Увозот на автомобили стагнира, наскоро наплив на стари возила од Европа

Увозот на автомобили стагнира, наскоро наплив на стари возила од Европа
17.03.18   10:59

Прочитано : 1,150

Print This Article

Во Македонија од година во година се намалува бројот на возила што се увезуваат. Податоците на Царинската управа за регистрирани возила покажуваат дека минатата година се регистрирани 2.615 возила помалку во споредба со 2016 година, а драстично намалување за дури 31.033 возила има во однос на 2010 година кога беше дозволен повластен увоз на половни автомобили.

Во вкупниот број на увезени возила се уште доминира увозот на стари возила, но она што е специфично е тоа што од година во година се намалува нивниот број. Така, ако се споредат 2017 и 2016 година може да се забележи дека лани во државата се увезени помалку 2.925 стари возила, а 419 повеќе нови возила.

Трендот на намалување на увоз на возила е резултат на се помалиот интерес кај граѓаните и нискиот животен стандард.

Увозниците на стари возила велат дека се помал е интересот за купување на автомобил и оти најбарани се автомобилите чија цена не надминува три илјади евра.

– Главната причина е животниот стандард и се помалиот интерес на граѓаните. Секој ја стиска парата во време на неизвесност и тука е проблемот, велат увозниците на половни возила.

Половни возила

Најпродавани се „опел корса“ и „поло“. Цените генерално се движат од 4.200 до 4.500 за „голф 5“ во зависност од годината на производство, „опел корса“ од 2007 година се продава за околу 3.100 евра, а цената на „пасат“ и „опел мерива“ достигнува до 3.300 евра.

– Цените на автомобилите паѓаат бидејки не можат да се продадат. Можеби веќе некои работат и со загуба, нагласуваат увозниците на половни автомобили.

И импортерите на нови возила велат дека нема значителен раст споредувајќи ги 2017 и 2016 година и оти интересот за нови возила е скоро ист како и минатите години.

нови возила

„Кршот“ од Европа една причина за загадување на воздухот

Во 2010 година беше донесена владина одлука со која се дозволи повластен увоз на половни возила од Европа со кој им се овозможи на граѓаните да ги заменат возилата кои дотогаш ги возеа како „југо“, „фиќо“, „застава“, „лада“ и „варбург“. Во тој период беше забележан најголемиот увоз на половни автомобили, но увозот на возила со пониски еколошки стандарди придонесе дополнително да се загади амбиенталниот воздух во градовите.

Импортерите на нови возила уште тогаш реагираа дека со увозот на стари возила со пониски еколошки норми дополнително ќе се загади воздухот.

– Треба да се има предвид дека кога купувате половно возило со ЕУРО 4 стандард, тоа не ги исполнува овие стандарди. Тоа возило било ЕУРО 4 кога излегло од фабрика, но после седум-осум години со проминати 300-400 илјади километри, тоа всушност не ја исполнува ЕУРО 4 нормата. Тоа исполнувало ЕУРО 4 стандарди кога било ново, кога излегло од фабриката, појаснуваат дел од импортерите на нови возила.

возила загадување

За да се намали загадувањето, сметаат дека треба наместо увоз на возила со ЕУРО 4 да се подигнат нормите и да се дозволи увоз со минимум ЕУРО 5 стандард, бидејќи на пример во Европа на сила се возила со ЕУРО 6-2 стандард.

Во наредниот период се очекува и наплив на дизел возила од Европа имајќи предвид дека последните информации говорат оти Германија им дозволи на градоначалниците сами да одлучуваат дали ќе им забранат влез на дизел возила во централното градско подрачје, а и Рим најави дека до 2023 година нема да дозволи дизел возила да се движат во централното градско подрачје.

– Сите тие луѓе ќе гледаат да се откачат од дизел возилата, а каде ќе се откачат, ако не во Македонија, Турција, Узбекистан, Таџикистан, односно во земји кои немаат високи стандарди регулирани од страна на државата. Така што во наредните шест месеци до година ипол треба да очекуваме повторно да има наплив на дизел возила од надвор кои ќе се купуваат по смешни цени, велат дел од импортерите додавајќи дека она што треба државата да го направи е да ги крене нормативите за да не се повтори истата ситуација како во 2010 година.

возила

Според експертите, дизел возилата се поголеми загадувачи на воздухот, а како што оценуваат тие со дозволениот увоз на половни возила се направи дизелизација на возниот парк во Македонија бидејќи најголем дел од увезените половни возила се со дизел мотор.

Според професор д-р Даме Димитровски од катедрата за мотори со внатрешно согорување на Машинскиот факултет во Скопје, сега соодносот меѓу дизел и бензински возила во Македонија е 50 – 50, а пред воведувањето на мерката за слободен увоз на половни возила нивниот сооднос бил 1:3 во корист на бензинските возила.

Билјана Анастасова – Костиќ 

Извор: миа

  Категории: