да ги препознае како личности.

– Сега ќе се стекнат тие лица од тој регистар со посебен статус и ќе можат да ги остварат граѓанските права во нашата држава, вели доскорешната министерка за труд и социјала, Мила Царовска.

Дали новиот обид целосно ќе го реши проблемот на бездржавјанството или на повидок е ново делумно решение?

Сиромаштијата не секогаш влијае и на состојбата на духот. Барем не во единствената ромска населба во државата, Шуто Оризари. Тука, на улиците, сите се заедно – и во радоста и во маката.

Но, по дома, секој е сам со своите грижи – како да се преживее денот, особено ако си невидлив за државата.

„Немам ништо, ни лична карта, ни извод, ни здравствена книшка. Сакам да ги запишам децата во школо, но без документи не ги примаат. Ни вакцина не примале, ништо. Државата не ме гледа. Немам ни социјално, никакви документи“,

објаснува Бајрама Селмани.

Бајрама Селмани правно не постои, бидејќи нема извод од матичната книга на родените, па не може да дојде и до лична карта, здравствено осигурување или социјална помош. Тоа е наследство што го добиле и нејзините четири деца.

Членовите на семејството Селмани се само дел од стотиците граѓани кои за Северна Македонија како држава не постојат. Заедничко за сите од првата генерација лица без државјанство е што се родиле во домашни услови, пред распадот на Југославија, при што не биле навреме регистрирани во матичната книга на родени. Се додека тие не го регистрираат своето раѓање, не можат да ги запишат ниту своите деца.

За нив, Управата за водење матични книги бара нотарски изјави дадени од двајца сведоци, ако се постари децата – потврда или свидетелство дека посетувале училиште. Дополнително, го задолжува МВР да изврши проверка на терен дали родителите живеат на адресата каде се родило детето и негова ДНК анализа како потврда за нивното биолошко потомство.

Невладината организација „Амбрела“ постојано е на терен во обид да најде што повеќе лица без државјанство и да им пружи помош. Проблемите, вели Љатифа Шиковска, почнуваат штом се појават на улица.

„Се движат и бараат работа, некои од нив се собирачи на отпад. Имаат проблем со полицајци кои ги затекнуваат на улица и бараат да се идентификуваат кои се. Тогаш следуваат казни, одредени проблеми, кои тие не можат да ги докажат, бидејќи се лица без лична документација“,

вели Љатифа Шиковска од невладината организација.

Шиковска обвинува дека удел во проблемот има и Управата за водење на матични книги. Законски, институцијата е должна да одлучи по секое барање во рок од 30 дена, но „Амбрела“ регистрира случаи каде администрацијата молчи со години.

„Ние имаме случај кадешто момче во моментот е во затвор на одлежување затворска казна, мислам дека 11 години е осуден. Тоа е лице без идентитет. Сега на пример, јас си го поставувам прашањето, кој го осудил судот, кое е тоа лице? Без разлика, иако направил кривичното дело, во ред е, треба да се почитуваат законите, но тоа момче е осудено на толку години, а нема ни прв извод на родени ниту лична карта. Неговите родители се уште не можат да го посетат во затвор, три години не го виделе бидејќи во затвор им велат на пријавница – од каде да знаеме дека вие сте негови родители“,

зачудено прашува Шиковска

Според проценките на невладините организации и државните институции, бројката на лица без државјанство варира од 400 до 1.000. Во моментот во Управата за водење на матични книги во фаза на решавање се 40-ина предмети.

„Се уште постојат населени места низ Македонија, села во струмичко итн, каде живеат затворени групи на луѓе, кои едноставно не сакаат да соработуваат. Така да верувам дека сигурно има уште некои 200-300 луѓе на кои би требало да им се пополни прашалник и да влезат во таа си некоја база на податоци. За самата акција како бројка беа формирани 650 прашалници, се сеќава Јасна Пецевска – Талевски“,

советничка во Управата за водење на матични книги.

Последните здружени напори на Управата, Министерството за труд и социјала и невладиниот сектор завршија со мапирање на околу 700 лица без државјанство. Следниот чекор е да влезат во посебен регистар на родени.

„Тоа е место каде што се евидентирани сите лоцирани лица на терен до денеска. Преку тој регистар, којшто е во Управата за матична евиденција, со овој закон за евидентирање на лицата кои не се евидентирани во матичната книга или порано нарекувани „фантоми“ во нашата држава, сега ќе се стекнат тие лица од тој регистар со посебен статус и ќе можат да ги остварат граѓанските права во нашата држава, откако овој закон кој што го споменав сега ќе помине во Собранието“,

објаснува доскорешната министерка за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Ваквото решение е дел од предлог-законот за неевидентирани лица во матичната книга на родените, кој е на прво читање во Собранието.

Решението предвидува лицата без државјанство да добијат привремен извод од матичната книга на родени, на кој ќе стои нивна лична фотографија. Со таквиот извод тие ќе добиваат и идентификациски наместо матичен број. Бидејќи немаат живеалиште, како адреса на овие лица ќе биде впишано седиштето на Центарот за социјална работа во општината каде се сместени. Овие документи ќе бидат основа за добивање на привремена идентификациска исправа со важност од 5 години. А со идентификациската исправа, родителите потоа ќе можат да ги пријават и нивните деца во Управата за водење на матични книги.

Но, според Македонското здружение за млади правници, ваквото решение повторно е само привремено. За реално вклучување на лицата без државјанство во системот, повикуваат на целосна правна интеграција.

„Според нас, постојат две опиции. Едната опција е да биде променет Законот за матичната евиденција и секако да се почитуваат роковите за дополнителен упис, бидејќи овие лица секогаш се впишуваат со дополнителен упис од 30 до 60 дена. Постои и второ решение кое не е нешто што ние би го измислиме, туку постои во Србија и може да се преземе. Тоа е посебен дополнителен упис на лицата кои се родени дома пред се, коешто би се правело во вонпарнична судска постапка, а апропо на тоа ќе треба да се промени и законот за вонпарнична постапка“,

објаснува Бојана Божиновска – Силјановска од Македонското здружение за млади правници

Доскорешната министерка за труд и социјална политика Царовска мисли поинаку – дека станува збор за трајно решение за кое добиле согласност и од невладиниот сектор.

„Тие бараа целосно да биде решението и овие лица да се стекнат со државјанство, што значи комплетно решавање на проблемот. Заеднички учествуваа во групата, ги видоа сите дискусии и сите дилеми, на крајот се согласивме дека е подобро оваа година да го пуштиме овој закон, да нашите сограѓани кои денеска немаат никаков пристап до ниту една институција ниту до болница ниту до училиште ниту до Центар за социјална работа да им ги оствариме овие права“,

смета Царовска.

Колку значи добивањето на извод од матичната книга на родените покажуваат семејствата кои и со досегашните механизми успеале да бидат препознаени за живи од државата. На Бајрама Шаесат и требале цели 11 години и многу помош од невладиниот сектор за да добие извод за нејзините две деца Ервин и Фатмана. За прв пат, во септември минатата година, тие тргнале во училиште.

„Друго е кога имаш документ. Бараат и во школо, јас сакам да ги примам во школо. Но, ми бараа документ од децата. Јас што да им дадам кога немам документи. Сега имаат документи имаат здравство, подобро е кога имаш документ“,

со насмевка на лицето вели Шаесат.

Споредено со регионот, Северна Македонија има најмал број на лица без државјанство. Во Словенија, бројката изнесува 2.500, во Србија – 6.000, а најмногу се регистрирани во Албанија, односно 7.500 лица. Агенцијата за бегалци на Обединетите нации проценува дека во светот има над 10 милиони лица без државјанство, а дека 600.000 од нив живеат во Европа.

Извор: 360 Степени