Тивкиот лахор од Грција

Тивкиот лахор од Грција
27.01.19   23:08

Прочитано : 1,730

Print This Article

Говорот на премиерот Алексис Ципрас во грчкиот парламент пројави неколку назнаки, индикации, за иден пресврт во односите меѓу двете земји кои во изминатиот век беа силно оптоварени.Драматичното обраќање кон комунистичката партија,разобличувајќи го нивното лицемерие,во однос на македонското прашање и заедничкото учество на македонците и грците во граѓанската војна,може да се толкува како наговестување на почеток на ново историско поглавје на Балканот. Но , неопходно е да се нагласи дека во двете земји при толку силен национализам,бура од протести и опструкции од најразличен вид и провениенција, само со храброста на двајцата премиери и министрите за надворешни работи и со нивната политичка саможртва можеше да се спроведе целиот овој процес.

Од потпишувањето на Преспанскиот договор во јуни 2018година, до неговата ратификација во грчкиот парламент на 25 јануари 2019година, се создадоа услови за нов, поинаков дискурс во толкувањето на одредени прашања од политичката историја на двете држави.Но не само тоа.Се отвори и нов дискурс во препознавањето и афирмацијата на заедничкото наследство кое го споделуваат двата народи уште од средновековниот/византиски период, преку османлискиот, до граѓанската војна во Грција.Процесот кој сега се отвори ќе овозможи да се согледаат сите релевантни особености на наследството кое во минатото претставувале препознатливи заеднички вредности кои ги споделувале и поврзувале двата народи.Ова особено се однесува на т.н.византиско христијанско наследство,како огромен корпус на антологиски дела со кои е поврзана целата православна екумена.

Слободниот проток на луѓе,мисли и творештво во огромниот простор на Источното римско царство/Византија а подоцна во Отоманската империја, овозможи создавање на уметничко творештво со многу блиски стилски особености.Културниот и верскиот ареал на источното православие во смисла на ”комонвелт” може да се примени и денес во европската заедница. Источниот елемент учествувал и учествува во европскиот лик. Од друга страна,поставувањето на границите на новите држави создадоа поделби и националистички пројави кои во изминатото столетие само се продлабочуваа.

Токму затоа, зборовите на Ципрас за бројката од 70.000 бегалци кои станаа апатриди,луѓе без татковина, прозвочија толку болно,скоро како болката на мојот татко по своето родно место!

Требаше да бидат изговорени токму овие зборови за да започне да зацелува и болката на сите потомци чии родители и блиски никогаш не разбраа зошто не смеат да се вратат дома.Во нивниот живот во други држави каде повторно изградија дом, во состојба на перманентна носталгија, врската со “дома” им беше само паметењето и песната.Имотите им беа одземени, имињата на нивните родни места (топонимите) сменети, но во спомените и во песните беа сочувани. Само тоа наследство, нематеријаното, духовното, го понесоа со себе, го негуваа и чуваа.Како вистински чувари на најскапоценото. Бидејќи во песните е нивниот јазик, нивните обичаи, нивниот начин на живот. Многумина од нас кои секојдневно ги слушаме песните на бапчорките, воденките, костурчанките, скоро и да не сме свесни за нивната слоевитост.Песната не е само мелодија,не е само ритам и такт.Зборовите во песната поседуваат и лирика и ерос и епика. Преку песната се открива посебноста на говорот, на дијалектите,се препознава регионот во кој е создадена, историските и општествените прилики, времето кога е испеана. Токму затоа,ова наследстсво треба да се чува и пренесува во изворна форма. Затоа што само песната ја поседува таа силна моќ да поврзува различни народи. Токму така се случи со песната “Тихо Мирка ми заспала” (испеана од Ведонки) со која му оддадов почит на визионерот Алексис Ципрас, за неговиот говор и слава на Мирка Гинова…

И сега, додека го пишувам овој текст ја слушам песната на мајка ми ,,Твојте очи Лено мори,,…Песна за Лена со очи како воденски череши, лице како леринско симиче, усте како костурско кутиче…Се е тука.Збрано во една песна!

Донка Барџиева Трајковска

 

  Категории: