(ВИДЕО) 360˚ Како е да се биде трансродово лице во земјава: во светот се третира како сексуално здравје, кај нас – како психијатриска дијагноза

(ВИДЕО) 360˚ Како е да се биде трансродово лице во земјава: во светот се третира како сексуално здравје, кај нас – како психијатриска дијагноза
12.06.19   10:01

Прочитано : 238

Print This Article

Светската здравствена организација усвои легислатива со која трансродовоста повеќе не се вбројува во категоријата „ментални нарушувања“.

„Со цел намалување на стигмата, истовремено обезбедувајќи пристап до потребните здравствени интервенции, трансродовоста е префрлена во различно поглавје, она за сексуалното здравје“, вели д-р Лале Сај од Светската здравствена организација.

И додека се чека спроведување на промената, трансродовите лица во земјава се соочуваат со дискриминација и насилство.

„Се бориме со тоа, но сепак во државава е тешко. Сепак, треба прво општествено да не прифатат, граѓаните да не прифатат такви какви што сме, па да почнат процесите понатака“, вели Лила Милиќ, активистка за правата на трансродовите лица.

Има ли воопшто државава систем кој овозможува транзиција на овие луѓе? Или и тој пат е полн со пречки, неизвесност и страв?

На само 4 години, Лила Милиќ од Скопје, сфатила дека не ја привлекуваат истите работи како и повеќето момчиња. Практично, отсекогаш се доживувала себеси спротивно од полот кој го добила со раѓање. Храбро говори јавно, објаснувајќи што значи да си трансродово лице.

„Трансродово лице е исто како и ти, како секој нормален човек, само што родот е поразличен, то ест внатрешното чувство е поразлично од сите останати. Физички изгледа како маж или како жена, но родово се осеќа спротивно од тоа како што изгледа физички, то ест биолошки“, истакнува Лила.

На 28 години го започнала процесот на транзиција од маж во жена. Прво, се прима хормонална терапија. Целиот процес е скап, но и тежок.

„На жалост, кај нас овде во Македонија е тешко бидејќи докториве не се ниту сензибилизирани, ниту имаат основни правила или почетоци од каде да почнат и сепак тука трансродовите лица им излегуваат во сусрет, со тоа што веќе знаат што треба да примаат, како треба да примаат, па фактички докторите учат од трансродовите лица“, вели Милиќ.

Хирургот-уролог Огнен Ивановски не се согласува дека недостасува обученост туку посветеност. Вели дека медицинското потврдување на родот во земјава е можно, но потребни се протоколи кои допрва ќе се изработуваат.

„Сите трансродови состојби се дефинирани со шифра, со предзнакот F, што упатува на психијатриска дијагноза. Практично не можеме да третираме F дијагноза со хирургија. За прв пат се креира неодамна, работна група на експерти која ќе се бави со овој проблем во земјата. Се уште се немаме состанато, ама е добра идеја и добра иницијатива. Практично се состои групата од уролог, пластичен хирург, гинеколог, ендокринолог, психијатар и неколку луѓе од министерство за здравство“, вели д-р Ивановски.

Без протокол за медицинско потврдување на родот, транзицијата кај трансродовите лица е исклучително тешка. Тоа пак влијае врз односот од околината.

„Станува внатрешен огромен конфликт, а надворешните случувања во социјалата, контактите со луѓето, дискриминацијата, неприфаќањето, од лесно игнорирање, до многу агресивни однесувања, закани, зборувања, може да биде значи, огромен фактор како на луѓето ќе им се отежни животот“, потенцира д-р Мирјана Јовановска Стојановска, психолог и професор на универзитетот МИТ.

Но, завршувањето на медицинскиот процес не е крајот на патот за трансродовите лица. Сосема различна е правната процедура.

Тоа е постапка во која државата им го признава родот со кој тие се идентификуваат, а е различен од полот назначен при раѓање. Медицинското и правното признавање на родот не се условени едно од друго.

Искуствата покажуваат дека кај институциите често доаѓа до мешање на поимите род и пол. Адвокатката Наташа Бошкова вели дека правното признавање на родот треба да им се овозможи на сите, врз основа на правото за самоопределување.

„Во неколку закони е, всушност, регулирано правното признавање на родот – подразбира промена на името, тоа се води по закон за лично име и таа е прилично брза, едноставна постапка. Во однос на ознаката за пол, постапката се води согласно законот за матична евиденција, иако во последно време се повеќе Управата за водење на матични книги донесува решение со кое се прогласува за ненадлежна, иако имаме постапки во кои веќе одлучувала и направила промена, но всушност тука заглавува постапката, при промената за ознаката за пол“, вели Бошкова, адвокат од Коалиција „Маргини“.

Против земјава веќе има пресуди од Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кои налагаат промена на законската рамка. Како напредок се сметаат најавените измени на законот за матична евиденција во земјава.

„Формирана е работна група за подготовка на закон кој би требало да биде согласно стандардите на Советот на Европа, барањата на судот во Стразбур со пресудата, а на крајот и на барање на самата заедница во Македонија. Па, ќе видиме, тоа е нешто што е во тек, но се уште немаме конкретни резултати и од пресудата и од долгогодишното застапување за правно признавање на родот“, информира Бошкова.

Борбата на трансродовите лица не ја дефинираат само работните групи кои ги креира државата и бавното изнаоѓање решенија. Лила вели дека има нешто што е уште поважно:

„Прифатете се самите такви какви што сте и ќе ви биде многу полесно после тоа. Многу полесно ќе ве прифатат пријателите, многу полесно ќе ве прифати околината и многу полесно ќе можете да гледате и да функционирате“, порачува Лила.

Извор: 360 Степени

  Категории: