Сведоштва за злото

Сведоштва за злото

Во затишјето на „битката за Охрид“, се чини дека државава влегува во една многу поголема битка, поисцрпувачкаи, да не речам, клучна војна за правото и правдата. Или – битка за себе, некој би рекол. Можеби, можеби оваа битка така и треба да се види, да се идентификува како последна офанзива во конечната војна не само за правната држава туку и за нејзиниот опстанок. Овие укажувања имаат смисла бидејќи една држава која што претендира да се нарекува демократска, не може а да не биде и – правна држава! Заробените држави не се правни држави, уште помалку се демократски. Барем тоа добро го научивме. Или – не? Малку ни беше? Не знам, како да постои сомнеж и во тоа.

И во овој контекст не мислам дека битката за правна држава е битка само на правниците односно правосудните структури во државата. Затоа и се осмелувам да посочам на некои „цртички“ кои сомнително танцуваат по острицата на мечот на правната држава. Да, оваа (последна?) битка суштински е поврзана со случувањата во и околу Специјалното јавно обвинителство, една приказна која што кај мнозинството значеше надеж, па постепено гаснење на таа надеж … институција што предизвика, и предизвикува, контроверзни тоест крајно спротивствени ставови во целата држава, особено околу нејзиниот минат труд и иден статус, нејзината досегашна улога во општеството итн. А на таа линија и прилично опскурната фама дека судбината на првиот човек на оваа институција дефинитивно ја определува / означува и судбината на самата институција. Што е апсурдно и ги доведува под сомнеж за (потенцијално) учество во криминални дејанија и сите вработени во неа, особено најблиските соработници на главната специјална обвинителка! Што, повторно, е – нонсенс! По таа логика, кримогените претседатели на држави, а во светот сме виделе едно чудо такви, автоматски ги поистоветува / профилира и самите држави сосе целиот народ како криминални? И по истата логика, криминалите на онаа македонска злосторничка банда која што глумеше влада, министри, директори … не’ легитимира ли сите кои овде живееме како – криминалци? Не спорам дека сите, на еден или на друг начин бевме соучесници во оној криминал, но тоа е сепак расправа на некакво „повисоко“ рамниште односно расправа која што никој во државава (како да) не сака да ја води. А особено и заради фактот што вистинските криминалци се се’ уште меѓу нас, слободни, а ние повторно ништо не превземаме за тоа. Верба во институциите? Можеби, но колку пати таа наша верба била изиграна? Како впрочем и сега, иако не сакам ама баш ништо да прејудицирам. А сепак, ќе успее ли онаа клучна институција, и власта сосе неа, да ја воскресне надежта? Којзнае.

Се разбира, судбината на самата институција (ќе) ја одредуваат надлежните државни структури, оние кои што и ја основале, и таа, нејзината судбина, горе-долу веќе е навестена. Тие одлуки можеби не зависат од волјата или ставот на пошироката јавност. Ама некои други нешта – да. И тука пред се’ мислам на вклучувањето на пошироката јавност во расветлувањето на најбитните – МОРАЛНИТЕ, но и други – прашања, дилеми, противречности, ако сакате, сврзани не со некои најавени назнаки за идниот статус на најважната институција во државава туку повеќе со нејзиниот modus operandi или поле на интерес. И тоа не би требало да биде сувопарна расправа само на луѓето од правната струка зашто моралните и на тоа слични прашања се универзални. По вредност и по значење! (Иако, некој ќе рече, ние де факто ништо и не решивме. Како што веќе констатирав: криминалците се и понатаму меѓу нас, некои дури и од Будимпешта ни солат памет, во системот се’ уште роварат злосторничките јадра поставувајќи сопки, често речиси и невидливи, на секоја прогресивна идеја, материјалните остатоци од болните злосторнички умови и понатаму ни го затскриваат видикот … Каде сме биле – нигде, што сме правеле – ништо! Не, не е се’ така црно, се разбира, ама како да оди натаму?).

Елем, судбината на надежта на македонската пролет, на онаа институција која што доби кај нас дотогаш невидена поддршка, ќе ја решаваат надлежните. Поточно, тоа се главно техникалии – иако во самата суштина и не се, ама ајде – тоест: дали сегашното СЈО ќе продолжи како дел од сегашното ОЈО, ќе се претвори ли во некакво ново јојо во правосудниот систем на државава кое што и во иднина ќе продолжи да не’ разочарува, што и како ќе се случува со останатите обвинители во таа институција или и тие се однапред осудени итн. Некои, можеби, ќе го сметаат за техникалиа и предлогот за нов шеф на тоа (самостојно или зависно) специјално обвинителство. Јас – не, но за тоа треба / мора да се изјаснат компетентните во таа област. Морам овде да ја спомнам професорката Најчевска која со право „се сити“ – се разбира, ова е моја интерпретација на нештата – на случувањата со шефицата на актуелното СЈО. Ако сме искрени, таа, и не само таа, укажуваше на редица „проблеми“, дилеми, стручни сомнежи во капацитетите на дотичната персона кои што, за жал или за среќа, се обистинија. Оттука, по којзнае кој пат, македонската политика не смее – и уште еднаш: не смее – да ги игнорира мислењата на клучни стручни луѓе по одредени прашања. Ако еден Камбовски, замислете, си дозволува да им држи лекции на сегашниве социјалдемократи (а тие како мали дечиња молчат!) дека политиката мора да ја слуша струката, тогаш земете го тоа како сериозна вистина! На пример, Дејвид Мофет вели дека се надева дека „интелигентите луѓе ќе победат“! Дали? Со политички одлуки? Тешко.

Како и да е, она за што всушност говорам е најновата идеја сегашното СЈО да се интегрира во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, при што сите започнати случаи на саегашното СЈО пред судовите ќе ги продолжи Јавното обвинителство, а останатиот материјал од таканаречените „бомби“ односно прислушкуваните разговори ќе се уништи! (?). Молам, ќе се уништи? Зошто? За да утрешните генерации немаат ниту едно сведоштво за Злото што ја стравовладееше оваа земја и овој народ дванаесет години? Туку-така ќе се уништи еден историски материјал, со кревање на рака односно притискање на копче на 80 пратеници? Со кое право, извинете?

 

Златко Теодосиевски