Вечерва се отвора седмото издание на „Викендот на гордоста“

Вечерва се отвора седмото издание на „Викендот на гордоста“
7.06.19   18:21

Прочитано : 132

Print This Article
Викендов, во Скопје почнува седмиот по ред „Викенд на гордоста“, фестивал за квир-култура и уметност. Отворањето, наменет за полнолетната публика,  е закажан во 21 часот во Музејот на современата уметност. Годинешниот фестивал се отвора со перформансот на Рон Ејти – „Акефално чудовиште“, култен уметник кој во последните 40 години направи тектонски поместувања со своите перформанси во рамките на изведувачките уметности и body arts.

Викендот на гордоста оваа година се одржува во периодот 7-9 јуни и 14-15 јуни.

„Носечката идеја зад Викендот на гордоста 2019 е GLITTERING WOUNDS („Светкави рани“). Со оваа идеја сакаме да ги истражиме и да ги проблематизираме современите хегемониски политички имагинации и практики на изолираниот, посесивен, децизионистички, приватизиран, рационален и самодостатен субјект и нивната испреплетеност и конститутивна зависност од нормативните рамки и репрезентации на родот, сексуалноста, расата, класата и неолибералната капиталистичка идеологија. Од друга страна, целта ни е да презентираме и да ги промовираме разни нехегемониски светоградечки проекти и историските, социјални и политички проживеани искуства на настраните и жените како извори на алтернативни социјални и демократски хоризонти засновани на релационоста, солидарноста, грижата, афективноста и трансформативноста отаде идентитетската препознатливост“, велат организаторите.

Најдобро познат по екстремното телесно осакатување, Рон Ејти, се занимава со трансцендентното и возвишеното повеќе од три децении. По „Смртта на Бог“ (познатиот проглас на филозофот Ниче во исчекување на крајот на религијата во западното општество), Ејти верува дека една од улогите на уметникот е да смислува нови форми на ритуал и славење, да го повика светото како противотров за празниот индивидуализам на современиот живот. Во своето ново дело, „Акефално чудовиште“, Ејти се повикува на Акефал, обезглавениот маж, кој послужи како инспирација за истоименото тајно општество на Жорж Батај во борбата против нихилизмот и фашизмот пред Втората светска војна во Франција. Безглавиот или обезглавениот маж претставува моќен симбол за радикална трансформација, водечка сила во сите перформанси на Ејти во кои се залага кон спој на човекот и боговите.

„Акефално чудовиште“ е соло перформанс сочинет од проекции, читања, предавања, апроприран текст и звук.

Делата на Рон Ејти се изложени во светот во деведесеттите години, при што одредени теми, на пример, онаа за христијанските маченици, отворија филозофски дебати за природата на идентитетот преиспитувајќи ги границите на уметничката практика. Во 2013 година беше објавена монографија за неговите дела: Pleading in the Blood, уредена од Доминик Џонсон.

Во рамките на фестивалот скопската публика ќе има можност да ги виде некои од најзначајните совремни уметници и да проследи перформанси на BOYCHILD, Рејчел Јанг и Марикискрајкрајкра, промоција на постхумно издадениот превод на Огнен Чемерски на книгата „Како да се биде геј“, на еден од основоположниците на квир-теоријата – Дејвид Халперин, изложба на Дел Лагрејс Волкано, спектакуларно дрег-шоу на 12 кралици од Берлин, Белград и од Скопје, како и традиционалното СРАМОТА на Пич Прич.

„Годинашната фестивалска тема произлегува од погледот кон историјата на квир (настраните) животи како историја на солзи. Квир историјата е историја на загуби. Историја на срам, исклучување, хомофобија, трасфобија, оплакувања, страдање, болка, депресија, меланхолија, страв и загуба. Сето ова е впишано во името – настрани (queer). Она што е означено кога реферираме на историјата на загуба е телесната изложеност и лишувањето од она што претставува најсвојствен извор на бивствувањето – релациите. Историјата на загуба е и поништувањето, бришењето и прекинувањето на квир релациите од историографијата. Загубата е загуба на еднаквиот пристап до релации со и на сопственото тело, на телото со светот што го споделува и чијшто дел е, на телото со целиот спектар на културни означители, комодитети и производи на човековиот труд. Загубата е загуба на можностите за изненадувачко изложување и влегување во релации и учество во споделениот и заеднички свет. Она што овие загуби го изложуваат е нееднаквата експлоатација и насилството врз телесната изложеност, што е конститутивна за сите нас еднакво, односно како врз нечија телесна отвореност е впишана средината во која живее. Идентитетот е, одовде, ретроспективна рекуперација на телесните и психички штети и можности што ја рефлектираат цената на општествената исклученост или, пак, вклученост, знак на неуспешните и остварени релации смрзнати во рамките на препознатливоста. Следствено, и квир идентитетот не го гледаме како израз на вистинско сепство и суштина, туку како слика на релациските траги, генеалогија на контакти, средби, допири и граничења со другите тела и како отворена можност за нови и идни средби и настанувања“, се вели во најавата за фестивалот.

 

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести