Сведоштво за молкот на УКИМ и МАНУ      

Сведоштво за молкот на УКИМ и МАНУ      
6.05.16   17:06

Прочитано : 4,290

Print This Article

УКИМ
Универзитетот е место од каде се очекува да се обликуваат јавните интелектуалци, кои се свесни за одговорноста на својата позиција во општеството и за должноста да реагираат и да имаат став во врска на општествените случувања.

26209510933_bba992dc38_z

Нивна обврска е да ги идентификуваат прашањата кои се важни за општеството, свесно и одговорно да отвораат контроверзи за најважните теми за слободата и политиката на своето време. Воден од вредностите, интелектуалецот ги прави достапни за јавна дебата и проценка прашањата кои се скриени под плаштот на политичката и корпоративната моќ. Таа проценка ја спроведува во однос на човековите слободи и права како неприкосновена референца.

Автономијата е суштината на дејствувањето и на идентитетот на Универзитетот и на интелектуалецот. Автономијата за Универзитететот и интелектуалецот е еднаква на слободата, еднаква на животот.

Но, денес, Универзитетот е перверзно субординиран на политичката моќ. Денес, во Република Македонија зборовите универзитет и интелектуалец го изгубија значењето кое тие го имаат во пристојните академски и општествени средини.

Денес Универзитетот молчи пред крвави општествени случувања. Молчи, наместо да ги брани слободата и вредностите. И во тој молк Универзитетот умира. А интелектуалците свесно избраа да не го бранат правото на живот и слобода и умираат заедно со Универзитетот. Тие дури и не покажаа знаци и желба да се спротивстават на својата смрт. Напротив, тие станаа соучесници во сопственото убивање. Универзитетот денес е измама на слободата и слободарството, препокриен со еуфемистички, измамнички говор кој ја уништува самата идеја за Универзитет. Од Универзитетот остана празна лушпа без содржина и значење. И токму опстојувањето на таа лушпа му дава наличје и легитимитет на режимот.

Сепак, најтешка последица од умирањето во молкот на Универзитетот е тоа што тој во својата смрт ја вовлече и надежта на студентите. Студентите денес слободата, знаењето и напредокот не ги асоцираат со УКИМ, ниту со Македонија. Своите надежи ги поврзуваат со далечни универзитети и држави. Надежта за нив веќе не живее во Македонија.

Како  беше можно да се случи ваков фатален молк? Јасно е дека причините лежат во мешавината од стравот и поданичкиот менталитетет. Но она што го одржува најдолго молкот е увереноста на интелектуалците дека тие всушност и не молчат толку длабоко. Ги искажале своите „страдања“ во форма на внатрешен говор низ ходниците или во четири очи во бифе. Интелектуалците длабоко се препуштаат на илузијата дека всушност не станува збор за молк, туку за „дистанца потребна за темелно промислување“, или „научна објективна дистанца“ која е наводно нужна за непристрасно набљудување на случувањата. Интелектуалците станаа Мастери на илузијата и релативизирањето. Тоа понатаму е преточено во неразбирливо бладање во кое својата сервилност и пасивност ја поистоветуваат со божемна деполитизираност. Во време кога секоја пора на општеството е партизирано, интелектуалците зборуваат дека не сакаат да бидат политизирани, токму кога манифестацијата на политичката (не партиската) природа на човекот како социјално битие ни е најпотребна.

Универзитетот денес создава актери-илузионисти кои живеат од своите претстави, нарекувајќи се професори.

Времето ќе покаже дали во пепелта од Универзитот останало некое жарче од кое ќе се разгори нов оган. Дотогаш, ќе остане сведоштвото за важни општествени случувања кои УКИМ ги одмолча, меѓу кои:

Универзитетот одмолча пред првиот обид за автентично студентско само-организирање, манифестиран низ активностите на „Слободен индекс“ и нивните барања поврзани со студентскиот стандард, академските трошоци, квалитетни студии, но и со партиските стурктури во рамки на Универзитетот каква што е СПУКМ.
Универзитетот одмолча пред низата упади во автономијата на оваа образовна институција со измените на Законот за високо образование (ЗВО), како и пред Иницијативата до Уставен суд против одредби од Законот. Одмолча и во 2013 година, кога повторно беше променет Законот без да бидат консултирани универзитетите, со што власта повторно атакуваше врз автономијата на Универзитетот.
Универзитетот одмолча кога Ректорот на Универзитетот му додели награда за „значајни остварувања и придонес во високообразовна научна и културна дејност и за афирмација на УКИМ во земјата и во странство“ на премиерот Никола Груевски – како јасна форма и порака за академско признавање на властелинот и легитимирање на актуелните политики.
Универзитетот го одмолча нарушувањето на принципот на секуларност, со организирањето на молебдени, на почетокот на академската година, заборавајќи на просветителската традиција, која рефлектира независност од било која друга институција, а особено од догматични институции какви што се религиозните храмови.
Универзитетот го одмолча најзначајниот политички гест од страна на само-организираните студенти и професори, преку Студентскиот и Професорскиот пленум, кога овие две еднакви групи во академијата, се спротивставија на уште една низа измени на ЗВО, при што беа организирани најмасовните студентски протести, а потоа беше воспоставена и Автономната зона.

II        МАНУ

Фокалните активности на МАНУ, која требаше да биде носител на суштествено втемелување на научните, но истовремено и политички и морални принципи, ги откриваат тамошните „поделени личности“ кои не можат да се носат со градењето на нашата современа историја.

МАНУ требаше да биде водилка во градењето на инклузивно општество базирано на вредности и почитување на човековите права, да биде носител на општествен и економски развој, и да заснова историја која ќе споделува вредности и настани, а не историја која ќе дели. Наместо тоа, речиси сите активности на МАНУ се манифестација на нетолеранција, често и некоректност кон албанските сограѓани – што пак може да доведе до далекусежни последици во поглед на дополнително расцепување на државата по етничка линија.
Така, МАНУ ја одмолча опасноста од заговорите за размена на територии, и поделба на државата, и фрапирачки учествуваше во таквите можни политички комбинации во време на Конфликтот во Македонија во 2001 г.
МАНУ, затворена во својата опсцена ограниченост, не придонесе кон научниот развој во Македонија и ги премолча сите импулси на такви придонеси од страна на поединци во академската сфера, и наместо да дава научни експертизи, тие ги слават родендените на живите академици.
МАНУ ја премолча најголемата и слоевита корупција во македонското општество, при што, може да се „пофали“ само со една позајмена кампања на политички маркетинг, претставена во поставеното броилио за задолжувањето на Македонија.
МАНУ го премолча најопасниот социјален и политички инженеринг на новиот идентитет на Македонецот, антиквизацијата, па дури сугерираше да се прави ДНК анализа за проверка на античкото потекло на Македонците.
МАНУ ја одмолча заканата од авторитарниот популизам по соживотот во Македонија, и учествуваше во изготвувањето на Енциклопедија која предизвика бура оправдани контраверзи.
МАНУ ја одмолча анти-европската политика на авторитарниот режим па наместо тоа имплицираше други развојни и соработувачки комбинации, односно пројавуваше иницијативи за соединувачка соработка со САНУ.

8. МАНУ, наспроти сето она што мораше да го прави, славно удостои и удоми промоција на еден магистерски труд, оној на тогашниот премиер Никола Груевски, а академици се редеа за честитање.

МАНУ потфрли во градење на интелектуалната и научна слобода во Македонија што и беше должност! МАНУ се што не требаше одмолча, а тогаш кога зборуваше, требаше да молчи!

Огнен Спасовски

view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести