Цивил: Иванов се заканува со војска

Цивил: Иванов се заканува со војска
23.06.16   13:49

Прочитано : 893

Print This Article

Соопштение на ЦИВИЛ – Центар за слобода:

CIVIL-LOGO-official2010-small

ЦИВИЛ – Центар за слобода е згрозен од најновиот истап на претседателот Ѓорге Иванов. Го повикуваме Иванов да даде оставка и да понесе одговорност за своите постапки. Тој не само што покажа крајна неодговорност, туку дополнително ја усложнува состојбата во Република Македонија. Иванов, одговорноста за сериозната состојба во која се наоѓа земјата, а за чијашто ескалација придонесе токму тој, ја префрла на опозицијата, граѓанското општество и меѓународните пријатели на Македонија. Време е тоа да престане!

Ѓорге Иванов… Човекот за чиј избор постојат сериозни индиции дека е на власт врз основа на изборна измама. Човекот кој со своите постапки изминатите години предизвикуваше срам кај граѓанките и граѓаните на Република Македонија. Човекот кој со својот долгогодишен молк, стана соучесник во заробувањето на државата и општеството од страна на партијата која краде избори. Човекот кој, кога проговори и почна да дејствува, направи уште поголеми штети по демократијата, угледот на државата, ги прегази Уставот и законите, го суспендираше државното уредување… Тој човек сега се заканува и со војска!

Во причините зошто се решил да пристапи кон носење на одлуката за аболиција, Иванов, во смешен обид да изгледа и како воен стратег, рече дека можел да одбере да дејствува „реактивно“ и „по страна“, што и да му значи тоа, да ја ангажира Армијата во справување со внатрешната криза, но дека тоа ќе ја довело во прашање безбедноста на земјата поради напливот на „милиони бегалци“.

Наспроти тоа, во последниве неколку месеци приливот на бегалци, откако стана јасно дека балканската рута е затворена поради одлука на меѓународно ниво, се намали драстично, а бегалските кампови се далеку попразни. Оттука, оваа нелогичност и лажен аргумент повеќе може да се протолкува како потсетување на Иванов до јавноста за неговиот капацитет како претседател да ја употреби Армијата.

Во овој контекст, Иванов на крајот на ова обраќање, во пораките до „оние што придонесуваат за кризата“ повторно инсистира на својот капацитет да дејствува во својство на врховен командант на вооружените сили.

А кои се тие кон кои Иванов го крева својот рѓосан меч? Тоа се граѓанките и граѓаните кои јасно му кажаа НЕ за неговото противуставно и недемократско делување, во служба на една недемократска клика.

Претседателот Иванов станува премногу опасен за македонската држава и општеството. Република Македонија се соочува со сериозна криза, која ескалира со секое ново појавување на Иванов.

Ние се гордееме со тоа што еден претставник на деспотизмот се заканува дури и со армија. Ова е уште еден, во низата докази, дека власта, во недостаток на аргументи, е подготвена да посегне по најекстремните средства за да ги замолчи граѓаните кои бараат правда, слобода и демократија.

Сакаме да го потсетиме Иванов и сите што стојат зад неговите налудничави закани, дека Армијата на Република Македонија и полицијата се безбедносни структури кои им припаѓаат на сите граѓанки и граѓани на земјата. Тие се заколнале дека ќе ги штитат Уставот и законите и безбедноста на сите подеднакво, а не да служат како приватна војска на Иванов и неговите стопани.

ЦИВИЛ посочува дека повикувањето на војна и насилство се кривични дела и дека за ваквото однесување на владејачката клика ќе одговараат пред лицето на правдата.

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести