Тевдовски за Гласот на Америка: ММФ ја намали проекцијата за раст на глобалната економија, но ја зголеми за Северна Македонија

Тевдовски за Гласот на Америка: ММФ ја намали проекцијата за раст на глобалната економија, но ја зголеми за Северна Македонија
13.04.19   16:37

Прочитано : 309

Print This Article

Додека меѓународните финансики институции ја намалија глобалната проекција за раст, истовремено ја зголемија проекцијата за раст на Северна Македонија. Новите проекции покажуваат дека земјата се движи во добра насока. Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски во интервју за Гласот на Америка, за време на Пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон.

-ММФ и Светска банка ги намалија прогнозите за раст на светската економија поради волатилноста и неизвесноста што постои, трговските војни, неизвесноста со брегзитот и други фактори, но најважно е што во услови кога за најголемиот дел од земјите во светот ги намалуваат проекциите за раст, за нашата земја, за Северна Македонија, ја зголемија проекцијата од 2,8% на 3% од страна на ММФ. Новите проекции покажуваат дека земјата се движи во добра насока, дека економијата закрепнува и еве веќе дека остварува подобри стапки на раст.-рече Тевдовски.

Тевдовски посочи и дека сите показатели укажуваат на тоа дека економијата оди напред. На пример, вели Тевдовски, индустриското производство и во глобални случувања на битка со царински тарифи, остварува одлични стапки на раст, односно околу 10% во првите два месеци од годината. Исто така, извозот има стапка на раст од 6,8%. Странските инвестиции изминатата година беа највисоки од независноста. Кредитирањето на претпријатијата, движењето на бизнисот е подобро од било кога во последните 5 години. Сето ова укажува дека македонската економија е закрепната и дека може да остварува добри стапки на раст, а веќе тоа го покажуваат и признаваат и меѓународните институции со тоа што ни ја зголемија проекцијата  за раст од 2,8% на 3%, вели Тевдовски.

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска за Гласот на Америка истакна дека проекциите за растот за годинава на Народната банка се над 3%.

– Последната рунда на проекции која ја направивме датира од минатата година и со оваа проекција очекувавме раст за 2018 од 2,3%, но остварувањата беа повисоки, како што видовме, 2,7%. За оваа година нашите проекции се над 3%. Секако ние ги имаме во предвид последните движења, последните проекции, бидејќи проекциите во нашата земја зависат и од екстерното окружување во голема мерка. Сега во моментот стручните служби на Народната банка работат на проекции на растот, на инфлацијата, генерално на нашите среднорочни видувања, кои ќе ги соопштиме на јавноста на почетокот на мај.-рече Ангеловска-Бежоска.

Тевдовски пак посочи дека со членството во НАТО земјата ќе добие еден печат на стабилност. Очекувањата и случувањата на другите земји во регионот кои станаа членки во НАТО се дека инвестициите, особено текот од надвор ќе се зголеми.

-Тоа значи дека ќе дојдат инвестиции кои што ќе отворат нови работни места, кои ќе прават подобро платени работни места и со тоа ќе ја движат економијата но и ќе го подигнуваат животниот стандард на граѓаните- рече Тевдовски.

Тевдовски истакна дека проекцијата на Министерството за финансии е дека следната година растот ќе биде 4%.

-Проекцијата за 4% за наредната година е наша есенска проекција. Мислиме дека позитивната насока на земјата со членството во НАТО македонската економија има потенцијал не само да го оствари тоа, туку и повисоко, посебно ако се остварат нашите очекувања за посилен прилив од странски инвестиции-рече Тевдовски.

Ангеловска-Бежоска пак посочи дека со октомвриските проекции базичното сценарио е понатамошно закрепнување на нашата економија, постепено забрзување на стапката на економски раст, притоа дека очекува тоа да биде стапка на економски раст која нема да значи големи јазови во делот на потенцијалниот производ на нашата економија и оттаму не очекува таа да креира некои инфлациски притисоци.

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести