Терор на просечноста

Терор на просечноста
8.10.19   12:04

Прочитано : 225

Print This Article

НЕ(ДО)РАЗБИРАЊА ЗА УМЕТНОСТА (4)

Уште еден приговор може да оди на моја сметка: оној во поглед на квалитетот на „производот“ што го добиваме со државни пари, а најчесто некои априори милуваат да го нарекуваат – уметност. Односно, дилемата е следна: да не се даваат пари (државни) за локалниве испрдоци, или да се даваат (многу) пари и да се добиваат лоши „производи“? Оправдувањето би било: па барем имаме „производ“, па нека е и лош, а парите и онака мора да се потрошат, не се наши, народни се! Тој приговор, таа логика, колку и да е глупава – а е’ – држи вода, што би се рекло, но во сосема други времиња и други ситуации.

Таа „логика“ функционираше во периодот 1945-1955 година, кога во таа Македонија немаше ама баш ништо, се’ мораше да почнува од „а“, па и уметноста односно уметничкото творештво. Масовноста односно квантитетот мораа да бидат пред квалитетот. Денес, оваа Македонија, Северна или не, има сосема друга ситуација, други услови, друга иднина. Логиката на квантитетот, филувана со самофалбите за којзнае какви успеси, е – контрапродуктивна! Во секоја смисла (финансиска, политичка, творечка, социјална, културна …)! Таа логика одамна веќе не функционира ни во образованието. Напротив – и таму е контрапродуктивна! Зарем не се уверивме во тоа во изминатата деценија со онаа збирштина „факултети“ што лиферуваат дипломи за пари? Таа логика – во културата, уметноста, образованието – се’ уште ја стимулираат само најглупавите, потпросечните, недокваканите, неуките и некадарните кои се затскриваат зад флоскулите дека Македонија е божем присутна ваму и таму, дека „не’ има“, дека сепак одиме напред … Напред – каде? Во пропаст, во урамниловка, во потпросечност … ? Не’ има, точно, ама тооолку ретко и се’ помалку на вистинската, реалната културна мапа на Европа, а на уметничката речиси и не’ нема! И таа вистина мораме да си ја признаеме и прифатиме и да почнеме безмалу од нула! Зашто ние и сме на нула, само упорно не ги симнуваме розовите очила. Нема да говорам за тоталниот крах во културата, особено во културното наследство – Охрид ни е „светол пример“, нели – но ние се’ помалку добиваме квалитетен, вистински уметнички „производ“ со кој што би можеле да се натпреваруваме со светот. Добро, уметноста не е натпревар, се согласувам, ама убаво е да имаш свои квалитетни уметници / дела на големите меѓународни уметнички „натпревари“, светот или барем делот од светот што се бави со уметноста да говори за нив итн. Како за „Honeyland“, на пример, како за овогодишното издание на Фестивалот „Браќа Манаки“ (без оглед дали ќе ме прогласите за пристрасен!), како за иницијативите на Музејот на современата уметност со, на пример, јужниот сосед, како за некои изложбени потфати на Археолошкиот музеј последниве две години … Ете толку треба, дајте им ги парите на тие што знаат и умеат да работат, а измарширајте ги сите оние други бараби кои секојдневно дремат по министерски и директорски кабинети, по партиски штабови и коват лични муфљуски „политики“. Теророт на просечните, на шалабајзерите, на упикувачите во уметноста и културата еднаш мора да престане! Ниту една сериозна културна политика, ниту една сериозна политика за поддршка на уметноста не може да се базира на квантитет и дај-дам партиски хохштаплерај. Ако наместо педесет изложби во годината оваа држава финансира само пет, или нека се и десет, ама сериозно и стручно / професионално селектирани и поддржани со оптимален буџет, ефектот ќе биде барем стопати поголем. Ако според истиот принцип се поддржат само две-три квалитетни сценарија и тие (играни) филмови се истуркаат со полни буџети, повторно ќе имаме далеку поголем уметнички импакт и дома и надвор. Истото важи за книгите, за претставите, за концертите … Е сега, ќе има незадоволни, особено оние научени секоја година да инкасираат и со месец дена работа да живеат лагоден живот две години небаре се поголеми од сите светски ѕвезди што прошетаа низ Битола годиниве. Па нека бидат малку и тие незадоволни, а не цела држава да ја држат во лично алчно заложништво. Како оној нашион „великан“ кој живее на Менхетн со наши пари, а продава пуфки за спас на Дебар маало! Но и многумина други, се разбира, за кои и не знаеме каде живеат! А впрочем, кај нас, „уметноста“, особено филмската, во блиското минато знаеше да зацрни цели градови. Тоа ли е целта на македонската филмска „индустрија“, на македонската култура и уметност? Да пљачкосува каде и како што ќе стигне, неодговорно, самобендисано, неказнето … а долговите да им ги плаќаме ние? Од друга страна, македонскиот филм повеќето компетентни го апострофираат не заради тоа што таму состојбите се радикално полоши отколку во другите „уметности“ туку заради фактот што таму државата дава најголеми пари за (условно) најмали ефекти! Иако ефектите од уметноста, ако е’ уметност, не се баш така лесно мерливи. Но, инаку, речиси и да нема никаква разлика меѓу состојбите во филмот со оние во театарот, визуелните уметности, издаваштвото … Споредете ги само парите и резултатите, на пример бројот на издадените и прочитаните книги, средствата за домашниот филм и неговата гледаност дома итн.! Некои од тие „ремек-дела“ не се ни прикажани пред македонските граѓани од чии што пари се направени.

А за партиските членови и симпатизери секогаш можат да се најдат и други начини за искажување на благодарност (или како тоа веќе се вика во партиските кругови) а не со нивно сместување во редовите на уметноста и културата. Културата, или во случајот уметноста, не се Бит-пазар на кој што се во тек постојани распродажби на директорски фотелји, на места во управни и стручни одбори, во разноразни комисии и други (сепак пристојно) платени тела. А особено не за самопрогласени уметници кои не знаејќи што да прават со себе се вгнездиле во светот во кој што никако не припаѓаат!

И повторно, како што веќе реков: првиот чекор кон излезот од безизлезот е стимулирањето на критиката. Без јавен критички збор не може да постои уметност и не можат да функционираат здрави односи во таа област. Критиката – се разбира ако е стручна и компетентна – е таа што (ќе) валоризира. Јавно, компетентно, безпоговорно! Критиката е таа која што апостериори го прогласува едно дело за уметничко, или не, односно ги „вреднува“ на отворена сцена, преку јавен збор, сите негови страни, добри и/или лоши. Актуелното прашање е: кој ја уби македонската критика?

Златко Теодосиевски

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести