Трибина: Преспа стана фактор на обединување, да се преземат мерки за задржување на младите

Трибина: Преспа стана фактор на обединување, да се преземат мерки за задржување на младите
15.06.19   21:22

Прочитано : 88

Print This Article

Преспа е уникатен регион, а Преспанското Езеро кое во минатото ги делеше луѓето сега е обединувачки фактор, кој поврзува три држави, заклучија учесниците на вечерашната дискусија „Европски придобивки за регионот Преспа – искуства и можности”, што се одржа во Отешево во рамките на манифестацијата „Запознај ја Преспа“.

На панел дискусијата покрај домаќинот, градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски, учествуваа претставници од Европската унија, младински организации и невладиниот сектор од трите погранични држави Северна Македонија, Грција и Албанија.

Целта на овој настан, според Гошаревски, е да се зајакне соработката на граѓанските здруженија и размена на идеи, но и како да се задржат младите во Препса и како Преспа да стане препознатлива туристичка дестинација и развиена економски, со приоритет на заштитата на природата.

– И во изминатиот период соработката беше добра, но од минатата година се интензивира. Во фаза на реализација сме на заеднички проект со Грција, а чекаат уште два и со Aлбанија. Приоритет ни е заштитата на Преспа, Преспанското Езеро и националните паркови. Ова ќе отвори нови можности за соработка, а тука секако се и eвропските фондови кои ќе ни помогнат во тоа, нагласи Гошаревски.

Тој потсети дека во периодот од 2007 до 2013 година искористени се околу 2,5, милиони евра средства од европските фондови. Во моментот, според него, на располагање се околу 500.000 евра од Светска банка, пари кои ќе бидат наменети за инфраструктурата во Ресен.

Раководителот на секторот за соработка во делегацијата на Европската унија Никола Бертолини се осврна на убавините во Преспанскиот регион истакнувајќи дека целта на ЕУ е да ги реализира нашите соништа.

– Доколку вашите соништа се остварени ќе бидат и европските, подвлече Бeртолини.

Апелираше до сите кои имаат некаква идеја за подобрување на состојбата во Преспанскиот регион да бидат вклучени во претстојните проекти, кои секако треба да бидат прифатени од сите. Бертолини се осврна на договорот што бил склучен во 2010 година за заштита на Преспанкото Езеро и околината, истакнувајќи дека воопшто не се реализирал. Според него, се почнува од почеток, бидејќи ЕУ смета дека овој регион е уникатен и треба да биде заштитен или како што рече, доколку биде уништен тоа ќе значи злосторство врз човештвото.

– За идните проекти регионот ќе добие средствата во износ кој содржи не помалку од шест нули, но ни поголем од износ со седум нули, нагласи Бертолини.

Покрај финансиската помош од ЕУ, очекува поддршка и од други донори.

Во рамките на манифестацијата „Запознај ја Преспа“ вечерва на плажата во Отешево присутните ќе ги забавуваат Нокаут, Бла, бла, бла…, Инстинкт, Реприза, Екстраваганца и Anima Nation.

Домашните и странските туристи, но и локалните жители утре ќе имаат можност да ги откријат убавините на Преспанскиот регион, кутурата, храната, традицијата…. Покрај можноста за дегустација на традиционална преспанска храна на плажата во Дупени, презентација на локални органски производи, производи од јаболко, ќе се реализира и традиционалната велосипедска тура „Tour de Galichica“, а волонтерите од невладината Еко-герила со поддршка на Агенцијата за млади и спорт ќе го чистат Преспанското крајбрежје во околината на Отешево. На плажата во Дупени, ќе се одржи и турнир во одбојка, настап ќе има културно уметничкото друштво „Таше Милошевски“, а најавенин се и многу игри и забава за најмладите.

Настанот е во организација на Општина Ресен, Рурални жени и Prespa Bike, во партнерство со ЕУ за ТЕБЕ, Агенција за млади и спорт, Spirit of Prespa, Преспа град и Еко Герила.

  Категории: