Светот околу нас – визии за иднината на критиката во регионот на КРИК – фестивал

Светот околу нас – визии за иднината на критиката во регионот на КРИК – фестивал

 

: : СВЕТОТОТ ОКОЛУ НАС – ВИЗИИ ЗА ИДНИНАТА НА КРИТИКАТА ВО РЕГИОНОТ : :

На 15. 12. 2019 година (недела), од 13.00 до 14.30 часот, во рамки на КРИК 04, ќе се одржи отворена јавна средба/разговор во рамки на која ќе се покренат прашања за состојбата, значењето и иднината на критиката во и за современите уметнички практики.

И покрај хиперпродукцијата на дела во сите медиуми и жанрови во современите уметнички и културни практики, тие се несомнено во криза, особено во регионот, а посебно во Македонија, токму заради отсуството на критичката рефлексија. Причините за тоа се повеќекратни. Но, повеќе од јасно е дека вреднувањето, поставувањето и артикулирањето на уметничката и културната продукција, ја засега нејзината иднина. Отсуството на медиуми кои не се само сервис на содржини туку вистински креатори на критичко јавно мислење, но и процесите кои се поврзани со културните политики и образовните рамки, како и со генералното отсуство на критичка култура која ќе создава развојни вредносни системи низ кои ќе се артикулираат и развиваат современите уметнички практики се само едни од причините за криза на критиката.

Во рамки на сега веќе тригодишната регионална платформа за развој на критиката во современите општествени практики, Светот околу нас, која е резултат на партнерската соработка помеѓу Контрапункт од Скопје, Курзив – платформа за култура, медиуми и општество ((Kulturpunkt.hr) од Загреб, и Здружението за промоција на културата – Kulturtreger (Booksa.hr), како и SEEcult.org, од Белград и SCCA – Љубљана, релизирани се низа програми со цел јакнење на критиката во регионот, обезбедување на нејзина видливост и покренување дијалог за трансформативните процеси низ кои критиката минува во регионалниот општествен и културно политички контекст.

Организирани се бројни едукациски програми, јавни настани, критички колоквиуми во рамки на кои се среќаваат и разговараат критичарите од регионот. Особено важен дел од овој проект е акцентот врз издавачката дејност – објавување на критички појмовник во кој угледни критичари и критичарки тематизираат низа прашања важни за специфичното подрачје на критичарските практики.

Во рамки на оваа средба, низ јавен разговор, во кој ќе учествуваат сите присутни, а кој ќе биде воведен и модериран од Лујо Парежанин, координатор на иницијативата, и Хана Сировица, критичарка во VoxFemina, ќе земат учество многумина клучни актери на нашата сцена кои се застапуваат за враќање и развивање на критичките практики, но секако овој јавен дијалог е отворен за секој кој е заинтересиран. Целта е да се обидеме да ги разгледаме состојбите на критиката во регионот, контекстот и можностите за развој на регионална платформа за критика во актуелните рамки на културни политики.

:::::::::

Хана Сировица, дипломирала компаративна книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб и ја завршила неформалната образовна програма во рамки на Центарот за женски студии во Загреб. За време на студиите вклучена е во организација на разни културни настани и учествува во работата на неколку феминистички иницијативи. Од 2013 година објавува  текстови и критики во сферата на изведбените уметности во низа медиуми, а од 2018 година работи како новинарка на порталот Kulturpunkt.hr.

Лујо Парежанин работи како новинар и уредник на порталот Kulturpunkt.hr. Тој магистрира на Компаративна книжевност, а во моментов е на докторски студии по книжевност, изведбени уметности, филм и култура во Загреб. Парежанин соработувал со Хрватското радио и телевизија и работел во Министерството за култура на Република Хрватска, како и во музичкото издаваштво. Објавувал текстови во Зарез и бил уредник на Студентскиот магазин за литература и културна теорија. Освен што е посветен на музичкото творештво, тој воедно е и sound designer во рамки на неформалниот современ танцов колектив Шавови.