(ВИДЕО) 360˚ Бугарскиот историчар Маринов: Јас сум песимист

(ВИДЕО) 360˚ Бугарскиот историчар Маринов: Јас сум песимист
14.06.19   17:26

Прочитано : 904

Print This Article

Синоќа во Скопје дебатираа македонски, бугарски и грчки историчари за предизвиците, ефектите и можниот епилог од работата на заедничките комисии на С. Македонија со Бугарија и со Грција, пренесува 360 Степени.

Имаме секакви причини да сме песимисти во однос на она што се случува денес во мешовитата комисија меѓу С. Македонија и Бугарија. Ова е дел од излагањето во Скопје на бугарскиот историчар Чавдар Маринов, кој не е член на заедничката комисија на историчари.

Неговиот песимизам, објасни Маринов, извира од бугарскиот состав во комисијата.

„Составот на двете комисии е многу различен, во македонската комисија имаме многу повеќе млади луѓе, со многу искуство стекнато надвор, кои не се оптоварени со националистички каузи. Во бугарската комисија гледаме една мејнстрим екипа, која очигледно ја сфаќа како своја мисија одбраната на историската вистина. Тоа значи – има една историска вистина, а тоа е бугарската. На таков начин мислам дека нема како да се решат проблемите, едноставно е ќорсокак. Од ваква гледна точка мислам дека има доволна причина да сме песимисти во однос на она што се случува во македонско-бугарската комисија.“

Маринов, сепак, наоѓа мало охрабрување во тоа што за решение „има и меѓународен притисок“.

„Се надевам дека, на некој начин, овој притисок ќе продолжи, затоа што она што го гледаме на политичката сфера во Бугарија, за жал, нема политичка партија што навистина има реален интерес од надминување и решавање на сите историографски проблеми.“

Маринов смета дека поголем дел од бугарската јавност се уште го открива постоењето на мешовитата комисија и нејзината мисија бидејќи, според неговиот впечаток, за разлика од С. Македонија, во Бугарија нема голема медиумска покриеност. Но, вели бугарскиот историчар, тоа не значи дека прашањето на моменти не се доживува емотивно.

Драган Ѓорѓиев: Да престанат политичките притисоци

На дебата говореше и копретседателот од македонска страна на мешовитата комисија со Бугарија, академик Драган Ѓорѓиев. Тој рече дека поради сложеноста на материјата, не се можни брзи одлуки. Но, обвини и дека ако политиката продолжи да се меша, прашање е дали воопшто се можни резултати.

Овие жестоки реакции на работата на мешовитата комисија покажуваат дека има желба за успех, но главниот проблем е што има премногу политика во комисиите. Без политички притисок, комисијата ќе работи подобро и ќе има подобри резултати“, смета Ѓорѓиев.

Изјавите на Ѓорѓиев, но и Маринов доаѓаат во период на вжештена размена на тези за историскиот наратив за Гоце Делчев. И вообичаено умерената бугарска министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, искажа екстремна позиција – ако заедничкото решение не гласи дека Гоце Делчев е Бугарин, тогаш ќе ја повлече Бугарија од мешовитата комисија.

За историчарката и независна пратеничка во Собранието, Ирена Стефоска, која учествуваше на дебатата во Скопје, пристапот на Захариева е неприфатлив.

„Лично јас во овие децении, патувајќи, читајќи странски медиуми, не сум слушнала министерка за надворешни работи да зборува за некој херој од минатото. Ни во Германија, Франција, што не значи дека не постои. Малку бев искрено зачудена и збунета кога висока политичка фигура излегува на телевизија и кажува конкретно Гоце Делчев е Бугарин итн. Прво тоа не ми беше јасно каква врска има и зошто.“

Дебатата на историчарите во Скопје се однесуваше и на работата на мешовитата комисија со Грција. Но, во тој дел, размената на мислења беше пред се на академско ниво. Како во земјава, грчкиот историчар Тасос Костопулос вели дека и во Грција ретко се третира работата на македонско–грчката комисија, со исклучок на почетокот, при формирањето.

Имаше мала дискусија за членовите кои учествуваат во Комисијата. По мое мислење, „композицијата“ на грчкиот дел од Комисијата не е најдобриот избор.“

Костопулос, Маринов, Ѓорѓиев и Стефоска говореа на дебатата „Наративи, минато и иднина – национализирани историографии во контекст на договорите меѓу Северна Македонија и Бугарија и Грција“. На едно место ги собра фондацијата Хајнрих Бел.

Повеќе детали за последниот развој во мешовитата македонско-бугарска комисија погледнете вечер (14.6.2019 г.) во емисијата „360 Степени“ на ТВ Алсат од 22 часот.

  Категории: