Тероризам во мирната Холандија, координација по протестите во Србија – теми во Студио 1

Тероризам во мирната Холандија, координација по протестите во Србија – теми во Студио 1
18.03.19   17:45

Прочитано : 230

Print This Article
Andonovic

Во отвореното Студио 1, новинарот Дејан Андоновиќ, заедно со колегите Јана Јосифоска и Влатко Чаловски, ги анализира настаните што го обележаа светот и регионот. Како што вели, по Нов Зеланд, малиот холандски град Утрехт е новата цел на тероризмот.

-Холандија е поранешна колонијална држава, автоматски има голем број на мигранти, високо развиена земја. Ако е шокантно да се случи напад во Нов Зеланд, за Холандија не е изненадување, особено бидејќи има многу либерална политика, но од друга страна, општеството, иако е со напредни сфаќања, има голем број дојденци, мигранти, бегалци од поранешните колонијални земји, па општествените разлики може да бидат искористени како потенцијална бомба, вели Андоновиќ.

Според него, нападот за кој полицијата се сомнева дека го извел 37-годишен холандски државјанин со турско потекло кој е во бегство, покажува на лоша тенденција на терористичките напади пред две години во Ница, Берлин и Париз.

Актуелна тема се и случувањата во соседна Србија, каде што 1ТВ прати своја екипа од која очекуваме јавувања во подоцнежните изданија на Студио 1.

-Откако, очекувано, власта не ги ослободи до 15 часот уапсените за упадот во РТС, како што постави услов опозицијата, туку напротив, поднесе кривични пријави за дел од нив, последната информација е дека во тек е координација на опозицијата што понатаму, вели Андоновиќ.

Според него, вчерашното обраќање на српскиот претседател Александар Вучиќ поминало во стилот на тоа што се случува изминатите 15 недели во Белград – секојдневни протести „Еден од пет милиони“ кои не беа воопшто третирани од дел од медиумите, меѓу кои и националната РТС, за која опозицијата обвинува дека е под владина контрола.

-Она што го кажа вчера Вучиќ беше во манирот „не ви се плашам, не ме интересирате, вие сте ништо“. Тоа го рече затоа што сега има агенда околу Косово и инвестицијата на Фолксваген кој најави дека ќе дојде во Србија, воената парада на 9-ти мај и ги игнорираше, повторувајќи го ставот дека неговата власт се руши преку Скопје, со посредство на американската амбасада, рече Андоновиќ.

Целата анализа можете да ја погледнете во видеото.

  Категории: