(ВИДЕО) 360˚ Дали позитивните оценки од извештајот на ЕК за Македонија ќе доведат до почеток на преговори?

(ВИДЕО) 360˚ Дали позитивните оценки од извештајот на ЕК за Македонија ќе доведат до почеток на преговори?
17.04.18   08:01

Прочитано : 481

Print This Article
loading...

Пред утрешното објавување на извештаите на Европската комисија за земјите опфатени со процесот на проширување, владини и невладини претставници овде во Белград ги анализираат сценаријата за приближување на регионот кон Европската Унија..

Колку се остварливи најавите дека 2018-та ќе биде клучна за проширувањето и дека веќе во 2025-та некои од овие земји ќе бидат полноправни членки – се дел од прашањата за кои се разговара.. За Македонија, која утре ќе добие безусловна препорака, клучното прашање е дали годинава ќе добие и датум за почеток на преговори.

– Она што успеавме да го направиме е да запреме негативна динамика – ние во земјата, Европејците, Американците. Сега е многу важно да се направи напредок, зашто проблемот со проблемот е дека се шири ако навреме не се реагира. Ако има потенцијал за успех тогаш треба да го постигнеме. Успехот во регионот доаѓа од искрената политичка волја да се заврши домашната работа, но истовремено со кредибилна европска перспектива, а меѓу овие две точки треба искрен однос. Ако се направи грешка – посочете ја, ако има нешто добро – прифатете го. Сметам дека тоа е многу важно и ЕК, со својата последна стратегија, се движи во таа насока – рече министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров.

Еден од најдобрите познавачи на регионот и евроинтегративните процеси – професорот од Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер, објаснува зошто е неодржливо статус-квото за Македонија која, за разлика од изминатиот период, манифестира политичка волја и подготвеност да се менува..

Очигледно е дека Македонија ќе добие безусловна препорака за почеток на преговори, но што значи тоа без да добие датум и политичка одлука за да ги почне преговорите?

– Тоа е првиот важен чекор за, на некој начин, повторно да се вклучи сигнал кај Брисел во кој ќе вели – сакаме Македонија да го направи следниот чекор. Политичката одлука ќе дојде подоцна, ќе мора да дојде подоцна. Ќе биде многу потешко. Но, без техничката препорака не може да имате позитивна политичка одлука. Значи, тоа е предуслов, сигнал и мислам дека може да помогне да се убедат одредени умови во главните градови на Европа. Бидејќи, повторно, тие се многу повеќе фокусирани на Балканот отколку претходно. Акцентот во стратегијата е ставен таму. Така што, ако има позитивна препорака од ЕК, тоа може да биде и сигнал дека ќе треба да направат уште малку повеќе за да ја добијат политичката волја која, како што знаеме, не беше присутна во изминативе десет години – вели Бибер.

Дали е дојдено времето за Европската Унија,  Брисел, да и испорача нешто на Македонија? Да ги пресретне очекувањата на граѓаните?

– Да. Но, мислам дека е многу јасно дека Брисел и ЕУ треба да ја наградат и да ја охрабрат, бидејќи првпат имаме многу јасен сигнал од влада која се чини дека не е само технички посветена на проширувањето на ЕУ туку и суштински – во смисла на вредности, на говорот за нов вид општество кое е поевропско. Тоа е добар сигнал и мислам дека треба да биде награден. ЕУ, се разбира, беше неподготвена да го стори тоа од страв дека да наградиш сигнали е една работа, а да наградиш фактичка ситуација на терен е друга. Се разбира, фактичката ситуација на терен е многу побавна од сигналите, бидејќи тоа е реалноста. Потребно е повеќе време, актуелната влада е на власт помалку од една година, што значи дека можноста да направат разлика е мала. Но, мислам дека сигналите се такви што треба да се охрабрат. И, знаете, целата нова стратегија сугерира дека ЕУ ќе го сфати проширувањето посериозно и им требаат посветени партнери – вели Бибер.

Имајќи ја во предвид ситуацијата, дали мислите дека Македонија може да ги стигне најнапредните кандидати, Црна Гора и Србија, и да го фати возот за можно членство во 2025?    

– Апсолутно. Мислам дека ако има некаков политички сигнал, сигнал за старт, македонската влада ќе може лесно да се израмни, бидејќи не говориме за проблеми што мора да одземат време колку во случаите со Црна Гора и Србија. Тие се технички, тешки, подразбираат административен капацитет, но мислам и дека ЕУ нема да се прошири со две земји, па со уште една земја две години подоцна. Мислам дека ЕУ ќе сака да види што поголем број земји заедно да се приклучат во исто време. Тоа го намалува ризикот од билатерални проблеми по приемот и ја олеснува ратификацијата на пристапувањето. Мислам дека, од перспектива на ЕУ, тие ќе имаат голем поттик да охрабрат што поголем број земји да одат кон таа цел. Малку е веројатно дека тоа ќе ги вклучи сите шест земји од Западниот Балкан, но 3-4 изгледа како реалистично сценарио. Дали тоа ќе биде во 2025, тоа е многу оптимистички рок дури и за т.н. најнапредни кандидати. Мислам дека тоа е рок во кој најрано би завршиле преговорите, а не датумот кога земјите ќе станат членки на ЕУ – вели Бибер.

Претставникот на организаторите – Европскиот фонд за Балканот, Срѓан Мајсторовиќ, е претпазлив во давањето дефинитивни прогнози за Македонија. Вели – едно е препораката од комисијата, а друго е политичката одлука што со консензус треба да ја донесат земјите-членки..

– Понекогаш генерализираме кога зборуваме за регионот, но за среќа има светли примери и Македонија е позитивен пример за тоа како граѓаните можат да се ослободат од “стабилократи”  во нивните земји и да се обидат да напредуваат.  Работата е што ЕК и вашата администрација, на техничко ниво, можат да направат чуда –  го зборуваат истиот јазик, тоа се експерти, технократи кои одат прашање по прашање  и често успеваат да ги решат на многу позитивен начин.  Но, за жал, има уште слој на процесот на пристапување кон ЕУ, а тоа е политичкиот.  Вербално, да, има некаква поддршка, но кога станува збор за носење одлуки за проширувањето тогаш искусуваме многу потешкотии.  Само погледнете ја подготовката за Самитот во Софија, има разни фактори што влијаат на тоа дека  во основа целиот самит ќе биде за Западен Балкан, а не за проширувањето.  Тоа е нешто за што треба да бидеме загрижени.  Очекувам Македонија уште еднаш ќе биде поканета да напредува, но како што и претходно забележавте,  на крајот на денот, одлуката ќе ја носи Советот на ЕУ кој ќе заседава во јуни и тоа ќе зависи  дали Македонија ќе напредува во блиска иднина, или не – вели Мајсторовиќ.

Зоран Нечев, од Институтот за демократија од Македонија, организација што го следи спроведувањето на реформскиот 3-6-9 план, забележува потреба од нов реформски план, кој подоследно ќе ги следи препораките на Прибе и Итните реформски приоритети.

Во предвечерие на објавувањето на извештаите, Европскиот фонд за Балканот, организација која веќе 10 години се обидува да го олесни патот на регионот кон Брисел, усвои декларација за европско партнерство со Балканот.. „Членството во ЕУ не е прашање на политички опортунизам, туку генерациска политичка и социјално-економска определба. Владеење на правото, одговорна администрација, слобода на говор, родова еднаквост и јасна поделба на власта се клучни предуслови за зачленување“ – пишува во декларацијата.

360 Степени во Белград, Владимир Мирчески.

loading...
  Категории: