Тевдовски: Имаме доволно аргументи да не го одложиме прогресивниот данок

Тевдовски: Имаме доволно аргументи да не го одложиме прогресивниот данок
8.11.18   15:24

Прочитано : 74

Print This Article
loading...

Најекспониран во јавноста од сите владини функционери оваа недела сигурно е министерот за финансии, Драган Тевдовски, веројатно очекувано, откако во саботата на прес-конференција најави даночни реформи, со кои досегашниот рамен треба да се замени со прогресивен данок. Најпросто кажано, државата од следната година планира да зема поголем персонален данок од граѓаните што имаат највисоки доходи, над 90 илјади денари месечно.

Прочитајте дел од интервјуто на Тевдовски за Призма:

Со законските измени се прави клучна поделба на доходот на две групи – доход од труд и доход од капитал.

За доходот од труд, како што се плати, пензии, договори за дело, доход од авторски права, доход од самостојна дејност, се воведува прогресивност, односно дополнителна стапка од 18 отсто за даночната основа, која надминува 90.000 денари месечно. Според владините проценки, оваа даночна реформа опфаќа само 1отсто од граѓаните со највисоки лични доходи.

Министерот за финансии набројува повеќе аргументи зошто е убеден дека земјата е подготвена да го напушти рамниот данок, кој, како што вели, е карактеристичен за поранешни социјалистички држави со неефикасни државни институции, но, генерално, вели дека законските измени се предлагаат со цел да се адресира постоечката регресивност кај данокот на доход (граѓаните со најниски приходи се оданочуваат со повисока ефективна даночна стапка од оние со највисоки приходи), како и да се обезбедат дополнително пари во државната каса за подобрување на квалитетот на јавните услуги.

„Рамниот данок е одлика на земји што имаат лоши, неефикасни институции. Како што земјите ја подобруваат ефикасноста на институциите, воведуваат и прогресивен данок. Погрешно е мислењето дека рамниот данок е повеќе застапен бидејќи прогресивно оданочување доминира во ЕУ, во САД, со многу повисоки стапки од оваа што ја предлагаме. Од земјите од окружувањето веќе го воведоа Чешка, Словачка, Црна Гора, Албанија“, вели Тевдовски, кој неколкупати во своите интервјуа, па и во нашиот разговор, се осврна на примерот со Албанија, што предизвика и коментари по социјалните мрежи дека министерот што не ја криеше својата фасцинација од скандинавските економски модели, особено од Данска, сега се огледа на Албанија.

„И во Данска постои прогресивно оданочување. Таму највисоката стапка достигнува 55 отсто, но ние не можеме да ја земеме оваа земја за пример бидејќи ефикасноста на институциите кај нас не може да се мери со земја како Данска. Можеме да се споредиме со земја од нашето соседство што има речиси исти услови како и кај нас“, одговара Тевдовски.

Осврнувајќи се на изминатите десет години, тој се повикува на еден графикон испечатен и во брошурата на Министерството за финансии, кој покажува дека по воведувањето на рамниот данок во 2007 година, уделот на доходот што го поседуваат 1 отсто од граѓаните со највисоки приходи, се зголемил од 6,3 отсто на 12,2 отсто лани.

На прашањето дали таканареченото богатење на овие 1отсто од луѓето со највисоки приходи, кои всушност повеќе заработуваат приходи од капитал отколку од труд, може да се припише само на рамниот данок, или можеби тоа е последица и на злоупотреба на моќ, врски со власта и слично, Тевдовски не ги исклучува овие фактори, но вели дека рамниот данок не правел никаква корекција на прераспределбата на доходот и овозможил концентрација на приходите кај оваа група луѓе.

„Граѓаните што имаат просечна плата или околу просечната плата, на пример, имаат повисока ефективна даночна стапка од тие што имаат највисоки приходи, што апсолутно не е фер. Во сите просперитетни општества, тие што имаат подобар животен стандард или повисок доход, тие плаќаат и по повисоки даночни стапки. Со воведувањето на дополнителна стапка од 18 отсто ефективната даночна стапка кај оваа група на луѓе ќе се зголеми“, вели тој.

Целото интервју на следниот линк.

loading...
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести