Ташна „Луј Витон“ запленета во домот на Катица Јанева

Ташна „Луј Витон“ запленета во домот на Катица Јанева

Женска ташна „Луј Витон“ била на листата запленети предмети од домот на Катица Јанева на 21 август.

Според информациите на ТВ24, не станува збор за „фамозната“ ташна во која во домот на Орце Камчев се пребројувааат и завршуваат милион евра. Но, ако се изведува како доказ во судска постапка ќе послужи како пример за луксузот со кој била опкружена поранешната шефица на СЈО, вели доброупатен извор од истрагата.

Според истиот извор, скапата Луј Витон ташна на Јанева се уште е во Обвинителството.

Од друга страна Јанева утре по три основи ќе проба да го „собори“ обвинението со кое Вилма Русковска ја гони за аферата „Рекет“. Поранешната специјална обвинителка ќе го оспорува кривичното дело. Нема опис кој во обвинението точно кажува што и како ја злоупотребила положбата како шефица на СЈО, смета адвокатот Дељо Кадиев.

„Не е даден опис што она евентуално злоупотребила. Не може да има злоупотреба на обвинител кој ги цени сите препораки за мерката притвор и носи такви одлуки. Таа имала овластување по закон да даде полесна мерка, куќен притвор, па и враќање на пасошот, што е и прифатена од судиите понатаму и нема ништо спорно“ – вели Дељо Кадиев за ТВ24.

Обвинителството пак е сигурно во несоборливи докази за овој случај. За Јанева се тврди дека го прифатила влијанието од Јовановски и дала предлог притворот против Орце Камчев, осомничен во предметот „Империја“ да се укине и да му се определи поблага мерка куќен притвор, без да има променети околности. Исто било и со враќањето на пасошот.

Според информации на ТВ24, Обвинителството има и слика како доказ дека освен мебелот, кај Јанева завршиле и 50.000 евра. Токму ова е вториот основ кој ќе го спори одбраната на Јанева.

„Нема докази апсолутно. Јавниот обвинител кој ја води истрагата си врзува некои работи, меѓутоа нема сомнителни трансакции на сметка, а сликата со парите во нејзиниот дом воопшто не гарантира ништо“ – вели Кадиев.

Третиот основ на кој ќе приговара Јанева е водењето на постапката. Бранителите сметаат дека имало неправилности бидејќи истрагата е завршена на 23 септември, а заклучно со тој датум не се завршени сите вештачења кои ги побарала Русковска.

Поранешната шефица на СЈО два месеца е во притворското одделение во Шутка. Поднесе гаранција од три стана за да си ја „купи“ слободата. Но, за тоа допрва ќе одлучува Кривичниот совет.

Во меѓувреме се чека судија од скопска „единица“ да го оцени обвинението за „Рекет“. Се додека Кривичен не даде зелено светло, останува можноста некој да признае вина и да бара спогодба со Обвинителството.