(ВИДЕО) 360° Едните предизборно го полнат, другите креативно го мерат џебот на гласачите

(ВИДЕО) 360° Едните предизборно го полнат, другите креативно го мерат џебот на гласачите

Секој следен буџет што го проектира власта, актуелната и поранешната, е поголем од претходниот. Критиките за мегаломански буџети се идентични од секоја опозиција, но дали со промена на власта добиваме и промена во однесувањето, како што се ветуваше?

Политичкиот договор од последната лидерска средба за предвремени избори во април ѝ остава простор на власта непречено да носи одлуки уште 45 дена. Ограничувањата ќе дојдат со Пржинската влада која треба да стапи на сцена на 3 јануари. Оттогаш па до 12 април, владата ќе функционира технички и без ниту еден чекор што би можел да се толкува како предизборно влијание врз гласачите.

За екс-премиерот Владо Бучковски, се што во моментов прави владата, не само што е во рамките на законите туку политички гледано е и оправдано. Вели – опозицијата и овозможи комотна есен на власта.

„Опозицијата ја пропушти шансата, под наводници, да ја „спречи“ власта да реализира дел од изборните ветувања ако изборите беа брзи, ако се распуштеше парламентот. Вака, од една страна, власта е во предност, но не ја знам јас тактиката и стратегијата на опозицијата. Лидерот на опозицијата инсистираше да има сто дена техничка Влада, може да претпоставиме зошто му треба па нему дополнителен период, но во секој случај алатките на опозицијата се веќе видени, да пенетрира во синдикатите, да пенетрира во невладините организации, кај оние што се незадоволни, да се обиде да го искористи незадоволството на определени групи на граѓани“,

вели тој.

Бучковски се потсетува дека за време на неговото владеење располагаше со двојно помал буџет и дека рацете на неговата влада дополнително ѝ беа врзани поради аранжманот со Меѓународниот монетарен фонд. ММФ инсистираше на строга фискална дисциплина – без дополнителни трошења и вработувања во јавниот сектор. Исходот е познат – Бучковски падна од власт.

„Од денешна перспектива гледано, пофалбите останаа – власта ја изгубивме. Заради дел од рестриктивните политики мислам дека имаше одраз на изборниот резултат. Тоа искуство го има, го знае и Заев, кој беше тогаш градоначалник во Струмица, но го знаат и оние кои беа активни во СДСМ и дел од нив беа и министри, пред се Шекеринска, Спасовски, имаат искуство и мислам дека ова што се прави во предизборието има за цел и да има многу подобар резултат на изборите во април владејачката коалиција, пред сѐ, СДСМ“,

додава Бучковски.

Екс-министерот за финансии, Кирил Миновски, кој сега не е активен во партијата, во буџетската рамка за следната година гледа популизам, кој може да биде и ризичен.

„Секое зголемување на платитe кое не базирa на зголемување на продуктивноста, носи определени ризици, пред сѐ, ризик од потенцијален инфлаторен притисок. Кога говориме за задолжувањето, трендот на задолжувањето, нешто што беше претходно критикувано, продолжува и тоа се отсликува во овој буџет, иако велиме инвестираме во човечки капитал, пред се тие инвестиции се инвестиции во плати. А не само зголемување на платите значи инвестирање во човечкиот капитал. Инвестирање значи во подигнувањето на квалификациите, вештините на работната сила, така што од тој аспект сметам дека кога влегуваме во една изборна година, основната цел на овој буџет е генерално да се задоволат предизборните апетити на оние што го конструираат буџетот“,

вели Миновски.

Миновски смета и дека власта не влева надеж дека идната година ќе видиме конкретни капитални инвестиции.

„Кратењата и со ребалансот за оваа година беа кај оваа ставка, така што најавите дека следната година ќе имаме високо ниво на капиталните инвестиции не зависат само од алокацијата на средствата, туку зависат генерално од подготвеноста на институцииите за таканаречен проект менаџмент. Од она што можев да видам е генерално дека имаме проекти за којшто говори и изминатите три-четири години, а претходно се дизајнирани, од кои што голем дел се наоѓаат во ист стадиум во којшто беа оставени“,

вели Миновски.

Премиерот Зоран Заев, пак, уверува дека се мисли не само на инвестиции, како што велат од власта, во човечкиот капитал, туку и на вистински капитални инвестиции.

„Продолжуваат да легнуваат парите за реализација на автопатот Кичево – Охрид. Железницата. Гасификацијата продолжува со максимално темпо, реализацијата е одлична и продолжуваме токму во тој дел, зборуваме за 70 милиони евра ново задолжување за локалните патишта, тоа е веќе вградено тука. Зброуваме за капитални инвестиции за болниците, тоа е се капитални инвестиции и уште еднаш да сублимирам нема ниту едно евро, ниту еден денар задолжување за плати, за пензии, за јавната администрација“,

вака Заев го пранеше предлог-буџетот за 2020 година.

Одговорот на опозицијата на владината кампања на зголемување плати дојде лично од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Христијан Мицкоски сними промотивно видео во кое вели дека Заев лажно сервира покачување на платите.

„Вистината е дека ова зголемување кое ви се ветува е задоцнето и премало“,

уверува Мицкоски во промотивниот видео спот.

Зголемувањето на платите, конкретно на просветарите, Мицкоски го коментираше и на терен, меѓу жителите на Кавадарци.

„Ајде секој вработен да добие примање онолку колку му следува, а му следува просечна плата без додатоци од 36 600 денари. Зошто толку, затоа што кога ќе ги помножите 14 500 дена со коефицентот на сложеност на работно место што го има секој вработен во образование а тоа е 2,533, тогаш добивате сума од 36 илјади и 600 денари. Ајде да не ги лажеме и манипулираме луѓето, ајде да го испорачаме тоа што им следува согласно закон и согласно колективниот договор“,

рече Мицкоски.

Проверивме – дали е можно власта да ги изигрува наставниците? Математиката што заеднички ја направивме со СОНК е различна од онаа на Мицкоски. Просветарите од први јануари добиваат 10 насто покачување, што на пример, за вработрните во средните училишта, ќе значи најниска плата за најниското ниво на сложеност од 15.227 денари. Кога овој износ ќе се помножи со коефициентот за сложеност за професорите, за кој зборува Мицкоски, и кој изнесува 2,533, се стигнува до сума од 38.569 денари бруто плата за професорите во средно, без минат труд и други додатоци. По одбитоците за придонеси, професорите на сметка ќе добијат нето плата од 25.966 денари.

Додека едните предизборно го полнат, другите предизборно креативно ја мерат длабочината на џебот на гласачите.

Извор: 360 Степени