Support

Support
9.07.19   11:11

Прочитано : 286

Print This Article

Во речиси триесет години на независна Република Македонија, сега Република Северна Македонија најупотебуван збор, дипломатски, политички, владин, невладин, партиски, непартиски, новинарски, аналитичарски, експертски, академски, неакадемски беше и сe уште е поддршка. Тој збор беше алиби за сите наши надворешно политички и дипломатски неуспеси.

Тој збор ги покриваше сите наши волунтаризми, незнаења, племенски судири, пауперизација на сите слоеви со исклучок на шерифите од периодот на првобитната акумулација на капиталот,кој по било која основа стекнат, сега е во монетарно-финансискиот систем на оваа држава,а шерифите се стекнаа со нов код на препознавање и сеуште се недодирливи. Но,ова не е приказна за нив. Текстот е наменет за оние кои без зборот поддршка не можат да функционират и не само тие туку и нивните политички партии. Изговорениот збор поддршка од меѓународните фактори е неопходна супстанца за нивниот политички живот. Без тој збор тие одамна би биле заборавени. Зборот поддршка ги одржува на површина на надојдената река, која прети да ги однесе. И тамам тоа да се случи доаѓа спасоносниот збор поддршка. Но, малку потсетување додека лежите на песочните плажи на кои е достапен интернет.

Поддршката во првите години на нашето осамостојување ја немавме, од проста причина што бевме и неодлучни во започнатиот процес на распаѓање на екс Југославија. А дали има подобро место за опсервирање на тој процес отколку од Ренвег во Виена улицата од која по зборовите на австрискиот канцелар Метерних започнува Балкан. После падот на Берлинскиот зид дипломатската метропола Виена го поврати сјајот од студената војна. Австрија највеќе профитираше од падот на комунизмот во поранешните држави на КК монархијата. Двете екс југословенски републики, поранешни делови на КК монархијата секако, покрај Унгарија, Чешка и Словачка беа во центар на австриското внимание. За Бугарија се погрижи Германија, а за Романија Франција. Австрија со задоцнение покажа дополнителен интерес за Албанија. Србија влезе во војна која ние среќно ја избегнавме, но не за долго. Ние не знаевме за тајна дипломатија или попрецизно не ја препознавме нејзината професионална страна, па се измислуваа подоцна и некакви куферчиња со пари како доказ за дипломатски далавери. Хрватска, а посебно Словенија поинтензивно при крајот на 20 век дипломатски активно лобираа за идните држави, макар што беа дел од екс Југославија. Тогашна Србија се потпираше на традиционалните анимозитетети спрема Швабите, погрешна процена која сегашната гарнитура се обидува да ја поправи.

Централна Европа, односно сегашните ткн. “нови” членки на ЕУ рано го препознаа процесот на интеграција во ЕУ и НАТО. Сега во ЕУ се влијателен фактор. Во прилог им одеше и ослабена Русија, а Австрија го трасира патотот за враќање на сјајот сега без кралството Унгарија. Италија осети опасност од доминација на германската компонента во ЕУ, па заедно со Унгарија иницираа прва регионална соработка ткн. квадрагонале (Италија, Австрија, Унгарија и Југославија) која во ноември 1989 ќе прерасне, прво во Пентагонале со прием на Чехословачка (1990) а потоа и во Хексагонале во 1991 со приемот на Полска.Овие гонали беа претходници на формирање на ЦЕИ во 1992 година. Пред тоа државите од Централна Европа во февруари 1991 во унгарскиот Вишеград формираа ткн. Вишеградска група (Чешка, Словачка, Унгарија и Полска) инспирирани од Конгресот одржан во Вишеград во 1335 (Бохемија, Полска и Унгарија) кој промовираше побрз достап на овие држави на европските пазари. Се разбира ваква четворка на Балканот не можеше да се формира од познати причини. Сегашната ЦЕФТА со своите детски болести на демократијата и слободниот пазар тоа го потврдува.

Непотребно од наша страна, често неаргументирано, обвинуваната ЕУ а и САД, робусно го подржуваа процесот на унапредување на демократијата, почитување на човековите права и економскиот просперитет. На 10 јун 1999 во Келн се формира Пакт за стабилоност во ЈИЕ, на чело кој беше Е. Бусек, поранешен вице канцелар на Австрија. кој згасна во 2008 и се претвори во Совет за регионална соработка (РЦЦ) како закључок на министрите за надворешни работи на СЕЕЦП одржан во Софија. Впрочем СЕЕЦП е формиран во 1996 на иницијатива на Бугарија.

Подршка на државите од Западен Балкан продолжува со Самитот на ЕУ- Западен Балкан одржан во Солун во јуни 2003 кога се потврдени европските перспективи, а РМ споменаата по воената операцијата “Конкордија” во март 2003, операција на НАТО во РМ втора по распоредување на силите на ОН (УНПРЕДЕП) во март 1995, мисија продолжена до февруари 1999 кога силите се повлекоа, откако Кина стави вето на мандатот,поради признавање на Тајван, од тогашната влада на РМ.

Процесот на поддршка сепак продолжува. Германија која ја доби улогата на дисциплинирање на раскараните племиња на Балканот, под притисок и на САД, а и поради своите интереси го иницира ткн. Берлинскиот процес, овој пат по повод осетливиот процес на проширување на ЕУ. Копартнер на Германија во овој процес е Франција. Двете држави имаат различни концепти за иднината на ЕУ, но една иста цел да не се дозволи доминација на една од двете држави во Европа.

Оваа куса летна за подсенка анализа е направена да се дообјасни зборот поддршка, збор број еден на оваа влада во оваа историска година. Досадија на сите, поддршка па поддршка. Дали наведеното не е доволно да се се види колкава поддршка имаше РМ а сега Северна. Време е да се свртиме на нашите грешки. Не знаевме да играме дипломатски со нашите соседи. Денес тврдиме дека сме ги решиле сите проблеми со соседите ,што не е точно, тоа го тврди и претседателот Вучиќ,кој вчера(07. јули) на РТС не нарече северномакедонци. Да не ги набројувам изјавите на Дачиќ. Поддршка од надвор институционално и билатерално имаме. Не знаеме да ја искористиме. Чукаме на отворена врата. Ние немаме поддршка дома. Владините коалиции се калкулантски и меркантилистички. Нема владење на правото. Негативна селекција на кадрови е наш препознатлив код. Се бираат универзални незналици за советници. Министрите се за подобрување на партиските јасли а не за прогрес во ресорите. Партиите немаат идеолошка супстанца. Коморите се безидејни и регионални. Синдикат не постои. Нема социјално партнерство. Невладините организации се профитабилни. Студентите изолирани. Младите дома се дезорјетирани за надвор заинтересирани. Накусо, треба да бараме поддршка дома. Од надвор ја имаме и ќе ја добиеме. Дали ќе ја искористиме?.

Ѓорѓи Мисајловски

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести