(ВИДЕО) 360° Марковиќ: Ако радикалната десница направи партија конечно ќе дознаеме дали се 1,2 милиони или 5-10 илјади гласачи

(ВИДЕО) 360° Марковиќ: Ако радикалната десница направи партија конечно ќе дознаеме дали се 1,2 милиони или 5-10 илјади гласачи

Универзитетскиот професор Ненад Марковиќ во дебата на „360 Степени“ зборуваше за крајната десница и трката во освојување на овие гласови на претстојните избори.

„Останува мистерија колку се на број, никој не може точно да каже. Гласноста не значи и бројност истовремено. ВМРО-ДПМНЕ веќе подолго време се наоѓа во тој некој невозможен еквилибриум, независно што ќе биде на изборите и дали ќе им се исплати, но на долг рок веројатно ќе им се одрази на функционирањето на партијата и можноста да ги задржат сите тие гласови. ВМРО-ДПМНЕ подолго време пробува да игра и со либералниот центар. Мислам дека изборот на професорката Силјановска за претседателски кандидат беше една порака во таа насока помалку или повеќе. Истовремено се обидуваат да го задржат овој радикално десен базен на гласови кои можеби се 10, можеби 20, можеби 50 илјади. Не знам и не можам точно да проценам дали е исплатлива тактика на долг рок. Но, факт е дека да ги држите и либералниот центар, оние неопределени гласачи кои можеби би отишле центар-десно или од некоја причина се незадоволни од другата страна, и истовремено да адресирате радикална десница, во Хрватска многу интересно се одрази на претседателските избори. Не знам како ќе се одрази во април, има многу време до тогаш“, вели Марковиќ.

Сепак, тој вели дека проблем е што нема анализа колку точно се овие гласови, дали се 1,2 милиони кои, како што се кажуваше, останале дома за референдумот или пак се работи за 10 илјади гласачи.

„Тие гласови може да се организираат и во некоја своја политичка енергија. Што може да му олесни на ВМРО-ДПМНЕ. Можеби на краток рок тоа не му одговара многу, но на среден и долг рок исклучитлено му одговара, затоа што конечно ќе се развлечат политичките енергии кои сега се споени во десниот кампус. Доколку оваа иницијатива направи своја поличка партија и излезе на избори, ќе можеме конечено да дознаеме дали се навистина 1,2 милиони гласови или се 5, 10 или 50 илјади гласови“, вели Марковиќ.